Дали сте за пинџур, малиџано, толчена сол или…

Кога станува збор за референдумско прашање, нема простор за експерименти, калкулации или политички подметнувања. И ова важи генерално, независно што е предмет на референдумско изјаснување на граѓаните. Прашањето несомнено мора да биде кристално јасно, без ниту најмала трошка сомневање што сакал авторот да каже

Луѓето прашуваат за да стигнат до вистината, иако во животот често бројот на избегнати и неодговорени прашања е поголем отколку оној на добиените вистински одговори. Прашувањето е сржта на знаењето и претставува една цела наука. Начинот на поставување прашање во голема мера го детерминира и очекуваниот одговор. Македонија во моментов се наоѓа пред еден таков судбоносен чин. Какво референдумско прашање треба да им се постави на граѓаните, кое на најдобар начин ќе го отслика политичкиот момент и од кое прашање ќе произлезе јасен став на граѓаните. За почеток ќе си земам за слобода малку да експериментирам со можни варијанти на прашања, од различен дискурс.

Еве на пример: дали сте за плата од минимум 1.000 евра месечно, плус храна, превоз, К-15, детски додаток и други бонуси. Дали сте за тоа вашите синови да се борат на боиштата низ светот, додека синот на Трамп се сонча на Мајами бич? Дали сте за домашен пинџур, малиџано и толчена сол произведени на традиционален начин или нивна замена со преработени зеленчуци и зачини од Европа со пластичен вкус, без мирис, но завиткани во целофан? Дали сте за бришење на историјата за сметка на надежта за иднината? Дали сте за промена на уставното име на државата со промена на Уставот? Дали сте за членство во НАТО и во ЕУ со прифаќање на спогодбата со Грција? Дали сте за почитување на законите, меѓународното право и судските пресуди, вклучително и пресудата од Хаг или за нивно целосно игнорирање? Дали сте за почитување на Меѓународната конвенција за човекови права, вклучително и правото на самоопределување или сте против тоа? Дали сте за безбедносен чадор што ќе ве штити од надворешни закани? Дали сте за отворени граници и поголеми шанси за работа и иселување во Европа? Дали сте… итн.

Но клучниот проблем тука не се политичкото калкулантство и дворските игри на лидерите на политичките партии околу референдумот, Изборниот законик, цензусот итн., туку молкот и застојот во почитувањето и примената на правото од органите и институциите задолжени за тоа

Сите овие прашања може да бидат потенцијални варијанти и можни предлози на претпоставено референдумско прашање, за кое би се изјасниле граѓаните. Во некои од нив директно или индиректно се посочени евроатлантската перспектива, актуелниот политички моментум, но и меѓународно правните принципи и стандарди поврзани со тоа. Во други, пак, провејува доза иронија и сарказам, предупредувајќи токму на опасноста од двосмислени, повеќеслојни или нејасни прашања.

Разбирливо, на секое од вака поставените прашања би добиле и различен одговор. На двосмислените или повеќеслојни прашања, пак, едноставно не може да се одговори прецизно зашто одговорот не би бил точен. Затоа, кога станува збор за референдумско прашање, нема простор за експерименти, калкулации или политички подметнувања. И ова важи генерално, независно што е предмет на референдумско изјаснување на граѓаните. Прашањето несомнено мора да биде кристално јасно, без ниту најмала трошка сомневање што сакал авторот да каже. Македонија имаше искуство со референдумската кампања под слоганот „Некои прашања не заслужуваат одговор“.

Дали сега со непрецизно или манипулативно поставено прашање може да влеземе во опасна стапица. Сепак, за да бидеме докрај прецизни и јасни, мора прво да се разграничи што може, а што не може да биде предмет на референдумско изјаснување на граѓаните. Во многу текстови досега, повикувајќи се токму на уставните и законските одредби, токму во овој весник е посочувано дека предмет на референдум всушност не може да биде промена на името на државата, од едноставна причина што името не е добиено на референдум. Истакнати правници и експерти постојано повторуваат дека не постои ниту законска можност Собранието да распише референдум за промена на името на државата. Веројатно свесни за тоа, сега се оди на друга форма на референдумско прашање, каде што промената на името воопшто и не се споменува. Наместо тоа, се наведува членството во ЕУ и во НАТО, за кое, пак, ниту една политичка партија во државата нема ништо против и тоа е наша стратегиска цел уште од осамостојувањето до денес. Ако членството во ЕУ и во НАТО е наша стратегиска цел со години и децении наназад, зошто сега би се проблематизирало и би било предмет на референдумско изјаснување?

Патем, нели е малку нелогично сега да се спроведува референдум за ЕУ, а потенцијалното членство да дојде по 10-15 години, како што се прогнозите?! Но клучниот проблем тука не се политичкото калкулантство и дворските игри на лидерите на политичките партии околу референдумот, Изборниот законик, цензусот итн., туку молкот и застојот во почитувањето и примената на правото од органите и институциите задолжени за тоа. Оние институции и органи што треба да бидат чувари на Уставот и бранители на правото и законите се чини дека и сега, но и години наназад, се само неми набљудувачи што чекаат да видат кога и кому да се стават на услуга. Или, жаргонски кажано, играат улога на подизведувачи на партиско-политичките гарнитури.

Во едни такви околности, се добива впечаток дека политичарите можат да прават што сакаат. Дека на лидерска средба или надвор од неа може да договорат сѐ што ќе им падне на ум. Доколку не им одговара одредена законска или правна одредба, едноставно ќе ја променат и ќе донесат друга. Ќе променат закон, ќе сменат Устав, ќе распишат референдум… Народот и граѓаните се помалку важни. Ним, ете, ќе им се додели церемонијална улога на консултанти.

Може утре некому да му текне и со два гласа да протне некоја одлука. И сето ова поминува без одглас или барем мислење од органите и институциите задолжени за заштита и почитување на Уставот и законите. Можеби чекаат некој да поднесе претставка, дали името и Уставот може да бидат предмет на референдум, па потоа да се произнесат ако воопшто се произнесат и одлучат да излезат од длабоката и удобна ладовина.

Тоа не е така во најразвиените земји, на кои се угледуваме и кон кои се стремиме. Таму почитувањето на Уставот и законите е пред сѐ и над сѐ. Врховниот суд на САД, на пример, деновиве се произнесе и не дозволи референдум за поделба на Калифорнија на три дела, иако предлогот имаше поддржувачи во двете најголеми политички партии во САД. Сепак, судот воопшто не го зеде предвид интересот на политичките партии, туку се водеше само од интересите на граѓаните. И кога сме веќе кај САД, таму во една од државите почна пописот на мачките на улиците. Прогнозите се дека ќе трае три години. Во меѓувреме ние сѐ уште чекаме на попис на луѓето. Кога ќе почне и колку ќе трае ретко кој се осмелува да прогнозира.