Тајните на најдобрите просветни работници: Иле Михајловски, одделенски наставник од Свети Николе
- Драги наши читатели, дојдовме и до десеттото продолжение од рубриката во која ги споделувавме успешните приказни на дел од нашите најдобри наставници во државава. Тие споделуваа свои искуства, знаења и методи за да им помогнат на своите колеги и да бидат поттик за креирање поубава училишна клима. Секако, добро е што освен десетте што ги претставивме, има уште добри и квалитетни просветни работници за кои ќе пишуваме во некој следен циклус. Не случајно заокружуваме со просветниот работник Иле Михајловски, македонски финалист за наградата за најдобри наставници во светот
Иле Михајловски е одделенски наставник со тридецениско работно искуство во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Тој е прв наставник што во општината го отвора првиот дневен центар за деца со попреченост, каде што осум години ги прифаќа сите ученици и деца со посебни потреби од градот и од околните села.
Во текот на 30 години работа реализирал голем број проекти и обуки во кои е обучувач на наставници од општината, но и од целата државата. Веќе 20 години е поборник и промотор на инклузијата и на инклузивното образование. Така, во образовањето ученик со аутизам има сработено над 4.000 наставни листови и инклузивни материјали корисни за наставници, кои несебично ги споделува со многу колеги од земјава.
– Целиот мој работен век се трудев да не бидам наставник во „калап“. Три децении се раководам од тоа колку е важен примерот што им го даваш на учениците, но уште повеќе каков пример давам за себе во средината во која живеам, во државата, секаде. Секогаш бев, сум и до крајот ќе бидам оној што верува, дејствува и покажува дека сите деца се еднакви, но и различни, свои и токму тоа е најважно – вели наставникот Иле Михајловски.
Децениски акумулираното знаење и искуство во работата со деца со посебни потреби ги споделува на својот блог и веб-страница, кои своевремено беа први од таков тип кај нас. Координатор е на проектот во изградба на сообраќаен полигон за ученици со посебни потреби, во вредност од 4.200.000 денари во 2010 година, кој е прв и единствен полигон од таков тип во Македонија и пошироко. Исто така, преку проект прв ја носи асистивната технологија во општината, каде што самоиницијативно организира обука за сите наставници. За време на пандемијата е администратор за инклузивни часови и материјали во најголемата група на Фејсбук, „Балканска наставничка мрежа“, со која се опфатени над 40.000 наставници од државите на поранешна Југославија. Учесник и предавач е на голем број домашни и меѓународни конференции, трибини и тркалезни маси.
Подадена рака на децата со пoпреченост
Михајловски креира 48 видеолекции наменети за наставници и семејства на деца со аутизам на македонски, кои се преведени и на бугарски јазик и сѐ уште се активни и корисни, како за наставниците во Македонија така и за нивните колеги во Бугарија. Во својата општина, но и во државата тој е познат како активист, хуманист, организатор на голем број хуманитарни акции, каде што во фокусот најчесто се децата. Исто така тој е редовен поддржувач на децата од „СОС Детско село“, но и на активностите на сите основни училишта и училишни организации во неговиот крај, како и во државата. Освен што им помага на деца од ранливи категории, без родители и деца со посебни потреби, со своите акции им помага и на малите пациенти на одделот Онкологија и на предвремено родените бебиња на Неонатологија. Во голем број училишта донирал 3.000 книги, со цел збогатување фондот на училишните библиотеки.
Михајловски е финалист од Македонија на глобалната награда за најдобри наставници во светот „Глобал тичр прајз“ („Global Teacher Prize“) за 2024 година. Во Белград, соседна Србија, тој е прогласен за најдобар наставник во поранешна Југославија од страна на Здружението на најдобрите наставници од регионот.
За својата работа и поради големите заложби во воспитно-образовниот процес, наставникот Иле Михајловски е добитник на повеќе признанија, меѓу кои од Регионалниот актив на новинари Исток-Штип е прогласен за најдобар просветен работник во регионот. Добитник е и на признанието Просветен работник на годината од Општина Свети Николе, по повод Св. Никола, заштитник на градот, на признанието за најдобар наставник во основното образование на Општина Свети Николе по повод Денот на Светите Кирил и Методиј, потоа на признанието за просветен работник/ментор, исто така доделено од Општина Свети Николе. Михајловски е одликуван и со признанието „14 Септември“, кое се доделува по повод ослободувањето на Свети Николе, за континуирано и активно учество во образовните активности на општината. Ќе ги споменеме и Повелбата за хуманост, доделена од здружението „Мајка Тереза“ од Скопје, првата награда за најиновативна инклузивна компјутерска практика во рамките на проектот на УСАИД „Отворете ги прозорците“, како и на наградата „Гласот на невидливите“, за промовирање на работата со деца со аутистичен спектар.
Наставник, педагог, иноватор…
– Низ децениите работа се потковав силно со сите компетенции во својата работа како наставник, педагог, иноватор. Затоа нема да зборувам за иновативни практики, квизови, интерактивна настава. Си зедов слобода да кажам за нешто што во времето во кое живеат сегашните деца и ученици станува насушна потреба, а тоа е емпатијата – вели Михајловски.
Во екот на „пандемија“ на врсничко насилство, социјални и општествени поделби, „заборавеното“ домашно воспитување, особено последнава деценија сме сведоци на енормен број деца што имаат проблеми со анксиозност, депресија, агресивност, зголемено насилство, осаменост. Деца максимално заборавени или запуштени поради родителска негрижа и незаинтересираност.
– Сето ова ме боли! За жал, има многу деца што посегнуваат и по својот живот, кои имаат панични напади, кои се чувствуваат сами и заборавени. Поради тоа, последниве 15 години се трудам максимално да го делам примерот меѓу децата за емпатичност, толерантност, алтруизам, почитување, соработка, сочувствување, помагање – посочува наставникот Иле.
Тој сподели со нас дека во неговата сегашна генерација се случило двајца ученици од неговото одделение да загубат родител. Секако, невозможно е да се надомести таквата загуба, но може заеднички да им се покаже на тие деца дека не се сами.
– Наставникот е тој што може да иницира помош, како од соучениците, така и од нивните родители. Иако ова се тешки и тажни приказни, бевме тука сите заедно и со материјална помош, но и со енормна доза на љубов и поддршка за овие деца. Тагата е поподнослива кога се разбира и се дели – лекција што сите добро ја научија и ја почитуваат и споделуваат. Радоста ни е заедничка од сознанието дека моите ученици растат во успешни и добри деца – вели Михајловски.
Нашиот соговорник длабоко верува дека примерот што го дава еден наставник не е само во училницата туку и надвор од наставата. За него е важно како дејствува на учениците како наставник, а пред сѐ како човек.
Сјајот во очите на Димитар
– Една од претходните генерации мои ученици ѝ покажа на целата заедница дека нивното другарче со аутизам е изворот на љубов за сите нив, за мене, за средината во која живеат. Научија да сакаат безрезервно. Токму другарчето со аутизам ги наполни со чиста и искрена љубов, како никој друг. Душата ми се преполни кога оваа година ми се исполни желбата токму ученикот со аутизам да го испратам на дефилето на матурантите. Не за лична промоција, туку за сјајот во очите на Димитар, сјајот во очите на цела негова генерација и заради пораката што ја испративме до преполниот плоштад со граѓани – вели Михајловски.
Овој исклучително посветен наставник, не само кон наставата туку и кон децата, минатата година споделил една идеја со своите третоодделенци, која на почетокот не била баш најдобро прифатена. Но, нештата се промениле.
– Им предложив да ги израдуваме жените сместени во пензионерскиот дом со новогодишни подароци. Беа збунети, зачудени како на баби да им се делат пакетчиња и подароци. Сработија честитки, јас обезбедив подароци и заедно ги поделивме. Тогаш, кога им ги подаваа подароците на пензионерките, преку нивните насолзени очи и насмевките на нивните лица, разбраа колку радост тој ден споделиле. Оваа година сами прашаа дали ќе одиме и подготвени повторно споделивме радост во пензионерскиот дом. Една сторена добрина – изнедрува нови. Научија, а мене душа ми беше преполна со радост – раскажува наставникот Иле.
Минатата година, пребарувајќи по интернет, Михајловски го пронашол анимираниот филм „Момчето, кртот, лисицата и коњот“, кој го вклопил како дел од активностите за промоција на безбедна училишна средина. Освен неговите ученици, го изгледале и многу други во училиштето, но и низ државава.
– Направив македонски превод за филмот за да биде достапен за сите ученици, а ефектот по гледањето беше извонреден. Учениците многу лесно разбраа што значи да бидеш скромен, како да не бидеш сам и како да споделиш добрина, присуство, љубов, без да очекуваш нешто за возврат. Верувам дека многу од нив научија дека кога не очекуваш, се враќа многу повеќе оти е искрено и од срце – смета Михајловски.
Според него, токму сега, во ова време на отуѓеност, насилство, анксиозност и депресивност, наставниците им се потребни на децата и како директни примери на поддршка, љубов, разбирање, со кои ќе покажат дека вреди да се биде добар човек.
– Ако како сојузници во овие тешки времиња ги имаме и родителите покрај себе, длабоко верувам дека градиме и ќе градиме среќни и здрави генерации ученици. Затоа, итно ни е потребен наставен предмет Емпатија, но потребни ни се што повеќе наставници што се доследни примери на хуманост без политика, без врски, без пазар на оценки, туку се работи за квалитетни луѓе и едукатори -подвлекува наставникот Иле Михајловски.
Ф.Д.


































