Кога многу е малку

1500

Доста ми е од таква лажна форма на квалитетен живот, во кој квалитетот се мери според правилата на мерливото, а не на доживеаното

Луѓето како мене што никогаш не спијат, или спијат многу малку, во согласност со соодносот со тоа колку се активни во будноста, се многу чудна сорта луѓе. Имено, ние сенешто размислуваме додека другите спијат и сонуваат подобро утре. Ние како да го обмислуваме животот што речиси никогаш нема да биде така изживеан утре како додека го осмислуваме ноќва. Одамна сфатив дека нема да го разберам светот, или животот, или, ако сакате, неговата смисла, неговиот бит. Одамна сфатив и дека тоа нема да ме искачи погоре во социјалните скалила на успехот, бидејќи сум бавен, бидејќи додека јас ги осмислувам длабоките феномени на сопственото постоење и кратам од сопствениот сон, некој друг, кој ниту ги разбира, ниту пак сака да ги разбере тие длабочини, ете, на некој необјаснив начин веќе ги живее или им ја цица плодноста…
Одамна сфатив дека животот треба едноставно да се живее сега и овде, и тоа веднаш, инстинктивно, интуитивно, рефлексивно и автоматски, оти нема време, едноставно нема време. Но одамна сфатив и нешто друго, ја сфатив разликата меѓу квалитетот и квантитетот, мерени според општите принципи на срaзмерната добивка, а не врз основа на она врз чија база денес се мери сѐ – квантитетот. Повеќе пари, повеќе успех, повеќе слава, повеќе пријатели, повеќе сѐ!
Уште од мал на некој, за тоа време, несразмерен начин умеев да ја забележувам таа имплицитна разлика, која ретко кога се забележуваше, бидејќи одамна овој свет се мери според квантитетот. На пример, од никогаш не можев да прифатам една вистина што денес и научно ја спознав и разнебитив. На пример дека луѓето мора да спијат од седум до девет часа за да функционираат оптимално. Никогаш не спиев и не спијам толку, освен по единаесетте месеци професионално согорување и веднаш потоа пак се враќам на мојата нормала.
Исто така, никогаш не сфатив зошто луѓето што заработуваа повеќе се сметаа во социјалното опкружување како поуспешни. Никогаш не сакав сопствениот успех да го мерам според тоа колку заработувам, наспроти други професии, кои, можеби, во очите на луѓето не изгледаа достоинствено како мојата. Ако ги гледав така нештата, денес ќе се лекував во некој санаториум, бидејќи не ќе можев да сфатам како еден мајстор (со должна почит кон сите занаети, не спомнувам посебни занимања), кој завршил три години средно, учел две години калфа/чирак кај некого, денес заработува повеќе од еден академски професор или еден врвен уметник итн., итн. во недоглед.

Отсекогаш мислев и тврдев, а и денес мислам исто така, дека квантитетот не смее да биде мерка за споредување, бидејќи за мене секогаш постоеја и други аршини за мерка, на пример дека моите раце не се извалкани, дека јас работам со умот и срцето, дека се движам во поинтелигентен и покултивиран круг на луѓе, иако, се разбира, и во тие кругови има и ќе има вистински црепови од луѓе и обратно… Исто така, не можев да сфатам зошто повеќето луѓе мислат дека оние што прошетале повеќе краишта на светот се многу побогати од оние што виделе нешто, но ни оддалеку толку како првите… Едноставно не можев и не сакав да прифатам дека ако во квантитет виделе 58 земји од светот, тоа не мора недвосмислено да ги прави помудри од другите, доколку, како во многу случаи, воопшто и не го доживеале тоа вистински, автентично, квалитетно. Познавам луѓе, меѓу кои сум и самиот, кои не се толку многу прошетани во согласност со годините, но она што го виделе го разбрале на некој свој начин и извадиле некоја поука од тоа. Имате еден куп луѓе во нашата убава Македонија што не виделе ни десетина од градовите, а камоли селата во својата земја, а везден патуваат негде по светот. Ама кога ќе видите што фотографираат, ќе сфатите дека ништо не разбрале од нивните патувања. Не треба и не мора да отидете некаде далеку за да се збогатите. Ене, појдете до првата планина, некое зафрлено село или каде било каде што можете и препуштете ѝ се на приказната што се вика квалитет и феноменологија, доживување, и ќе бидете побогати. Исто така, не можев, а и денес не можам да разберам колку тоа може да биде вистина дека ако живееш во многу поголем стан од доволниот за живот, ти си сметан за голем среќник и имашлив?!
Никогаш не успеав да сфатам која е таа грандиозна разлика во стан од 70 и стан од 100 квадратни метри?! Од што толку паѓаме во несвест за тоа дека некој живеел во стан со три спални и четири вециња?! Некогаш дури се прашував како успева да спие во сите спални или да мокри во толку многу вециња?! И која е разликата ако имаш пари да купиш пет пива или педесет?! Ќе ги испиеш сите и тогаш ќе бидеш посреќен?!
Простете, ама мене тоа ми е длабоко тажно, декадентно и бесмислено. Низ животот почнав да спознавам што значи да бидеш прагматичен, не скромен, прагматичен.

Што значи тоа?! Да бидеш скромен значи да се задоволиш понекогаш и со неопходното што ти треба, но во согласност со твоите индивидуални и целосно субјективни потреби за квантитет и квалитет. Да бидеш прагматичен значи да живееш доволно добро со она што го имаш, ама тоа што го имаш да биде прикладно на оптимумот на твоите лични потреби за оптимално живеење, не за минимално! Сите сме различни, за некого две спални соби се доволни, за некого една, за некого четири, ама и тоа има свој горен лимит и горна апсолутна граница на здравиот разум и логика. Да бидеш прагматичен е уметност да живееш успешно и задоволно, понекогаш и со помалку од некој друг од твојот, условно кажано, сталеж, оти сталежите и социјалните класи во оваа денешна постмодерна папазјанија се многу релативна работа. Ако не е така, тогаш како ќе си го објасниме фактот што процентот на самоубиства, внимавајте тоа е мерка на квантитетот, е многу поголема меѓу луѓето што имаат повеќе?! Ако квантитетот значел среќа, тогаш значи ли дека најсреќните луѓе на земјава ни се самоубиваат?! Простете, ама ако грешам, поправете ме, мене таа Аристотелова или парадоксална логика не ми влегува в глава! Значи ли тоа дека посиромашните по квантитет се посреќни?! Ништо од ова не е баш така, исто како што речиси ништо на овој свет не е како што изгледа! Затоа ги замолувам квазипсихолозите (кој ќе се пронајде негова е одговорноста) да престанат да ги залажуваат луѓето дека успехот, парите, моќта, најгорните лимити се извор на среќа. Никој нема право некому да му забрани да оди повисоко и повисоко, та и јас одам колку што можам повисоко во животот и професијата, ама не затоа што верувам дека тоа е извор на среќа, туку дека овој свет е така скроен и дека долниот лимит за преживување е толку високо качен во квантитативна смисла што сѐ мора за да се преживее! Среќата е друго два. Ве молам да правите разлика и меѓу оние што успеваат само затоа што успехот им е единствената цел и оние што успеваат затоа што суштински му се препуштиле на процесот на живеење на нештото што ги довело до природен успех, кој, се разбира, никогаш нема да биде ист како кај овие првиве.

Ги замолувам гореспоменатите квазиколеги и колеги да не ги подучуваат децата, студентите, едукантите, клиентите, испитаниците итн., итн., итн., дека тоа што некој на овој бел свет од позиција на моќ го создал како аршин за успех мора да биде и нивно мерило! Оти секој има право да научи да мисли со своја глава и да си го вреднува својот квалитет според своите сфаќања за квалитетот! Не мешајте баби и жаби и не унифицирајте го човековото поимање на квалитетот на живот врз основа на вештачки избрани модели за идентификација, зашто момчињата ги престоривме во виртуелни машини за создавање моќ, а девојчињата во кукли од некое универзално списание на гротеската! Оти убавината се мери според димензиите на женските гради и длабочината на паричникот на мажите. Оти успехот се вреднува само ако некој работи римоут и ако некој лесно доаѓа до средства за живот. Оти немаме мајстори што се чесни и задоволни од денарот што го заработиле. Оти сите ја гледаат иднината на лесни места до море и плажа. Оти овој живот по неколку декади ќе нѐ одведе сите во бездната наречена бесмисла и очај, незадоволство и психологија на жртвата. Оти сѐ многу скоро ќе стане недоволно и сѐ ќе ни биде малку, а тоа е толку многу тажно и депресивно. Деца од трето одделение ни се облечени како од модни писти, а се празни и тажни и не знаат што е долга магарица или мижитатара. Спортските игралишта ни зјаат празни, а моловите ни се преполни со тажни луѓе натоварени со непотребна облека. Оти одамна возилата не се потреба, ами престиж. Оти во земја од посиромашните сите се сликаат на луксузни места, а кукаат оти немаат. Оти ништо повеќе не ни е доста!!! Е па, доста ми е од таква лажна форма на квалитетен живот во кој квалитетот се мери според правилата на мерливото, а не на доживеаното.

Мирослав Пендароски

(Авторот е психолог и универзитетски професор)