Скриена историја на злото: време е да ја расчистиме историската депонија на комунизмот

Говориме и ги осудуваме злосторствата

на фашизмот и нацизмот речиси
секојдневно, ги учиме нашите деца историски и морални лекции и сведочиме за жртвите на фашизмот. А со толку малку исклучоци, речиси молчиме за злосторствата на комунизмот. А жртвите се меѓу нас, незабележани, отфрлени, тивки и исплашени

Сте ги виделе жртвите на комунизмот? Сте ги слушнале нивните приказни? Сте ги споделиле нивната тага, нивниот очај, нивните солзи, нивниот страв, кој не е исчезнат и денес? Секако, не. А и зошто би. Тоа се луѓе од минатото. Невидливи за историјата и заборавени од политиката. Кој би сакал да се сеќава на своето срамно минато? Секако не бившите комунисти. Идеологијата што ветуваше утопија креира пекол на земјата за овие луѓе. За жал, ни по триесет години не успеавме да ја уништиме привлечната „магија“ на тоталитаризмот и комунизмот, зашто длабоко се навлезени во свеста на наследниците на идеологијата на злото. Тие продолжуваат да заведуваат со својата отровна привлечност и, во моменти на криза, ранливите, слабите и очајните се привлечени кон нив. Затоа мора да се сеќаваме на минатото за да не се повтори и да ги рехабилитираме оние што страдале и биле жртви на комунизмот. Па макар бил и со човечки лик.
Очигледно дека колку и да се трудиме да ја игнорираме историјата, прашањето на жртвите на комунизмот ни се враќа циклично и постојано. Малкумина се сеќаваат дека било поставено претходно и како изгледал одговорот. Македонија сиве години на транзиција остана резистентна на потребата да ја признае монструозната историја на комунизмот. Да признае дека беше дел од најсмртоносната фантазија во историјата на човештвото. Но дали некому му е грижа во оваа држава за тоа? Очигледно не, зашто не го разбравме радикалното зло: комунизмот. Останавме необјасниво рамнодушни и нељубопитни за најсмртоносната идеологија во историјата. Очигледно немавме желба да бидеме искрени со историјата за да ги научиме нејзините лекции. Одбивавме да ги слушаме гласовите на жртвите за да го видиме лицето на злото во Македонија. Можеби некој има заблуда дека „социјализмот со човечки лик“ како синоним за комунизмот на овие простори беше помалку репресивен. Напротив. Тоа беше тоталитаризам по мера на човекот – зло по мера на човекот. Сиве години се обидувам да го анализирам функционирањето на меморијата, селективната меморија и заборавот, или поинаку кажано – играта на паметење, делумно сеќавање и заборавање за годините на комунизмот и демократската трансформација на Македонија.

Да ја разберам хибернацијата на јавниот дискурс околу жртвите на комунизмот и слоевите на меморија и заборав за нив. Сѐ со цел да ги направам видливи „скелетите“ скриени во плакарот на македонската историја. Да појаснам. Коректното значење на изразот „скелет во плакарот“ се однесува на скриен извор на нешто скандалозно или срамно што се случило во минатото. Тоа, исто така, означува неоткриен факт за лице или лица што би им наштетил на неговата/вите социјална и политичка положба во заедницата доколку се открие и се изложи на јавноста. Во нашиот случај на бившите комунисти и нивните наследници, кои продолжија да живеат комотно со своите „скелети“ скриени во плакарите на историјата.
Македонија предолго заборава и затвора очи пред срамното и болно минато на комунизмот. Заглавени во лагите немаме пат напред додека не се соочиме со вистината за она што ни се случуваше во минатото. Време е Македонија да ги ексхумира скелетите од својот комунистички плакар.
Отпакувајќи ја заборавената историја на злото мора да се заврши „незавршената револуција“ во Македонија и да се поттикне европеизацијата на антитоталитаризмот. Концептот на „незавршена револуција“ ја пренесува идејата дека комунистите задржуваат токсично и постојано влијание врз современите демократски институции и дека овие креатори на злото треба да бидат отстранети од јавниот живот. Зарем сѐ уште некој има дилема по сѐ што ни се случува последниве години дека неуспешна транзициска правда е патент во опстојувањето на поранешната комунистичка елита затскриена зад лажниот демократски аутфит. Гледам како Македонија прифаќа епохален, монструозен, непростлив двоен стандард. Говориме и ги осудуваме злосторствата на фашизмот и нацизмот речиси секојдневно; ги учиме нашите деца историски и морални лекции и сведочиме за жртвите на фашизмот. А со толку малку исклучоци, речиси молчиме за злосторствата на комунизмот. А жртвите се меѓу нас, незабележани, отфрлени, тивки и исплашени. Не треба да се обидувате да ги намалите злосторствата на фашизмот за да се вклучите во дебатата за злосторствата на комунизмот.

Ние очигледно сиве години бегаме од таква расправа како ѓавол од крстот, наместо да се соочиме со нашето срамно комунистичко минато. Одбиваме да им оддадеме чесна почит на оние што страдале во комунизмот и да изразиме соодветна претпазливост за некои решенија што се предлагаат за нашата колективна иднина. Особено кога доаѓаат од наследниците на комунистите. Изгледа тоа е само пуста желба зашто не успеваме да се поврземе со минатото онака како што тоа го бара современата историја, свесно одбегнувајќи го феноменот на демократизација на историјата. Во Македонија државно спонзорираното сеќавање останува доминантно средство на интелектуално и духовно поробување на народот во транзицијата. Затоа нема да слушнеме за жртвите на комунизмот, нема да им се извиниме за злото што го трпеле, нема да им оддадеме почит на овие луѓе, нема во нашите училишта да се учи вистината за комунизмот, за оние што го оправдувале и го потхранувале злото во Македонија и за оние што херојски му се спротивставиле.

Колку едноставно е кога прашањето на жртвите на комунизмот се обидувате да го сведете само на рехабилитација на Бугарите – жртви на комунизмот во Македонија, за кое власта гледам е подготвена да расправа. Надевајќи се да заборавиме дека рехабилитацијата на жртвите на комунизмот е многу повеќе од тоа: осуда на скриената историја на комунизмот, компензација за злото и сеќавање на репресијата и страдањата на жртвите на тој систем. Изгледа предолго живееме во историската депонија од минатото, што полека некои се навикнаа на реата што ја шири во македонското општеството. Оние што не се навикнаа очајно продолжуваат да посакуваат да го дезинфицираме срамното минато. Триесет години не успеваме да го расчистиме историското буниште на комунизмот. Изгледа време е.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски