Како човек да се носи со личните порази? Сите што го читате ова сигурно не еднаш сте ги имале и знаете дека не e голем предизвик да се соочиш со падот, да се кренеш, да си ја протресеш прашината, да си ги измиеш раните од колената и дланките и да продолжиш понатаму. Многу е поболна целата приказна кога треба да се соочиш со колективниот пораз. Е, тогаш навистина треба храброст, не во чинот на кревањето од правта во која си, туку во соочувањето со вистината дека тоа што ти ќе си го признаеш личниот пораз нема да ја промени реалноста. Со и без тебе, стварноста како општоприфатена состојба на нештата ќе продолжи да се простира во времето, во просторот и во луѓето. До конечниот општ пад, кој секогаш е молскавичен и во тресок. Некогаш не ви останува ништо друго освен да стоите и да сведочите на сето тоа. И толку. Општиот пад е стихиен. Силен. Тој не може да се запре. Тој не може да се превенира. Да се предупреди. Затоа што некогаш за да се слушне, треба да се има уши. За да се види, треба да се има очи. Така е запишано.
Го пишувам ова што многупати сум го кажувал. Со години. На некои луѓе многупати. На некои, непримерно многу. И сум пишувал за ова. Со трепет. Со страв дека сето ова ќе се случи. Од страв дека сме обречени. Дека нема да избегаме од грешките на минатото и дека повторно ќе го изодиме истиот пат на отфрлања на сопствените вредности и болно слугување на туѓи интереси, како што кажал поетот, за туѓи бели дворови, ќе си ископаме црни гробови. Еве, жалам, но се повторува. Трагично и болно. Тоа е. Од пишаното не се бега. Барем јас не мислам да бегам од она што е пишано, за мене. Моето писмо не го давам. Нека биде чатено.
Драги мои, кога ќе речеме јавно: „идентитетот ќе го зачуваме“, мора да бидеме свесни дека во тој момент кажуваме флоскула, аксиома, фраза, реченица што нема реална дејствителна сила да го изврши дејството на кое се повикуваме! Зошто? Затоа што идентитетот, особено кај луѓето и човечките заедници познати како народи, не е општо место. Идентитетот, драги мои, не е простор, локација, па дури ни локалитет. Идентитетот во неговата суштина не е дури ниту настан, дури ни колективен чин во мир или во војна. Идентитетот не е апстрактна идеја за состојбата на духовната, емоционалната и самосознателната стварност кај еден човек, кај повеќемина или кај големи групи или заедници, и на крајот кај нации. Идентитетот, драги мои, е еманација на конкретно време, конкретно место во кое се еманирал конкретен човек со конкретно дело! Значи, нашата потреба од заштита на идентитетот не може да биде остварена надвор од постоењето на еден човек или група на луѓе што во конкретно место и време создаваат конкретни дела.
Притоа, тие дела може да бидат објективни, во форма на запис или уметничко и визуелно дело. Но може да биде и конкретно субјективно дело на еден човек или на поименично позната група на луѓе што во определено место и време извршиле херојски чин што ги надминува можностите и способностите на другите членови на заедницата, па затоа се определува како посебно и со него се идентификуваат тие што не можеле да го направат тоа. А тоа дело потоа било објективизирано како колективна свест и идентификација во конкретни уметнички дела на конкретни автори, уметници. Значи, да утврдиме. Кога кажуваме „ќе го зачуваме идентитетот“, т.е. нашата посебност од другите блиски или слични на нас, тогаш мора да се повикаме на некого или на некои што го направиле тоа како пример за нашиот идентитет.
Ако треба да дебатираме за ова, тогаш сѐ што се кажало досега било бадијала или кажано залудно. Семе фрлено на камена плоча. Драги мои, кога говориме дека ни е загрозен идентитетот и дека мора да се бориме за него, тоа значи дека мора да произведеме нови места, нови времиња, нови луѓе и нови дела што ќе го афирмираат и потврдуваат идентитетот на Македонија и на Македонците. Најчесто тоа се прави преку создавање општествена атмосфера, плодна почва, „мелиоризирана земја“ од која ќе се родат филозофи, писатели, сликари, вајари, актери, драматичари, синеасти, музичари и изведувачи што ќе создаваат вредности на духот со кои се еманира нашиот идентитет. И поставете си го прашањето „шчо напраивме“ за тоа во последните триесет години. Навистина ли мислите дека раѓањето на Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле било само божја волја? Навистина ли верувате дека Коста Рацин, Ѓорѓи Абаџиев и Стале Попов биле плод на случајноста на космичката прашина? Не знам? Не сакам да одговорам на прашања што воопшто и не треба да се поставуваат! Недостојно е. И да, ова се реторички, прашања што не бараат одговори. Идентитетот не се новоизградени театри. Идентитетот се нови драматичари, актери и уметници. Идентитетот не се новоизградени музеи и галерии. Идентитетот се нови слики, скулптури и нови автори. Идентитетот не се археолошки локалитети. Ако не се еманираат со конкретни духовни настани, тоа се само камења и плочи. Идентитетот не е нова универзална сала. Идентитетот се нови композитори, музичари, пејачи и изведувачи.
Знам дека ова е лукративен и конјуктурен свет. Знам дека сѐ се продава и сѐ се купува. На продажба е духот. На продажба е емоцијата. На продажба е тагата. На продажба е и среќата. На продажба е дури и идентитетот. Проблемот со овие состојби на човековата душа е во тоа што, да, сите тие може да се продадат – ама не може да се купат! Вие можете да си купите центарфор за вашиот фудбалски тим. Вие можете да си купите хирург за да ве оперира на отворено срце.
Може дури и на пострашни места од телото! Можете да си купите архитект за да ви ја изгради најубавата куќа на светот. Но не можете да си купите дух со кој таа куќа ќе ја направите поинаква од сите други околу неа. Не можете на домот да му купите идентитет ако немате луѓе што сопствената слобода, сопственото поистоветување со таа куќа што вие сте ја изградиле не ја нацртаат, опеат, одиграат или раскажат така како што тие ја доживуваат. Како нивна куќа. Како нивен дом. Како мој дом. Со мои шимшир порти.
Јас ќе продолжам да си ја раскажувам мојата приказна, која ја раскажував и пред да ја споделам со вас. Ниту знам, а ниту сакам да правам нешто друго. Ги разбирам моќта и силата кога сѐ може да се продаде и сѐ може да се купи. Таков е светот на политиката. Но, идентитетот – е слободата да се биде слободен, а рековме, тоа не се купува. Слободата, драги мои, се заслужува. Јас мојата си ја заслужив. Сега нашата љубов најпосле е идеална. Речиси Платонова. Ништо не си должиме еден на друг. Ништо не очекуваме еден од друг. Сега сме слободни и слободно можеме да се срамиме. Еден од друг. Јас од вас. Вие од мене.
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“
Јани Бојаџи
































