Моите јубилеи и генерациските крстопати

Деновиве и годинава (2022) бележам неколку приватни јубилеи, години на заокружени бројки. Ќе пишувам за некои од нив, со замолница до читателите да не го сфатат текстот како злоупотреба на весникот од моја страна, а се во блиска врска со него.
Значи вака, влегов вчера, фала му на Бога, во својата седумдесет и петта година од животот. Денот кога со брат ми Јанку сме се родиле близнаци. Тој прв, јас втор. Разлика од близу два часа, што е ретка појава во медицината. Според кажувањето на татко ми, на патот меѓу Ресен и Битола, каде што сме се родиле, имало два метра снег, тој го поминал пеш да нѐ види. Такви биле зимите, долги, снежни и студени. Иако може да се кажат многу необични приказни, толку се зборовите за раѓањето дете од национално мешан брак, од татко чист Влав, мајка Македонка.
Сега нешто за животот помешан со кариерата.
Врват 55 години откако сум дојден во Скопје и точно 50 откако почнав со редовна работа во весникот „Нова Македонија“. Во неа и со неа ги поминав годините од студентската клупа до пријавата во Заводот за вработување, во 2003 година, кога НИП „Нова Македонија“ отиде во стечај, вкупно 32 години.
Поминаа рамно десет години како сум во пензија, 15 откако се откажав од цигарите, 15 како земам апчиња и мерам вредности на шеќер во крвта. Јубилејни ми се деновите од 1982-та, откога почнав редовно да одам во лов на риби. Нејубелејни а долги ми се годините од дружење со пријателите во тениското кафуле на хотелот „Александар палас“, кај Штерјо, редовното искачување и пешачење, главно сам, без друштво, на Водно (11) и барање и собирање печурки (7) со поетот Санде Стојчевски, сликарот Стефан Хаџи Николов и Ило Гајтан, гимназиски сокласник.
Наесен, ако даде Господ, ќе бидат пет години од моето враќање на страниците на возобновената „Нова Македонија“, единствениот медиум што ја задржа и продолжи асномската мисија на државата Република Македонија и се бори за суштинските национални интереси на македонскиот народ.

Со весникот „Нова Македонија“ првпат се сретнав есента 1963, на мои петнаесет години. Тоа беа деновите на атентатот на Џон Кенеди, претседателот на САД. Дедо ми Ташку, кој неколку години поминал како печалбар, продавајќи банани и друго овошје во Бостон, Масачусетс, ме праќаше да му го купувам весникот, беше заинтересиран што се случува во Америка. Оттогаш за мене весникот стана нешто возвишено, свето.
Не се срамам да кажам една вистина. Кога како студент минував на улицата, тогаш ЈНА, сега Кирил и Методиј, секогаш го фаќав спротивниот дел од старата зграда на „Нова Македонија“, од почит, но повеќе од некое необјасниво чувство дека во неа се одвива нешто недофатливо и недостижно за мене. Улицата липова, незаборавен е мирисот од цветот во јуни и ран јули. Од едната страна прочуената кафеана „Букет“, од другата монтажниот објект на МНТ со бифето викано „Прљаво казалиште“. „Прљави“ беа и бифето и „Букет“, но фанатично привлечни за новинари, глумци, писатели, поети, сликари и нивни дружби, од машки и женски род.
Нели се рекло одамна дека животот создава разни чудни приказни, дека пишува романи.
По распишан конкурс, на 15 февруари 1971 година, примен сум како новинар приправник во весникот „Нова Македонија“. На 15 февруари, следната, 1972-та сум примен, со решение, во постојан работен однос, соработник во рубриката Скопска хроника, кај што се учеше занаетот. А нѐ примија едно десет-петнаесет на број, последната група примена со завршено средно образование. Бев четврта година на Филозофски факултет, група Југословенска книжевност со македонски јазик, со три заостанати испити од трета и цела четврта. Само четири месеци подоцна, во јуни 1972, ги положив сите испити. Дипломирав, им пратив експрес-телеграма на родителите, тоа беше многу радосна вест за мајка ми.
А во „Нова Македонија“ славни имиња и презимиња што ги читав во весникот. Никого не познавав лично. Анте Поповски, своевидна легенда, генерален директор. Илија Зафировски главен и одговорен уредник. Славните Бранко Заревски, Бане Ковач, Лазо Наумовски, Никола Ковачевски, Атанас Бабата пред заминување во пензија. Творечка генерација во полна сила: Панче Михајлов, Раде Огњановски, браќата Димче и Јордан Бражански, Душко Малевски, Свето Серафимов, Наум Начевски, Велко Коцев, Милчо Коцев (не беа род), Никола Кирков, Цветан Станоевски, Бранко Варошлија, фоторепортерите Ацо Ревија и Томе Бучки. Учители, обучувачи за приправници Борис Поп Ѓорчев и Верољуб Андоновски (татко му на Венко). Прв уредник во Скопска Благоја Антиќ.

Генерација што настапуваше: Драгољуб Лазов, Јован Павловски, Спасе Шуплиновски, Димитар Башевски, Миодраг Мицковиќ, Зоран Михајлов, Ѓорги Гоџовски, Невенка Митревска, Ѓоко Поповски (брат на Анте), Бошко Нацевски, Филип Симоновски, Марко Черепналковски, Ѓорѓи Ајановски, Бошко Бошковски, Слободан Петровиќ, Ѓорѓи Механџиски. Ликовно-графички уредник на весникот Петар Глигоровски, викан Перо Генералот, автор на првиот македонски анимиран филм. Фоторепортер Живко Јаневски, нов, проуметнички сенс во фотографиите.
Каде сите новинарски волци, таму и Панде. Спој на искусни, на млади и на почетници. Република Македонија беше во национален залет, „Нова Македонија“ доследно ја следеше. Ние, новаците, гледавме, секојдневно трчавме по ситни вести и се радувавме кога ќе си ги видевме иницијалите во весникот. Беше правило, Редакцијата имаше непоколебливи професионални стандарди. Првата година, додека трае приправничкиот стаж, се потпишуваш на текстот само со иницијали. Дури во втората може да ти се појави првата буква од името и целото презиме. Тоа беа норми тогаш. Потоа, како што минуваа годините, се менуваа ветровите, така и содржините на весникот. Низ бурите се менуваа и односите меѓу луѓето. Но тоа е друга долга и комплицирана приказна, која, најверојатно, никогаш нема да биде точно раскажана.
Уште во првите месеци по приемот, од поголем дел од членовите на Уредувачкиот колегиум бев оценет како талент број 1 и најнадежен во својата генерација. Најверојатно од тие причини ги толерираа мојот младешки бунтовен дух, однос и говор. Сега, по толку минати години, актуелно е прашањето што остана од тој долг период, изоден пат од млад и надежен новинар до доајен. Од времето на црната бујна коса до ќелавоста? Од времето кога ги памтев секој датум и географско место, секое запознаено лице, сечие име и презиме до деновите кога треба голем напор да се сетиш на името и ликот дури и за оние што некогаш ти биле во близина? Некои работи ги памтиш како да биле вчера, други ти се избришани од меморијата, од тоа што од неа останало.

Пред многу години се потсмевав кога читав дека секој млад бунтовен човек со текот на годините, кога ќе подостари, ако остане при здрава памет, станува конзервативен. Така се случувало и со најголемите мислители, филозофи, револуционери, владетели, војсководци, со луѓе што учествувале во промени на светот. Кога се присетувам на тоа мислење, сѐ уште сум во дилема дали е така. Дали комплексноста составена од смиреноста, искуството, падовите и кревањата, вклучувајќи ги сомневањата, може да се подведе под конзервативизам или мудрост? Можеби е мудрост, но која никому не му служи, дури ни на сопствените деца, кои градат свои животи и светови.
Имам чувство дека судирот меѓу старите и младите, меѓу родителите и децата, меѓу искуството и неопитноста, меѓу младешкото брзање и старечкото кочење е еден од генераторите на сегашната општествена, државна и, особено, национална македонска криза. Генерации на крстопат. Судирот меѓу таканаречените проевропејци и македонистите, присутен и јавно манифестиран, меѓу историјата и реалноста, меѓу минатото и иднината, е генерацискиот расчекор што залак по залак ја јаде Македонија. Вештачки создадените политички проблеми, прифатени од неискусните и брзи „слепи кучиња“ во највисоката македонска политика, ќе ја остават државата без јубилеи или ќе ѝ бидат наметнати нови што порано беа во сферата на фантастичноста. Приватните секој ќе си ги тера по свој ќеф и волја, ако државата не се замеша и во тие лични човечки емоции. Може да ги замолкне или забрани, за што никнуваат и првични знаци.

pande.k@novamakedonija. com.mk