Смрт на фашизмот – таксират на народот

Нашиот сегашен (вистински) идентитет останува ист, непроменет во текот на историјата и секогаш достоинствено испливува од под малтерот и од под густите идентитетски наслаги, премачкувања, прекрстувања, илузии, притисоци, промени на личниот опис во кафезот на геополитичките и историските неправди…

Клуб со библиотека од над 2.000 учебници, историски книги и дел архивски материјали отвори бугарскиот премиер Кирил Петков во центарот на Битола. Прошетка и до Охрид, „лулката на Болгарија“…
Историјата е важна. Изучувањето на историјата е темел на демократската култура. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот, во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени… Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка, изјавуваат и категорички тврдат бугарски политички официози.
И, еве сме и во 2022 година, одново во тешкото оро на хипермакедонската свадба, во уште едно премреже, со сцени од еден вековен историски драмски набој, заплет и перипетии.
Со свесно и смислено посегање и буричкање во историјата, со нескриени официјални деструктивни акции, координирани и потпомогнати од насилната и неодговорна политика на Унијата и големите сили и нашите ни мили соседи, без пардон и усул одново се прават обиди за разнебитување на македонскиот реалитет, негово пасивизирање и перфидно вплеткување во ко божемни демократски лавиринти и транснационални текови. Повторно, бочни удари однадвор, но и однатре врз македонското достоинство, што го отежнува одржувањето наша идентитетска критичка самосвест.
Некој ќе помисли и ќе рече дека се подгрева клима за епската тема. Како по правило сме колатерална жртва на големите стратегии, нови заговори против нас, опасни становишта, вруток на нови илузии и митологии.
Три децении, притисоци, закани и бременити ситуации во кои апсурдот ја има својата главна, суштинска улога и ни трага од извесноста, за доближување до претпоставката за скоро завршување на траумата наречена спор за името, јазикот, идентитет.
А ние само се обидуваме да го одбраниме нашето универзално право да останеме тоа што сме и кај сме. Не загрозуваме никого и не му крадеме историја никому. Ќе ги славиме сите личности и настани што на кој било начин нѐ поврзуваат само откако ќе сфатат и прифатат дека ние сме Македонци со свој јазик, духовно наследство, историја, обичаи, песни, мирно племе, кое бара место под сонцето со милениуми и на своја почва.

Но историскиот развој на македонскиот национален дух и идентитет, и покрај премрежињата, мистичните лавиринти, сцили и харидби, пронаоѓа начини да се штити, крепи и одржи, среде виорот на антимакедонските стратегии, приспособувајќи се на невремињата на Балканот, со константни манифестации на својата енергија преку востанија и борба против непријателите. А денес, четврт столетие од нашата современа форма на држава, закрепнува нов стадиум на историскиот развиток на нашата Македонија, преку изблици на новата самосвест на Македонците. Новите Македонци којзнае по кој пат ги поразија антимакедонски Македонци, со презир отфрлајќи ги во најоддалечените ѓубришта на својата автентична и отсекогаш единствено посакувана визија за Македонија.
„Словенскиот карактер на современата македонска нација и јазик од некои внатрешни и надворешни беше претпоставена рамка и главна основа за заедничко прифатливо решение меѓу Грција и Република Македонија – ’фантомската, коминтерновска’ творба“. Истата стара приказна и слична бајата епска реторика продолжува и се ползува и во спорот и со уште еден наш сосед.
Да, така некако. Сега засега, како и во минатото, луѓе ја пишуваат историјата. А тие, како што знаеме, се смртни и лесно расипливи, особено историчарите. Интересот и властољубието лесно може да ги наговорат за соодветни верзии на митологии. Од таквите околности, всушност, започнаа голем број недоразбирања, толкувања, крвави безредија и воени дејства на ридестиот Балкан во поново време. Повторно се подгрева клима за епската тема. И понатаму сме колатерална жртва на големите стратегии, нови заговори против нас, опасни становишта, вруток на нови илузии и митологии.
Но од историското депо, изминативе плурални лета, некако срамежливо и скромно започнува да извира една малку поинаква и тивка историја. Од подземните пребогати архиви и историски депоа почна да се откопува и наѕира една скриена и со векови премолчувана цивилизација, која до пред извесно време беше настрана изговарана со шепот.

„Една земја на југот, многумина сe обидуваат одново да ја уништат. Преку неа ќе се кршат многу копја. Заради неа народ е подготвен да војува. Жителите на таа земја неколкупати ќе бидат пред тотално уништување, но кога ќе минат тие премрежиња, војни и војувања, таа земја одново ќе се роди, а неа ќе ја води еден човек кој отпрвин ќе биде омразен, а потоа сакан и почитуван. Таа земја многумина нема да ја сакаат и ќе се обидат да ја уништат на секој можен начин. Многу луѓе таму се алчни и заради многу вредни и драгоцени работи, многу крв ќе биде пролеана. Во таа земја се имаат случено многу војни во минатото. На крај таа земја ќе допре до самиот Бог и ќе биде почитувана од сиот свет“, слови ракописано пророштво од древните книги.
Нашиот сегашен (вистински) идентитет останува ист, непроменет во текот на историјата и секогаш достоинствено испливува од под малтерот и од под густите идентитетски наслаги, премачкувања, прекрстувања, илузии, притисоци, промени на личниот опис во кафезот на геополитичките и историските неправди… Mакедонскиот народ е горд на своето славно минато, чувствува огромна љубов за својата родна земја, која го инспирира и поттикнува во континуитетот на борбата за заслуженото место под сонцето на светските народи.
Од бурните медиумски дебати пред некое време ќе остане забележана и запаметена емотивна изјава на млад политички аналитичар…, „дури ние [македонската страна] погрешно да ја интерпретираме историјата тоа е наша историја, по ѓаволите. Ние имаме право на наши национални митови, па нека се и грешни. Така што таа [бугарска] позиција е шизофрена. ’Смрт на фашизмот – таксират на народот‘“.
А историјата? Таа често знае да биде збир на индивидуални митологии, секогаш останува книжевна измислица и ја претставува третата димензија на фикцијата.

Автор: Аљоша Симјановски