Фото: Официјална фејсбук-страница на Арбен Таравари

Претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари закажа партиски конгрес што ќе се одржи вечерва во хотелот „Александар палас“ во Скопје од 19 часот, додека поддржувачите на Зијадин Села исто така закажаа партиски конгрес во Скопје, в недела.

Пратеникот од АА, Халил Снопче, кој припаѓа на крилото на Таравари, го најави денешниот вонреден конгрес, меѓудругото пишувајќи „промената започна“ во повикот на социјалните мрежи.

Минатата недела на Централното собрание на Алијансата за Албанците, со кое претседава Зијадин Села, беше донесена одлука за одржување конгрес на партијата на в недела во Скопје, на кој ќе се одлучува за иницијативата што ја донесе централното собрание на АА, за разрешување на Арбен Таравари од претседателската функција во партијата.

Министерот за правда, Кренар Лога, кој е поддржувач на Зијадин Села, соопшти дека конгресот на АА ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје, в недела од 13 часот.

Расколот во Алијанса за Албанците се случи откако актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари побара поддршка од членството за коалиција со албанскиот опозициски блок, по што претседателот на Централното собрание Зијадин Села на прес-конфереција објави дека е против одлуката АА да се приклучи кон албанскиот опозициски блок на претстојните избори. Тој смета дека партијата треба да оди самостојно на избори, а конечната одлука да ја донесат партиските тела.

Таравари доби поддршка од поранешните министери Фатмир Меџити и Азир Алиу, а покрај Села, на Таравари му се спротивставија и министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути.