Без некакво поголемо внимание помина информацијата дека Македонија беше избрана за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за периодот од 2027 до 2029 година. Многумина веројатно и не знаеја какво е ова тело, но штом е во рамките на ОН, секако е важно. Како и да е, во следните три години нашите дипломати ќе седат на една од клучните маси во Њујорк каде што се кројат глобалните политики и ќе носат одлуки што ќе засегаат многумина. Втора работа, несомнено ова е голем успех на дипломатијата, која успеала да излобира да го добиеме ова место, исто како што го добивме и заменичкото место во НАТО. Со други зборови, ова е доказ дека со активна дипломатија може да се добијат многу битки, а на тој начин и сивито на државата станува исполнето со повисоки достигнувања интересни и за оние што планираат тука да инвестираат во иднина. Нејсе, најважното прашање сега е како оваа позиција да ја преточиме во конкретна корист за државата, односно народски кажано да ја навртиме водата на нашата воденица. Некој веднаш ќе каже дека ЕКОСОК е глобално тело и не можеме тукутака да си ја туркаме нашата агенда, но колку и да е точно тоа, сепак секогаш постојат дискусии далеку од очите на јавноста, во кулоарите, во некакви меѓусебни договори, преговори, склучување сојузи… За мала земја како нашата, мултилатералната дипломатија е единственото место каде што нашиот глас тежи исто колку и на големите сили.
Иако ЕКОСОК на хартија не решава нечии политички или територијални спорови, ова тело ги контролира сите комисии на ОН за човекови и социјални права. Токму тука се отвора простор за т.н. „тивка дипломатија“, каде што вистинските договори се прават на маргините, далеку од камерите. Како полноправна членка со право на глас, Македонија добива огромен кредибилитет да лобира за сопствениот идентитет, па зошто не и за уставното име. Во овој сегашен фрагилен свет, кога се уриваат сите договори, правила, кога меѓународното право е помножено со нула, зошто во некаква идна констелација на светските случувања да не побараме од ОН да ја исправи неправдата со наметнатото име и да им дозволи на земјите што претходно нè признаваа под уставното име слободно да го користат во билатералните односи? Зошто ова прашање да не се отвори на седница на Генералното собрание на ОН, каде што се одлучува со просто мнозинство? Пак некој ќе каже името е завршена работа и ќе се согласам, но завршена е засега, утре никој не може да знае што ќе се случи. Па, и во Отоманската Империја едно време името Македонија не се спомнувало, туку целата поширока област Османлиите ја именувале како Румелија, па пак се смениле работите, па се вратила Македонија. Просто кажано, не можеш да го избришеш со некаков договор она што е дел од македонскиот геном.
Да се вратам на нашето членство во ЕКОСОК. Преку механизмите и експертите на ОН што реферираат до ова тело, нашата дипломатија добива директен терен да го актуализира прашањето за системското кршење на човековите права на македонското малцинство во Бугарија. Ова е шанса официјална Софија да се притисне за спроведување на пресудите од Стразбур. Треба да бидеме подготвени и ние да ги употребиме алатките што некој друг постојано ги употребува против нас. Имено, во ОН гласовите се најскапата валута. Големите сили постојано бараат поддршка за нивните резолуции, а Македонија наместо просто да крева два прста без нешто за возврат, сега може да се испазари: „ние ќе ве поддржиме вас ако вие ги поддржите нашите национални интереси“. Едноставно, овој свет се базира на интереси, не толку на пријателства, и затоа и ние треба да се однесуваме така.
Од ова членство може да имаме бенефит и од економски аспект, имајќи го предвид фактот дека ни нуди директен поглед во глобалните финансиски текови. Наместо постојано да чекаме некакви донации, фондови и помош од страна, сега можеме сами да ги диктираме приоритетите. Гледаме дека на секој ќош никнуваат капацитети за зелена енергија, која очигледно ЕУ ќе ја бара од нас. ОН имаат фондови преку кои можеме да привлечеме пари за соларни и ветерни централи, што ни е итно потребно поради намалувањето на јагленот и ЕУ-стандардите. Тука во старт ќе го штиклираме ова европско поглавје како исполнето.
Покрај тоа, местото во ЕКОСОК е еден вид „печат за стабилност“ пред Светската банка и ММФ. Тоа го намалува инвестицискиот ризик и ни отвора врати за полесен пристап до нови средства, особено важни за изградба на модерна инфраструктура која дополнително ќе ја засили македонската економија. Можеме да лобираме за сериозни грантови за технолошки развој со кои Македонија би се позиционирала како регионален ИТ-хаб, како база на ВИ-центри, па на тој начин да ги задржиме и младите во земјава така што ќе имаат добри примања.
Но она што е најважно, вистинскиот ефект од нашето членство во ЕКОСОК ќе го почувствуваме дома само ако нашите министерства си ја завршат домашната задача. Учеството во вакво високо тело ќе ги принуди нашите институции да подготвуваат сериозни, професионални анализи и да ги усогласат домашните закони со Целите за одржлив развој на ОН. Овој меѓународен притисок е одлична алатка да ги реформираме судството, администрацијата и социјалниот систем, што секако ни е услов и за евроинтеграциите, односно тоа е клучниот кластер – владеење на правото.
Македонската дипломатија веќе има искуство во вакви тела и покажа дека знае да плива во меѓународните води. Сега просторот за маневар е уште поголем. На крајот, местото во ЕКОСОК не смее да се сфати како можност за луксузно патување на ојлевци-дојлевци за фотографирање и постирање на нивните профили на социјалните мрежи, туку како канцеларија со работно време од 24 часа, која нема да затвори по истекот на мандатот за две години, туку ќе стане трајна база за интензивни дипломатски активности. Ова е златна шанса да докажеме дека не сме само неми набљудувачи туку држава што знае да се бори за себе. Прашањето веќе не е што ОН може да направат за нас, туку колку ние сме подготвени и способни да се послужиме од она што ни е сервирано на масата.
































