Не беше тоа одамна, кристализираа споменици во градот на Вардар, ги чекавме многу време (и изгледа дека таа тема сѐ уште е анатема). Ја памтиш онаа фестивалската: „…градот на Вардар е во длабок сон… го отворам пијаното барам златен тон… спис… скопјеспии…“ Но никнаа спомениците наеднаш, природно, и покрај образовната анатема… Недоброј нови, заборавени граѓани срипаа од минатото и… ги зафатија своите катастарски парцели, а недоброј љубопитни туристи ги исполнија улиците на градот… од посекаде на СВЕТ…
Се сеќавам… Еден во големата расправија „НИ ТРЕБААТ СПОМЕНИЦИ ИЛИ НЕ“ предвиде дека појавата на спомениците ќе предизвика создавање на нови работни места и дека спомениците се пред сѐ економска категорија што носи профит! Работни места!? И свест за длабоко цивилизациско жртвување на Македонците во суштината на европската култура???!!! Чуден човек.
Но во градот на Вардар се појави непознато работно место: туристички водич за Скопје! За само една година бројот на туристи што го посетиле Скопје го надмина охридскиот стандард! И денес агенциите имаат недостиг од туристички водичи за Скопје…
Еве еден, по него дузина странци одат кон мостот „Око“. Љубопитен сум, се приклучувам на опашката, водичот зборува течно американ инглиш, забавен е, гестикулира: …ШИТ ДИС… ШИТ ДЕТ… УОТ А ШИТ… и покажува кон спомениците, странците умираат од смеење… Вденувам разговор со последниот странец од опашката. Странецот насмеан ми вели: „Very funny guide. I’ve been around the globe amd never pop up a guide that spits over his city, culture and heritage. This must be a very free country“ и продолжува со смеењето…
Не беше тоа одамна… на една пријатна одрина среде градското зеленило (парцела сѐ уште непрепознаена од надлежните како локација за станбена зграда) нарачав кафе и почнав да пишувам колумна. Пишувам во школска тетратка (тетратките и така не им се потребни ни на учениците), а потоа ќе се помачам со компјутерот. Јас сѐ уште мислам дека објавувањето во печатен медиум е најбезбеден начин за документирање на минатото. Релевантноста, во секој случај, ќе има кој да ја процени. Покрај тоа, ова место има дарба за случајни средби и… еве еден. Сака да седне поради недостаток на сенка на соседната маса и додека да дојде пријателот… Ајде-ујде започнавме муабет, по гласот се сетив на водичот од мостот „Око“… Тој раскажуваше дека ја сака Македонија и дека знае, многу ја почитува Македонија… додадов уште неколку податоци за поткрепа на таа почит… тој нешто запиша… нагласив дека сите споменици во Скопје се цврсто врзани за своите локации и дека ниеден не е грчки… дојде пријателот, поседе, помолча и му даде знак за одење…
Не беше тоа одамна… се погоди една група странци пред Прометеј, кај таа скулптура наминувам често, имам почит кон тоа творештво… Водичот знае англиски и објаснува. Се изненадив: тој не зборуваше за интерпретацијата на митот, за симболиката на поставката, за контекстот во простор-времето, причината зошто е поставен во паркот на жената… Не… Тој зборуваше за набраното платно околу колковите на Прометеј и поентираше како во Скопје е единствениот Прометеј со гаќи… и му се смееја сите. Водичот беше задоволен како некој што остварил поставена цел… еден од скопските минувачи спомна дека водичот бил угледен професор… Се прашувам како ми успева да се најдам на вакви настани!? Да не е ова општа секојдневна претстава!!!
Не беше тоа одамна… на аџилак, редовно, одам Кумановско. Таму има еден многу постар споменик – Клечовски Камен. Таму, во неверојатноста и мистеријата на камениот олтар, кој е пристапен само за најчистите души, Драган Богдановски го минал сето детство (трева, готова да пламне – такво е детството, трева готова за жетва – да отвори место за вистината)…
Таму, покрај Пчиња, староседелците од Шупљи Камен ми раскажаа шега, анегдота за еден загубен Французин – турист или авантурист… Не знам да кажувам шеги, но ова е поентата: Загинат во грмушките, Французинот налетува на момче и девојче и прашува француски: ВУ ТУРИСТ? А момчето одговара: А БЕ, МИ ТУРИСМО, АМА ВИ ДОЃОСТЕ, ПА МИ ИЗВАДИСМО… потоа му го покажал патот. На крајот Драги од Шупљи Камен посоли: ЕТЕ, ШТО ТИ ЗНАЧИ ДОБАР ТУРИСТИЧКИ ВОДИЧ… и ние се насмеавме.
Вангел Божиноски

































