Танцување на работ на тотален колапс

Скандалот со Клиниката за онкологија не ја прелеа чашата на незадоволство од власта во Македонија. Всушност само го откри она што со години го зборуваме: дека Македонија е болна држава во процес на пропаѓање и многу лесно може да биде класифицирана како пропадната држава. Во меѓународното право, една држава се смета за „пропадната“ кога нејзината власт во голема мера е распадната и нефункционална и таа повеќе не може да ги извршува основните функции на својата територија. Поточно, кога таа држава во основа нема капацитет да ги исполни обврските што произлегуваат од нејзиниот суверенитет. Терминот опфаќа широк опсег на бирократски и други гревови и се користи за различни нивоа на лошо владеење.

Што друго можеше да се очекува од корумпирана политичка класа, неспособна склеротична бирократија, бездушна економија, поделена и апатична јавност, кои не ги лекувавме со години. Она што е жално: нѐ научија да живееме со симптомите на пропаднатата држава како да е тоа нормална состојба. Или мислат дека нѐ научија. Зашто молчиме. Изгледа научени сме само да страдаме и трпиме. И толку.

Ако некој мисли дека премногу е смело тврдењето да се користи терминот „држава во пропаѓање“ за Македонија кога сите белосветски мешетари ни велат дека сме на чекор до Европската Унија, немам намера никого да убедувам во спротивното. Зашто доволно е да се погледне околу себе за да се стане свесен дека како што времето одминува овој феномен сѐ повеќе ќе се влошува. Македонија не успеа. А и ние со неа. Секој ден се соочуваме со различни реалности, секој ден власта нѐ потсетува дека оваа држава нема дно на пропаѓање. Нашите искуства со оваа држава се поразителни, депресивни и оптоварени со неуспеси на кое и да е поле на општественото живеење.

Ние, сите заедно, танцуваме на работ на тотален колапс. Изгледа веќе не може да се негира дека мнозинството во оваа држава нема избор, зашто оваа трагедија на пропаѓање трае премногу долго и остава трајни последици по животот на луѓето. Можеби не постои консензус за тоа што претставува пропадната држава – но знаеш кога ќе се разбудиш дека она што изгледа како ноќна мора на вредносно и духовно пропаѓање е реалноста што треба да ја живееш и преживуваш на дневна основа.

Ние не разговараме за Македонија како пропадната држава. Се самозалажуваме дека сме на чекор до Европската Унија, без да ги доживуваме како политички аномалии политичките конфликти, изборните малверзации, политиката на поствистина, неополитичкиот тероризам (систематска употреба на сила, закана со сила и страв во политиката за стекнување моќ), политичката апатија, политичката манипулација. А сите тие политички аномалии всушност се предворјето на држава во пропаѓање, која без национална цел и политичка визија се претвори во игралиште за политички безрбетници и чудесна земја за најразличните измамници и лопужи. Како врв на процесот на нејзиното пропаѓање се лагите. Вистина е дека ниту една земја или нација што е изградена на лага никогаш нема да се надева на вистински развој, што ќе се карактеризира со стабилен, исправен и одговорен политички систем. Може да се надева само на пропаѓање, на ништо друго.

Напразно се трошиме чекајќи промени од владата, која не се ни преправа дека владее. Сѐ повеќе изгледа дека Македонија нема да излезе од спиралата на пропаѓањето. Македонија е на работ на социјална експлозија, а гледам никој не се потресува за тоа. Можеме да останеме и понатаму тивки и во изолација, да се плашиме и да се криеме од Владата, да дозволиме нашиот момент да се сврти кон ништо друго освен кон нашата пропаст. Или, можеме колективно да го промениме начинот на кој размислуваме, зборуваме и дејствуваме. Она што ни недостига се слободата, довербата и времето што ни кажува точно кога да се мобилизираме и да дејствуваме како слободни граѓани во демократија. Зарем не е сега моментот да дејствуваме кога државата се наметна како арбитер на животот и смртта на своите граѓани? Зарем кога животот е ставен на коцка од корумпирана и бескрупулозна власт не е моментот за социјална мобилизација и вистинско лидерство? Зарем сега не е време да ги замениме оние од власта? Гершом Шолем, еврејски филозоф, овие моменти ги нарекува „пластични часови“. Хана Арент, германска филозофка, ги нарекува „револуционерни ситуации“. Јас би ги нарекол клучни моменти кога може и мора да се дејствува. Лавци, модуларната болница, мртвите од ковид-пандемијата и конечно онкологија се моменти што не може да поминат незабележано и потрошено. Колку такви моменти нѐ одминаа. Тивко и незабележано. Овој пат е доста. Зашто плаќаме прескапа цена за некомпетентноста на оваа власт. Со нашите животи. Ако сакаме да опстанеме како држава, сите треба да го дадеме нашиот дел за да ги уништиме системите што генерираат нејзино пропаѓање и да изградиме подобра земја, која ќе ни служи на сите. Затоа е потребно политичкото лидерство да ја согледа реалноста на државниот неуспех и да се обиде да ги разбере основните причини за неуспехот и да поведе. Сѐ дотогаш Македонија ќе биде политичка аномалија, која ќе пропаѓа како држава сѐ додека не се дезинтегрира. А со неа и ние како пропадната нација. А верувајте во овој процес сме на брза лента.