Фото: Планет лабс

Сателитските снимки американската „Планет лабс“ покажуваат големо оштетување на авиобазата на Крим и неколку уништени руски воени авиони по експлозиите што се случија пред два дена, јави „Би-би-си“.

Во руската воена база во Новофедоривка, лоцирана во западниот дел на Крим, завчера се случија неколку експлозии, при што загина едно лице. Украина не презеде одговорност, но новите докази сугерираат можност дека станува збор дека базата е нападната.

Снимките покажуваат големи области на изгорена земја по пожарите што избувнаа по експлозиите. Главните писти на базата најверојатно не се оштетени, но најмалку осум авиони се уништени.

Но, сè уште не е јасно како е оштетена базата и со какво оружје. Русија тврди дека експлозиите биле предизвикани од муниција што експлодирала во магацините, а Украина, која не ја презеде одговорноста, сугерира дека експлозиите можеби се предизвикани од невнимателност.

Основачот и директор на истражувачката новинска агенција „Белингкет“, Елиот Хигинс, преку Твитер посочи дека не може да се сети кога Русија загубила толку средства од авијацијата во еден ден.

– Можам да распознаам три кратери на локации за кои се чини дека биле користени за складирање, па можно е да биле целени и се друго било уништено кога експлодирале. Една можност за толкување на овие кратери се прецизни удари со муниција за долг дострел, што би значело дека странува збор за муниција од голем калибар – објаснува Хигинс.