Кој прв ќе ја спушти топката

Ердоган и Трамп мора да направат чекори, макар и симболични, во насока на намалување на тензиите, пред да биде предоцна и да се направи непоправлива штета врз односите помеѓу стратегиските сојузници од НАТО. Ваквото нивно опасно ривалство никому не му е од корист, а најмалку на Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган деновиве е на големи маки, водејќи битки на повеќе фронтови, како дома, така и на глобален план. Па, така, Ердоган од петни жили се обидува да го запре слободниот пад на турската економија и лирата, која, според некои процени, загуби дури 40 отсто од вредноста од почетокот на годината. И додека земјата тоне во долгови, шефот од Анкара сака со неортодоксни мерки да ја врати турската економија на прав пат. Поточно, турскиот лидер, од само нему познати причини, не ѝ дозволува на централната банка на Турција да ја брани лирата преку зголемување на каматите, бидејќи тој верува дека таквиот чекор всушност ја предизвикува инфлацијата.

Но домашните економски маки на Ердоган дополнително добија замав со акција од надвор. Тука, секако, станува збор за актуелната војна на „зборови и дела“ на релацијата Анкара – Вашингтон, во чиј фокус се тарифите, а најголема жртва по сѐ изгледа ќе биде турската економија. Па, така, полека но сигурно, домашната финансиска криза се претвора во политичка криза на надворешен план, во која главен спаринг-партнер на Ердоган му е неговиот колега од Белата куќа, Доналд Трамп. Деновиве сме сведоци на кулминацијата на меѓусебното „честење“ со тарифи и контратарифи за челикот и алуминиумот, при што ниту Трамп ниту Ердоган не сигнализираат дека ќе се повлечат барем еден чекор и ќе спречат натамошна ескалација и ерозија на односите помеѓу старите сојузници.

Во авторски текст за влијателниот „Њујорк тајмс“, турскиот лидер неодамна предупреди дека американско-турското партнерство би можело да биде во опасност и оти Турција наскоро може да почне да бара нови пријатели и сојузници ако „не запрат унилатерализмот и непочитувањето од САД“

Истовремено, Трамп и неговата администрација бараат итно пуштање на слобода на американскиот свештеник Ендру Бренсон, кој е во турски притвор уште од 2016 година, кога беше затворен под обвинение за тероризам и шпионажа поради негова наводна вмешаност во неуспешниот обид за државен удар во Турција истата година. Ердоган не е многу расположен да го ослободи пасторот, бидејќи се надева оти ќе успее да го убеди Трамп да го размени Бренсон за муслиманскиот религиозен лидер Фетулах Гулен, кој живее во егзил во Пенсилванија. Турскиот лидер инсистира дека токму Гулен е „мозокот“, кој стои зад обидот за смена на власта во Анкара. Сепак, ваквата размена е малку веројатна во претстојниот период, а за понатаму не се знае. Трамп досега повеќепати покажа дека знае да приреди изненадување на глобалната сцена.

Но администрациите во Анкара и во Вашингтон, предводени од двајцата „непоколебливи“ претседатели, имаат различни планови и пристапи за Блискиот Исток. Пред сѐ, Турција и САД поддржуваат различни страни во крвавата граѓанска војна во Сирија. И додека сириските Курди им се блиски партнери на САД, особено во борбата против Исламската држава и другите џихадистички разграноци, Анкара ги смета за терористи, поради нивните врски со курдските бунтовнички групи во Турција, кои не се откажуваат од барањето за добивање барем автономија.

Ердоган и Трамп мора да направат чекори, макар и симболични, во насока на намалување на тензиите, пред да биде предоцна и да се направи непоправлива штета врз односите помеѓу стратегиските сојузници од НАТО. Ваквото нивно опасно ривалство никому не му е од корист, а најмалку на Турција. И, за разлика од американскиот претседател, Ердоган барем сигнализира дека е свесен за опасноста по односите меѓу Анкара и Вашингтон. Во авторски текст за влијателниот „Њујорк тајмс“, турскиот лидер неодамна предупреди дека американско-турското партнерство би можело да биде во опасност и оти Турција наскоро може да почне да бара нови пријатели и сојузници ако „не запрат унилатерализмот и непочитувањето од САД“. Всушност, повеќе дипломати и експерти оценуваат дека партнерството веќе е доведено во опасност, во најголем дел поради турските потези, и дека Ердоган веќе почна со барањето нови пријателства и сојузи. Некои го потврдуваат тоа и со неговото флертување со Русија и со Кина, особено сега, во екот на понирањето на турската валута.

Сепак, и покрај тоа, не треба да се изгуби од фокусот фактот дека на Турција ѝ е потребен Западот, исто колку што Турција му е потребна на Западот. Интересно е што Европејците многу подобро го знаат тоа од Вашингтон. Ако има нестабилност во регионот, Европа прва ќе се соочи со последиците, а не САД од другата страна на Атлантски Океан.
Целта на Турција, како што заклучува влијателниот „Дојче веле“, треба и мора да биде цврсто партнерство со Западот. Иако западните земји можеби не се покажуваат секогаш како најдобри пријатели на Турција, тие остануваат сигурни партнери кога станува збор за безбедноста и стратегиските прашања.