Парите се трошат, писмото се кине

Парите се трошат, писмото се кине, а љубовта трае вечно до гроба… така испеал народниот пејач. А денес, во ерата на апсолутна медијализација и постпродукција на стварноста и рапот, сѐ уште се актуелни, аксиоматски и свежи, безмалку химнични, рефрените и стиховите за „Парите го вртат светот“, како што прикажуваше и потпевнуваше Лајза Минели во филмската класика „Кабаре“ на Боб Фоси, или незаборавниот „Мани, мани, мани“, евергринот на легендарната шведска група „АББА“. Вестите и информациите и процените за движењето на парите од светските „набљудувачи“ одново ја анимираат љубопитноста и ја отвораат секогаш скокотливата тема за нечесната и криминална приватизација на транзицискиот исток, при што на „волшебен начин“ исчезнаа купишта пари, капитал на генерации трудбеници создаван со децении во социјализмот.
Податокот дека десетина милијарди евра се одлеале од Македонија во транзицискиот период е фрапантен. Целата сума се чини преголема за македонските капацитети, но тоа не значи дека не е реална.

И еве еден малку ажуриран текст на темата за одново актуелните муабети за корупција, (легална) прокнижување и изнесување пари од Македонија. На темата, некоја година во една телевизиска дебата, се осврна поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, со „креативен предлог“ што претпоставува амнестија и враќање во земјата на парите изнесени во бурниот и матен транзициски вртеж, без обврска, барања и објаснување на нивното потекло и начин на кој се стекнати, под услов ако се вложат во бизнис. Ваквиот предлог, иако не баш оригинален, на функционер што четири години ги имал на рака најдоверливите податоци во државата, е најдобра потврда дека таква практика постоела и постои од времето и пари се одлевале и изнесувале. Ваквите предлози и практика, според кажувања, потекнуваат од практиките и во Руската Федерација, каде што од највисоки државни инстанци се повикани богатите тајкуни што ја напуштиле државата со богат плен и вртоглави суми, да вратат и вложат дел од „народните пари“ во земјата и да ѝ помогнат и ја развиваат паднатата руска економија.
Но сѐ што е сторено и кажано досега лебди во воздухот и повеќе им се дава значење на чаршиските муабети и рубрики, без да се влезе подлабоко во сериозноста на прашањето. Од организациите што правно се нормирани да спречуваат и гонат криминал, како и од невладини или некој друг вид декларирани антикорупциски инстанци, никој досега не излегол со точна пресметка за парите што се изнесени од државава, личностите што ги изнесувале низ разни трансакции, а уште помалку некој е повикан на одговорност. Сето што е досега кажано е воопштено и повеќе личи на фикција одошто на сериозен приод за борба против ваквиот вид дејства. Нешто се прозборе за коруптивните зделки на темата „Телеком“ и уште неколку новинарски стории и редови и толку. Тоа е така бидејќи никој од осамостојувањето на Македонија досега не се зафатил и не ја чепка оваа горлива проблематика. Тоа се теми и дилеми резервирани за странските истражувачи, што се занимаваат со испитување на професионален начин со корупцијата и проневерата на финансии и патиштата по кои се движат парите. Оттаму одвреме-навреме ќе проструи некоја информација.
Каде отидоа, се невидоа и исчезнаа парите? Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи пред некое време обелодени „загрижувачка вест“ во светските медиуми, дека швајцарската филијала на британската банка ХСБЦ им помага на свои богати клиенти да „заштедат“ милиони од даноци. Според „Блумберг“, во друштво на светскиот бизнис и џетсет и имиња како Дејвид Боуви, Џон Малкович, саудиското кралско семејство, се најдоа и деветмина клиенти од Македонија, со петнаесет сметки на кои има 164 милиони долари, а една од нив „тежи“ над 54 милиони долари. Ќе бара ли Македонија податоци за нејзините клиенти во ХСБЦ?

Традиција во дискрецијата – е слоганот на сите швајцарски финансиски институции. А Македонија е земја, сончев крстопат, од која, според официјалните извештаи на Светската банка, 370 илјади граѓани се заминати надвор од државата, од кои 300 илјади се млади. Тоа е трајно уништување на потенцијалот на државата. Но, Македонија е и земја од која, според процените на официјални пресметки на релевантни надворешни извори, од почетокот на транзицијата се изнесени 4-5 милијарди евра. Македонија, според официјални параметри и статистики, е една од најсиромашните земји во Европа. Па, каква може да биде мала, од никого заштитена самостојна независна држава, која со скромни ресурси и економски перформанси се одвојува од некогашна СФРЈ и влегува во неизвесна и турбулентна фаза на транзиција, воени конфликти, атентати и, згора на тоа, од земјата на мистериозен начин се одлеани безмалку неколку годишни буџети. Кој, како, каде – сега барем за овие работи во ерата на вмреженост може да им се открие, следи, види траекторијата. Едно од важните прашања што упорно се забошотуваат се наметнува и бара каков-таков одговор. Овие пресметки се однесуваат на првата декада од транзицијата.
Дали сите млади, средовечни и стари што ја напуштија осиромашената земја, отидоа во белиот свет по парче леб или некои отидоа со парите што „ги спечалија“ во матната транзиција и се придвижија по врвиците кон белосветски дестинации и скривалишта и од безбедна дистанца гледаат сеир, тагуваат и ни го берат гајлето.

Автор: Аљоша Симјановски