Функционери за во второ одделение

Изминатиот период во јавноста зачестија примери на безобразно и недолично однесување кон припадничките на понежниот пол. Веројатно, само е иронично (непланирано) совпаѓање што овој инцидент со родова дискриминација на функционер на ДУИ спрема градоначалничката на Скопје и директорката на комуналното претпријатие на градот се случува кога Бирото за развој на образованието објавува наставни програми, според кои, учениците уште во второ одделение треба да учат за родова рамноправност и почит кон жените. За жал, домашната политичка реалност покажува знаци дека соодветна програма за обука за родова рамноправност и толеранција им е потребна на многумина што се сметаат за политички фактори во земјава

Во период на годишни одмори, особено во „ферагосто“ (како што велат Италијанците), се чини дека и најголемите политички и општествени скандали можат да поминат (по)незабележано на радарот на јавното мислење, а инцидентите дури и да не бидат ни регистрирани. Според таквото „верување“, понекогаш се „кројат“ и агендите за некои политички одлуки и случувања. Сепак, на македонската политичка сцена таква промисленост и дисциплинираност, дури и за воздржување и прикривање скандали и инциденти, се чини сѐ уште е неодржлива и неспроведлива, па реакциите од одредени фигури во политичкиот амбиент, на одлуки и однесување што не се според нивната волја и замисла за владеење, најчесто се импулсивни, агресивни и заканувачки. Кога се загрозени интересот и непринципиелниот начин на спроведување на власта на одреден политички субјект во Македонија, припадниците на тој субјект со високи и одговорни државни функции – забораваат на секакво воздржување барем да се прикрие непочитувањето на принципите на демократско владеење и (не)придржувањето до цивилизациските вредности за кои (наводно) и самите се бореле. Уште поцинично е што благодарение на извојуваните придобивки за тие вредности (што кога треба да бидат еднакво применливи и за сите други во државата и општеството – ги погазуваат), припадниците на тој политички субјект континуирано две децении се клучен коалициски фактор на секоја влада.
Така, во македонскиот политички „ферагосто“, кога и Собранието, па и Владата се на некаков колективен одмор, некои одлуки на локалната власт станаа провокација за јавна манифестација на сиот „раскош“ на нетолеранцијата на функционерите од ДУИ на „граѓанските вредности поврзани со родовата еднаквост, инклузивноста, мултикултурализмот, грижа за животната средина…“. Веројатно, само е иронично (непланирано) совпаѓање што овој инцидент со родова дискриминација на функционер на ДУИ спрема градоначалничката на Скопје и директорката на комуналното претпријатие на градот се случува кога Бирото за развој на образованието објавува наставни програми, според кои, учениците во второ одделение треба да уште на почетокот на своето образование да се стекнуваат компетенции во неколку области, кои современиот свет ги забележува како најважни: принципот на родова сензитивност/рамноправност, принципот на инклузивност и принципот на интеркултурност.

Повод за закани, притисоци и навреди на родова основа, упатени до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, беше отпуштањето на 33 привремено ангажирани работници, кои, всушност, воопшто и не доаѓале на работа во „Комунална хигиена“. Заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Абдул Селами, инаку член на ДУИ, преку социјалните мрежи ѝ порача дека нема право да отпушта вработени. Во обраќањето на Селами преку Фејсбук, во прво лице еднина, со: „Данела, немој да мислиш дека си нашла планина без волк, па ќе можеш да правиш што сакаш… Саламандии можеш да кажуваш во приватниот сектор, или во твојата компанија, од каде што доаѓаш, но не и со народните пари на граѓаните на Скопје“, забележливи се нескриена ароганција и омаловажување, пред сѐ, засновани на женската родова припадност на градоначалничката на Скопје, секако, со вознемиреност поради загрозените партиски интереси, маскирани со обвинувања за етничка дискриминација.
Таканаречените рамковни вработувања се своевиден македонски административен феномен, при што околу 1.000-2.000 вработени повеќе од една деценија добиваат плата, а воопшто не одат на работа. Таквата привилегија најмногу ја уживаат македонски граѓани со албанска етничка припадност, како некаква придобивка за „позитивна дискриминација“ според рамковниот договор од 2001 година. Овој „феномен“ е нејасен и речиси невозможен за објаснување со стандардните принципи на економијата и финансиското работење, па во изминатите дваесетина години сите политички структури во Македонија и од странство избираа да го премолчуваат и превидуваат, во интерес на меѓуетничкиот соживот и „позитивната дискриминација“. Навистина, сѐ почесто, оние што се привилегирани со таквата „позитивна дискриминација“ тој статус го гледаат како право да ги дискриминираат другите во државата и општеството за правата и вредностите што еднакво им припаѓаат на сите граѓани.

Актуелниот инцидент со родова дискриминација, навреди и закани на релацијата ДУИ и жените со политички и општествени функции во Македонија, не е прв и единствен во текот на дведецениското постоење на оваа партија. За волја на вистината, жените политичари во земјава често се омаловажувани по родова основа од припадници и симпатизери на нивните политички опоненти, најмногу на социјалните мрежи, но како најбизарен инцидент од родова природа во поновата меморија на македонската јавност се памети оној на полицајката што самата „се удрила“ од пајак-возилото со кое требало да се однесе непрописно паркираното возило на функционер на ДУИ… Но изрази на навреди, закани и омаловажувања изминатиот период беа упатени и на адреса на обвинителката Русковска, а претходно вакви немили примери имаше и кон други жени што се јавни личности.
Рамноправноста и еднаквоста по родова основа се една од главните придобивки и вредности на демократијата.

Тоа подразбира напредување во општеството според мерит-систем во работењето, односно успехот доаѓа со самовложување во образованието, самопрегорност и законско работење, принципиелност и залагање…, како и еднакви можности за сите во општество, без разлика на род, вера, етничка припадност… Барем таква е теоријата за рамноправноста, која треба да се приспособи во наставните програми за да можат да ја восприемат децата на седум-осумгодишна возраст, кои ќе учат во второ одделение. Македонската политичка реалност покажува знаци дека соодветна програма за обука за родова рамноправност и толеранција им е потребна на многумина што се сметаат за политички фактори во земјава. На оние функционери што оваа лекција, за почитување и уважување на жените како понежен пол и за достоинствен однос кон нив, не ја научиле досега, воопшто не им е местото во политиката и особено не на раководни и важни функции.