Македонецот во 21 век

Во време на продолжена колективна траума низ која минува македонскиот народ (благодарение на вавилонската политика на Брисел, „добрите“ соседи ама најмногу на нашите божемни елити), кога најмногу се зборува и (главно емотивно) се реагира на сè што се однесува на македонството, веројатно е чудно воопшто и да се поставува прашањето што значи денес да си Македонец/ка. Некои можеби и ќе ми замерат што воопшто отворам ваква тема, кога, нели, сите знаеме кои сме (а другите се тие што нè негираат). Точно е, во идентитетската математика равенката гласи „А не е еднакво на Б“. Со други зборови, идентитетот најчесто се детерминира на негативен начин, низ објаснување што не сме, која е таа разлика и специфика што нè прави уникатни. Но ако имаше нешто добро во бившата југословенска држава, во која минав половина од животот, и најважно оние формативни години, тоа беа две работи: прво, патриотизмот не беше озлогласен – напротив; и второ, немаше контрадикција помеѓу политичкиот/државниот и националниот идентитет (југословенскиот и македонскиот идентитет коегзистираа, и не само што не си пречеа, туку и се дополнуваа). Ако и воопшто научив што значи да се сака татковината и да се осознаам како припадник на народ што е горд и вреден, а не да се срамам од него, тоа беше во тој период.
Не, не плашете се! Немам намера да зборувам за југоносталгијата (иако мнозина ја чувствуваат, ама се плашат дека нема да бидат добри и „чисти“ Македонци ако ја признаат). Друга ми е поентата! Јас имам (а верувам и мнозинството) македоносталгија. Ми недостига времето кога не морав никому да му докажувам која сум и што сум, кога талентите и способностите ги насочував кон развивање на својата личност, односно кога се чувствував како граѓанин на светот. Бидејќи, да, тоа беше третата одлика на „она време“: чувството на космополитизам, интернационализам, припадност на човечкиот род, солидарноста со угнетените каде и да се во светот. Денес сме ставени во една толку недолична, мизерна и понижувачка ситуација што се докажуваме меѓу себе кои сме, какви сме, дали сме – и уште да поддржуваме империјалисти и геноцидни политики.

А времињата се сменија, се менуваат уште побрзо. Ние како нација старееме, Македонија се претвора во земја за пензионирање – и умирање. Сè помалку деца се раѓаат, а тие што ги родивме се на разни меридијани – успешни, потврдени, ценети. Ајде, нема ни во таа насока да одам, сепак е празнично време за верниците. Поентата ќе ви ја раскажам низ неколку вистински приказни. Сцена бр. 1: крај на летото 2020, она пандемиското кога мислевме дека смртта ни чука на врата. Годишен одмор не доаѓаше предвид, но на еден ден појдовме до Св. Наум. Едвај и да имаше луѓе, а времето прекрасно, езерото како бисер, време на тивко уживање. Во водата си играше едно преубаво девојче со црна боја на кожата. Ми беше логично да помислам дека мора да е дете на семејство од некоја дипломатска мисија во Македонија. Мајката, исто така црномуреста убавица, го бришеше нежно и му зборуваше нешто што не можев да го слушнам. Но веќе во следниот миг, однекаде се појави таткото, кој гласно довикна: „Ивана, дојди да видиш нешто!“ И тогаш сфатив дека девојчето е Македонче. Изненадувањето траеше само еден кус миг, зашто веќе следниот се прекорив себеси: зошто се чудиш, зарем твојот Дарио ќе го отпишеш од Македонците само затоа што татко му е Канаѓанин? Такви Македончиња имаме расеано како бисери низ целиот свет. Пред само некој ден, мојата „школска“ Ана ја сподели среќата за внучето родено на Нов Зеланд. Но тука е и еден друг пример (како контратежа): мојот драг и ценет пријател има сопруга од Кина, а неговите две прекрасни девојчиња одат на училиште во Скопје. Наша стара (сега покојна) пријателка си роди две прекрасни момчиња (убави, да ги грабнеш да бегаш би рекол народот) со сопругот, студент од Ирак. Неодамна добив на подарок книга од млад брилијантен поет што носи словенско име и арапско презиме, ама срцето му чука во седумосмински такт. Интересен е и случајот на мојата пријателка од Куманово, која од македонско-српски брак роди два сина, од кој едниот е женет за Бугарка. Слушајќи ги јазиците и разговорите околу себе, внуката ги прашувала: а што сум јас? Нема ни неколку месеци кога на социјалните мрежи се вртеше една весела сцена, на млада жена од Кенија, која во знак на радост што добила македонско државјанство пееше „Македонско девојче, китка шарена, нема, нема не ќе се роди…“. Измами толку љубов и насмевки од тие што ја видоа заедно со свекорот и другите од семејството. Сега и еден сосема „локален“ пример: една млада жена, која ми е многу драга и ја сметам за брилијантна, неодамна стана мајка и често ми праќа сликички од нејзиното чедо; сопругот е со турска националност. Но тој себе се смета за Македонец, а богами сосема искрено би додала дека е и голем борец за македонството. Ќе рече некој дека дијаспората е стар феномен, дека нашите стари одамна заминувале во гурбет (што би рекле во крајот на мојот дедо Угрин, Галичник, а и самиот тој работел своевремено во Александрија). Сепак, новината е што глобализацијата денес си го прави своето: младите се наоѓаат, се вљубуваат, создаваат семејства, некои таму, а некои овде. А ние како да мижиме пред овие промени и сме се фатиле за некаков идеал на архетипскиот Македонец, кој одамна и не постои.

Што е за мене поимот Македонец/ка, барем во нашиот политички/државен контекст? Поточно, прашањето би требало да гласи: што би сакала да видам како македонска нација во овој историски миг (кога навистина треба да застанеме на нозе, и рамо до рамо, како нација, како демос)? Би сакала да видам заедница на луѓе налик на француската. (Без да ја идеализирам Франција, ниту да го заборавам нивниот колонијален историски багаж…) Концепцијата врз која се создала таа нација накусо и наједноставно гласи: секој што има француско државјанство е Французин. И точка. Човекови права – да, ама не и колективни квоти, клучеви, делби и образовна и друга сегрегација. Нам ни треба отворање на „чакрите“, на умот и разумот, за да сфатиме дека нашата нација е нешто поинаква, ама и побогата од онаа во 18, 19 или дури и 20 век. И овие промени не може никој да ги запре. Дури ни „дуизацијата“ на ова општество, кое вештачки го делат и сегрегираат, во некакви етнички стада, квоти и „наши“ и „ваши“ – дури и по цена авионите да почнат да се уриваат поради етнички навивачки сентименти. Насилниот (всушност, терористички) напад врз контролата на летање на скопскиот (меѓународен!) аеродром е најдобрата илустрација до каде доведе таквото однесување.
Охрид мора да си остане само Охрид, престолнина на духовноста, на културата, природата, убавината. Оној другиот „Охрид“ нè уназади, нè тера да се гледаме низ нишан, како соперници, а не како сограѓани. Македонија треба да биде на Македонците, а Македонци (во политичка смисла) сме сите без разлика на родот, расата, полот, социјалното потекло, верата, јазикот итн. Јас друга формула за опстанок не гледам. Ова што го опишувам овде како менување на супстратот на нацијата е светски феномен и не ни се случува само нам. Ако сме и уникатни по нешто е по тоа што дозволуваме други да ни кажуваат кои сме, па уште ни велат дека треба и да ги задоволуваме нивните налудничави барања. Македонството е динамична категорија, ама не е пластелин врз кој секој јабанџија ќе остава отпечаток.
Она што овде нè спојува е единствено љубовта кон оваа земја, Македонија се вика, а во која сме се родиле или сме ги родиле своите деца, желбата да си го направиме ова заеднички дом во кој ќе владеат грижа едни за други, приврзаност кон социјалната, а не етничката „правда“. Патриотизмот е она што може да нè спаси. Зошто ако патриотизмот го протераме како да е лош национализам, тогаш кого ќе сакаме? Сами себе? Својот егоизам и самољубие? Мојата коза да живее, а таа на соседот на цркне? Македонството е нешто многу поголемо од она што го замислуваат мнозина верувајќи дека се добри и големи Македонци или Албанци или припадници на други групи. Ало! Ова е 21 век. Тој носи нови предизвици и иднината нѐ повикува сите заедно да ја направиме подобра. За нашите потомци.