Упатство како да уништите држава – за несаканите последици контактирајте ги „држалотворните“

Македонија тивко умира однатре. За упатството како да уништите држава без испукан куршум обратете се кај „држалотворните“. Тие знаат и умеат како да ја деградираат државата, а потоа тивко да ја згаснат. Гледам знаат и подобро: како да го заробат народот во земјата. Одземи му ги документите за патување и иселувањето е запрено. Како што ветија, исполнија.
Но, да се обидам да ги сумирам чекорите што треба да ги преземе политиката за да ја урне сопствената држава. Најпрво создајте поделба. Во етнички поделено општество тоа не е проблем. Доволно е да се одржува стравот од можна сецесија и да се дозволи малцинството да владее по вештачки креирани вонуставни алатки за еднаквост во општеството. Направете ја секоја криза во меѓуетничките односи многу полоша отколку што всушност е и држете ги луѓето во страв. Осигурете се дека секој што го доведува во прашање авторитетот е закана за севкупното добро на сите.
Следен чекор е да креирате „едно општество за сите“ со кое општеството се трансформира во општество на „сите за никаде“. Претворете ја Македонија во двојазична или повеќејазична и мултикултурна земја, зашто историјата нѐ учи дека ниту една нација не може да ги преживее тензијата, конфликтот и антагонизмот на два или повеќе конкурентни јазици и култури. Измисли „мултикултурализам“ и засади го верувањето дека сите култури се еднакви, дека нема културни разлики. Прославете ги различноста и единството знаејќи дека различноста не ја прави нацијата голема – единството на поединци го прави тоа.
Следно што треба да направите за да ја урнете државата е да всадите чувство на презир за сопствената земја, историја и колективното сеќавање на народот. Понижете го народот и, следствено на тоа, создајте презир кон националните херои, со што ќе ја елиминирате секоја почит кон благородните принципи на кои е положена вашата историја. Уште подобро, избришете ја историјата обезличувајќи ја нацијата и направете патриотизмот да не ви личи. Поканете ги нашите непријатели да живеат слободно меѓу нас затоа што, ако сме добри со нив, ќе им се допаднеме. Ако нѐ уништат, ние ќе бидеме виновни што не сме доволно добри за нив. И никогаш не смееме да ги нарекуваме тоа што се.
Затоа, затворете ја рационалната дискусија со етикетирање на секој што не се согласува со вас како фанат, хомофоб, ксенофоб, нацист или фашист. И да бидете во тренд, прогласете ги вашите неистомисленици како русофили и антиевропски сили.
Следен чекор што треба да се преземе во технологијата на распаѓање на државата е да се дозволат беззаконие, корупција и неконтролиран раст на криминалот. Колку поголем криминал, толку побрзо општеството се деградира. Исто така, замаглете ја логиката. Убедувајте ги луѓето дека живеат во новата реалност на дезинформации и невистини. Откако ќе се изгубат сета разумност и рационалност, јавноста ќе биде подложна на секоја лага што ќе ѝ се пласира. Како онаа дека сме ги почнале преговорите со Европската Унија.

И, секако, наградете ја неспособноста. Дајте несигурни, неинтелигентни, дебилни личности на власт и држете ги таму со демонизирање на нивниот противник. Притоа акумулирајте огромен долг, кој ќе ги осакати економијата и иднината на нашите деца и внуци. Создајте постојана долна класа на луѓе низ сиромаштијата во државата, отстранувајќи го поттикот за работа, рушејќи ги достоинството и хуманоста на луѓето, сето тоа во име на сочувството со нив.
Дозволете либералните екстремисти да се инфилтрираат во образовниот систем. Учете ги децата дека оваа земја е без историја и минато и дека била неморална од нејзиното основање. Никако не смеете да ги научите да бидат критички мислители, туку научете ги да бидат несигурни во сѐ и себе и понизни со испрани мозоци. Одржувајте ја меритократијата, која ќе доведе до обесхрабрување на студентите од напорна работа, ниска продуктивност, слаби перформанси, професионална неефикасност, поткуп и корупција. Со слабо образование повеќето од студентите вешто ќе манипулираат на својот пат за да добијат работа без заслуга.

Па така, пациентите ќе умираат во рацете на таквите лекари и истражувачи; зградите и мостовите ќе се урнат во рацете на таквите инженери; ќе се изгубат парите во рацете на таквите економисти, сметководители и политичари; правдата ќе биде изгубена во рацете на таквите судии; криминалот и корупцијата ќе бидат дозволени во рацете на таквите полицајци; медиумските извештаи и оценки ќе бидат пристрасни во рацете на таквите новинари и писатели; следната генерација ќе страда во рацете на таквите родители. Колапсот на образовниот стандард ќе доведе до колапс на еден народ и одумирање на државата. И, за крај, изберете политичари како кај нас, кои малку или воопшто не го почитуваат Уставот или кој било друг закон на земјата, но ќе го цитираат Уставот кога тоа одговара на нивната политичка агенда и дрско ќе лажат дури и кога вистината е очигледна. И, бидејќи населението е во голема мера замаено и пасивизирано, тоа ќе верува во она што политиката го кажува без прашање.
Кога ќе го направите сето ова, верувањето во државата станува фантазија, слободите што ги уживавме се илузија, а нашата доверба во владата е погрешна. И најстрашно од сѐ: кога ќе го сфатиме тоа, ќе биде доцна за државата. Како што е доцна за Македонија.

Проф. Звонимир Јанкулоски