Реституција

Се случи случка од собитиен карактер. Историски чин. За првпат во нашата држава успешно е извршена реституција на културно наследство. По една деценија, 20 наши икони од 18 век и од 19 век, кои се дел од нашето богато културно наследство, се вратени дома. Тоа е грижа за нашето историско и културно наследство. Враќањето на иконите од Албанија е пример, модел на демократија и дипломатија во градењето добрососедски односи со сите наши соседи и е заедничко задоволство на двете земји и на добрососедска политика изградена врз принципите на ЕУ.
Реституција – враќање артефакти, споменици, културно историското наследство во земјите од каде што сето тоа потекнува и припаѓа, долг временски период е еден од суштествените проблеми на современата цивилизација. Сјајот на златните маски, монети, предмети, артефакти, културно-историски споменици што ги красат витрините на музеите на моќните империјални држави, библиотеки, цркви, манастири или се дел од депоата на приватни колекции, со децении и векови ги побаруваат земјите од каде што тие потекнуваат. На многу од тие држави тој вид културно историско наследство им е потребно и неопходно, како сведоштво, потврдено со факти, во чинот и дејствата на составување на сопственото историското битие, идентификација и конституирање на мозаикот текови низ вистински праведни историски визури. Многуте факти и историски извори покажуваат дека од Македонија бесправно е однесено неверојатно големо културно наследство, а тоа говори за богатите наслаги во културното и националното опстојување на македонскиот народ во минатото. Меѓутоа, обидите на македонското институционално искуство за враќање на однесеното богатство, но и искуствата на други земји, пред сѐ Грција и Египет, укажуваат дека враќањето и покрај постоењето мноштво меѓународни конвенции и регулатива е речиси невозможна мисија.

Горливиот проблем на реституција е во извесна смисла и основната идеја и базична драматуршка архитектоника на долгометражниот игран филм „Охрид травел ејџенси“. Охрид во насловот го симболизира карактерот на градот и просторот на целото подрачје на географска и етничка Македонија, простор пребогат со историја, археологија, скриени подземни архиви и артефакти, но и простор – ветрометина од кој безмилосно се откопува нејзиното богатство, се разнесува на сите страни на светот, делумно се уништува, што во некоја рака е бесчестие, обид да се разнебити и да не се дозволи испишување и конституирање на македонскиот древен мозаик, една од најбрилијантните страници на светската историја.
Во туристичката агенција „Охрид травел“ во Њу Џерси, САД, која во еден дел е антикварница и сувенирница, имаше средба и разговор меѓу сопственичката Вера, родена Американка од татко Македонец и мајка Еврејка по потекло од Грција, и средовечен господин, Џорџ – кој се претставува како истражувач на древната историја на Македонија. Тема на разговорот е информацијата за потеклото на еден антиквитет /реплика/, сребрен крст украсен со гравури, изложен во витрина на агенцијата. Во разговорот за предметот – кој, според зборовите на сопственичката Вера, потекнува од Македонија, Џорџ се надоврзува на одговорот, го посочува точното место на потеклото. Притоа демонстрира брилијантни познавања од археологија и историја. Информациите и знаењата што ги стекнал во истражувањата низ библиотеките во Вашингтон и Њујорк, подготвувајќи научна студија – докторска дисертација за древната историја на Македонија. Тоа ѝ го привлекува вниманието на Вера и нивната следна средба се одвива во елитен ресторан на Менхетн, каде што, со оглед на сродните естетски и интелектуални склоности, доаѓа до понатамошно зближување меѓу нив.
Џорџ стекнува наклоност и голема доверба кај Вера. Поканет е на вечера во домот на Вера во елитен богат кварт во Квинс, каде што ќе му биде претставен на 90-годишниот Крис Танов, богат Американец роден во Македонија, дојден во Америка пред 80 години. Крис за време на работниот век печалел и тагувал за стариот крај, за родната Македонија, која е распарчена, разнебитена, пљачкосувана од арамии и белосветски авантуристи, кои нејзините богатства бескрупулозно ги краделе, разнесувале и ги распродавале по белиот свет. За време на животот купувал, откупувал и собрал фантастична збирка на предмети, старини по потекло од Македонија. Меѓу нив се и неколку десетина антиквитети, кои, според значењето, ја доведуваат во прашање и историјата на целиот Балканскиот Регион.

Крис Танов решава да ѝ ја подари целата своја збирка на родната Македонија. За место на донацијата е одбран древниот град крај синото езеро – Охрид.
Донацијата предизвикува интерес во регионот и во светски рамки. Но тоа на многу од соседите, а и на внатрешни непријатели и недобронамерници не им одговара. Следуваат голем број опструкции и перипетии, закани. Подготовките за донацијата се одвиваат под високо државно покровителство на Република Македонија и САД, земјите стратегиски партнери, кои се дел од овој благороден величествен цивилизациски чин и напор. Се спроведуваат атрактивен пиар, презентации, пресови. Медиумска покриеност и будност има и кај соседните држави, кои не се одушевени од текот на настаните.
Поставката е подготвена во црквата „Света Софија“ во Охрид. Но вечерта пред отворањето и претставувањето на колекцијата се случуваат кражба и инцидент во музејот. Украдени се десетина /вредни и важни/ антиквитети. Голем дел се вандалски оштетени. Следуваат скандал и разочарување. Истрага. Известен е и донаторот Крис Танов во Њујорк. Од својот дом во Квинс, неподвижен во инвалидска количка, седнат покрај својот омилен антиквитет, визура од Охрид со „Св. Јован Канео“, копаничарско дело резба во дрво, тој се јавува преку видеолинк и порачува да не се радуваат и да не ликуваат сторителите и душманите. Сѐ што зеле и оштетиле се само верни копии… „вистинските предмети, македонската колекција е на безбедно, кај мене… ова беше само обид, проба… вистинските предмети ќе ѝ бидат дарувани кога за тоа ќе биде време, наскоро… поздрав… да живее Македонија…“. Копаничарската глетка со Охрид и Канео се трансформираа во денешна слична визура.
Горенаведеното и напишано е еден вид синопсис, информација за идниот филм или серија. Отворен повик до заинтересирани продуценти, вљубеници во филмската магија, истражувачи на историската вистина и правда за Македонија.

Аљоша Симјановски