Последна шанса! (2)

Каков било позитивен, оптимистички поглед на францускиот предлог, може да биде заснован само на доверба во ЕУ и меѓународната заедница, доверба во СДСМ и ДУИ и доверба во Бугарија! А таа ја нема, потрошена е!

Барајќи одговор дали францускиот предлог е последна шанса, неминовно се потсетуваме дека ние, Македонија и Македонците, во минатото сме имале безброј такви последни шанси. Сега, за оваа последна шанса, прашањето се одговара и демантира многу брзо, бидејќи самите поддржувачи во истата реченица со последна шанса ќе кажат и „следните предлози нема да бидат подобри“. Каков било позитивен, оптимистички поглед на францускиот предлог може да биде заснован само на доверба во ЕУ и меѓународната заедница, доверба во СДСМ и ДУИ и доверба во Бугарија! А таа ја нема, потрошена е! За довербата во ЕУ и меѓународната заедница, како и во СДСМ и ДУИ, пишував претходно, а сега за довербата во Бугарија. За довербата во Бугарија треба да се вратиме најмалку во 2017 година, годината кога е склучен Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.
На еден месец пред склучувањето на договорот, во јули 2017 година, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со „М-проспект“, објави истражување на јавното мислење „Добрососедството и односите со Бугарија“. Слично истражување е спроведено и четири години претходно, во 2013 година. Со двете сум одлично запознаен како автор на истражувачките извештаи. Што можеше да се дознае од тоа истражување? Односите со соседите се важни за Македонија е став на големо мнозинство граѓани. Во однос на 2013 година се подобрува оцената за односите со соседите и се намалува перцепцијата за опкруженост со непријателски соседи – ниту еден сосед не е најпријателски е намален од 22,8 проценти во 2013 година на 17,9 проценти. Граѓаните на Македонија според пријателското однесување го рангираат секој од соседите од пријателски кон непријателски по следниот редослед: Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. Најголемо подобрување на перцепциите има Бугарија! Најмногу граѓани (59,6 отсто) сакаат еднакво добри односи со сите соседи, а потоа најблиски односи посакуваат со Србија и Бугарија, а најмалку со Косово (2,5 отсто).
Погледнати односите со Бугарија, националните политичари се најголема пречка за поинтензивна соработка меѓу Македонија и Бугарија. Додека во 2013 година најголема пречка за поинтензивна соработка беше историското непријателство, во 2017 година тоа се националните политичари поради нивните теснопартиски интереси. Историското непријателство и во 2017 година е на високото трето место, со 24 отсто, но промената на местата на двете прашања го истакнува значењето на националното лидерство. За големо мнозинство граѓани е важно да се подобрат односите/соработката меѓу Македонија и Бугарија. За да се подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија, граѓаните сметаат дека се потребни подобрување на инфраструктурата и граничните премини и соработка во културата, забавата и спортот. Се чини дека граѓаните преферираат пристап во кој прво ќе се зголеми меѓусебната комуникација, а потоа ќе се адресираат поконтроверзните прашања, како заеднички прослави на настани и херои.
Накратко, од 2013 до 2017 година, Бугарија станува најсосед број 2, по Србија, пред Албанија, а подобрувањето на односите е важно за големо мнозинство граѓани, со очекување за подобрување на инфраструктурата и соработка во културата. Тоа беа очекувањата во 2017 година, а што добивме? Националните политичари во Бугарија, пред сѐ Бојко Борисов и ГЕРБ, наместо за лидерство за подобри односи, се одлучија за вето! Има две верзии за контекстот во Бугарија за ветото, ниту една не е поради национални интереси, како што се прикажува, туку поради лични и теснопартиски интереси на Бојко Борисов и ГЕРБ! Во првата верзија се деловни интереси. Кога бугарската позиција „сакаме да го добиеме тоа што го доби Грција“ се интерпретира во историско и географско разграничување, се исклучува и што доби Грција во деловните односи. А ги доби Стопанска банка, најголемата банка во земјата, „Окта“, единствената нафтена рафинерија, акции во „Телеком“ и многу други бизниси. Во политичката чаршија се шпекулираше дека бугарската листа на придобивки не ја сочинуваат заеднички прослави, туку листа на фирми за преземање, од Комерцијална банка, втората најголема банка, акции во „Телеком“, една национална телевизија до повеќе рудници. Наводно, оваа листа му била ветена на Бојко Борисов од Зоран Заев, а не е испорачана.
Вториот контекст е политичкиот. Во тој период, на владата на Бојко Борисов и ГЕРБ коалициски партнер е ВМРО-БНД, а тогашниот лидер Красимир Каракачанов е министер за одбрана. Во услови на политичка криза и постојани протести против Бојко Борисов и ГЕРБ од центарот и левицата, Бојко Борисов се одлучува за спречување загуба на гласови на десницата и за неутрализација на ВМРО-БНД, со преземањето на „македонското прашање“, единствената кауза на ВМРО-БНД. Така, Екатерина Захариева, тогашна министерка за надворешни работи од ГЕРБ, и Андреј Ковачев, европратеник од ГЕРБ, стануваат погласни и пожестоки непријатели на Македонија од Красимир Каракачанов и ВМРО-БНД. ГЕРБ не ги доби последователните избори, но обезбеди ВМРО-БНД да не влезе во парламентот.
Бојко Борисов и ГЕРБ постигнаа одреден теснопартиски интерес, но ги влошија македонско-бугарските односи до најниско ниво. Дополнително ја вплеткаа Бугарија во вето за кое нема разбирање во ЕУ. Тука се вмешува Румен Радев, претседателот на Бугарија, кој го внесува прашањето на Бугарите во Уставот на Македонија, како маневар на поместување на бугарските барања во полето на човековите права. Но тоа не доведува до разврска. По неуспехот на Кирил Петков, либералниот премиер на Бугарија, да го реши ветото, за тоа се понудува тој што го направи ветото – Бојко Борисов. Бојко Борисов во обидот за повторен камбек и свој римејк како најважен бранител на Западот во Бугарија, во сенка на војната во Украина, меѓу другото го обезбедува мнозинството во бугарскиот парламент за симнување на ветото. Решаваш проблем што самиот си го направил и се прогласуваш за прозападен лидер. Но духот на историските непријателства се ослободи и нема едноставно да се врати назад. И нема ниту една гаранција дека некој бугарски политичар, зошто не пак Бојко Борисов и ГЕРБ, од теснопартиски интереси пак не го јавне бранот на антимакедонство.
Кога очекувавме подобрување на односите, подобра инфраструктура и нови гранични премини, поголема соработка во културата, од Бугарија добивме вето не за национални, туку за лични теснопартиски интереси, и се подигна чувството на непријателство на ниво каде што некој политичар ќе се обиде пак да го употреби. И затоа довербата во Бугарија е изгубена, потрошена!

Авторот е аналитичар*
*Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #НЕ