Мала хронологија

Почна војната од 2001 година. Куманово со седмици беше без вода бидејќи некој „непознат“ ги затворил вентилите. Се случи и ужасниот напад кај Карпалак. Претходно беше масакрот кај Вејце. Тогашниот дежурен офицер во тетовската касарна беше и уште е на високи државни функции. Во угостителскиот објект „Бриони“ беа разнесени и два човечки живота. Со еден од нив (Боге Илиески) лично се познававме. Неговата „вина“, како и „вината“ на Светислав Трајковски беше во тоа што се нашле таму каде што „не требало“ да бидат. Исто така, во што беше вината на мавровските работници? Никој не одговараше за изживувањата врз нив

Во наредните редови ќе се обидам да скицирам мала хронологија на една голема иронија/трагедија, која веќе три децении ѝ се случува на Македонија. Може да се почне од кога било и со што било. Ќе почнам со Лисабонската декларација од 1992 година. Тогаш отворено се проговори за менување на државното име, како услов за влез во ООН. Не беше јасно дали тоа ќе се постигне преку разговори или преговори, бидејќи тоа не се идентични нешта, ниту се знаеше дали промената на името ќе биде вистинска, привремена или ќе биде само референца. Додека преговорите течеа, Грција побара промена на државното знаме. Како добри и послушни соседи македонските политичари го остварија тоа. Некаде во тоа време МВР, во полициска акција, ја уапси таканаречената паравојска. Не помина долго време, паравојската и нивните лидери беа пуштени на слобода. Почнаа (прво срамежливо, потоа и отворено) да се поставуваат барања за надминување на образовната дискриминација на Албанците во Република Македонија, вклучувајќи го и прашањето за отворање етнички универзитети, макар што никој умен не умееше да објасни во што е дискриминацијата и како се можни етнички универзитети. Сепак, се почна со уписи по национални квоти, нешто што во многу елементи потсетува на дискриминација и сегрегација, како пат кон федерализација и (зошто да не!?) кон апартхејд. И покрај предупредувањата кон што таквата политика може да одведе, таа победи. Денес е видлива на планот на вработувањето, напредувањето во струката, како и во назначувањето на раководни функции. Веќе не е битно каков си, туку што си според етничката припадност.
Во тој период (средината на 90-тите години од минатиот век) беше извршен атентат врз претседателот на државата. Причините за атентатот не се утврдија, ниту се утврди кој го организираше и изврши. Меѓутоа, тоа не беше причина министерот за внатрешни работи да биде унапреден во министер за надворешни работи. Во ова, секако, има „логика“ – надворешните работи се поврзани со внатрешните. И обратното – внатрешните со надворешните. Во овој период регионот Пепелиште/Криволак почна да се користи како воен полигон и за странски воени сили. Гостопримливите македонски политичари никогаш не го поставија прашањето за материјалниот надомест за користењето на воениот полигон. Некои дури и изјавија дека за нив гостите се домаќини и дека може да се чувствуваат како да се дома. Така одомаќени, при нападот на СРЈ, странските воени сили ги користеа македонското небо, земјата, патиштата, мостовите. Никогаш не се разбра (барем јас не разбрав) дали за тоа се доби некаков надомест, освен ако под надомест се мисли на оружената агресија од Косово, кое во тоа време беше претворено во протекторат на НАТО и на неговите сојузници. Две години пред тоа, Македонија го призна Тајван, тукутака. Додуша, се говореше за некакви милијарди. Меѓутоа, наместо милијардите, Кина стави вето за продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП и северната граница остана небранета. Потоа почна војната од 2001 година. Куманово со седмици беше без вода бидејќи некој „непознат“ ги затворил вентилите. Се случи и ужасниот напад кај Карпалак. Претходно беше масакрот кај Вејце. Тогашниот дежурен офицер во тетовската касарна беше и уште е на високи државни функции. Во угостителскиот објект „Бриони“ беа разнесени и два човечки живота. Со еден од нив (Боге Илиески) лично се познававме. Неговата „вина“, како и „вината“ на Светислав Трајковски беше во тоа што се нашле таму каде што „не требало“ да бидат. Исто така, во што беше вината на мавровските работници? Никој не одговараше за изживувањата врз нив. Како и да е, се потпиша рамковниот договор, кој беше капитулација на државата, од една страна и, од друга, збирка на многу нелогичности. Во него, на пример, децидно е напишано дека не се признаваат политичките резултати постигнати под присила. Договорот беше донесен под присила. Јасно беше кон што води овој договор. Сепак се воспеваше, сеедно што во него беше скицирана двојазичноста. По договорот се донесе закон за амнестија на агресорите. Претходно се спроведе фарсичната акција за собирање оружје, наречена „Неопходна жетва“. Резултатите можат да се видат и сега – насекаде е „божја“ и вооружена убавина.

Како резултат од рамковниот договор (честопати го нарекувам нерамковен, бидејќи е безграничен) се организираше територијалната поделба. „Благодарение“ на неа многу општини/градови станаа двојазични, вклучувајќи го и Скопје. Денес секој производ, сеедно во кој дел од државата е произведен, мора да има налепница и на албански јазик. Значи, од локално ниво (20 отсто) се отиде на државно ниво.
И покрај сите нелогичности се јави и аферата со телефонските разговори. Со неа дојде и Шарената револуција, како и преземањето на власта на 27 април 2017 год. Остана нејасно кој кого овласти (и со кој правен акт го овласти) да ја продолжи седницата, која претходно веќе беше прекината од претседавачот на Собранието. Понатаму, дали некој пребројал колку пратеници имало при изборот на новиот собраниски претседател? Ако пребројал, каде е тоа заведено? Или, никој не кажа дали може и под кои услови може да се даде премиерски мандат по вторпат? Претходните прашања имаат суштинска природа, бидејќи од одговорите зависи дали преземањето на власта било легално или не. И, според тоа, дали власта била легална. Односно, дали актите, договорите и законите што ги донела се валидни, легални. Сепак, се продолжи како ништо да не било. Преговорите за името завршија во близината на преспанското село Нивици. За време на Граѓанската војна (1946-1949), Народноослободителниот фронт/НОФ (политичка и воена организација на Македонците од Грција) во Нивици ја имаше својата лебедова песна. Тоа се случи на Вториот конгрес на НОФ. Засега, настрана ја ставам валидноста/законитоста на овој договор. Сепак, го поставувам прашањето: „На кој начин договор беше изгласан во Собранието и дали неговото ‘изгласување’ беше објавено во ‘Службен весник’ како што е предвидено според законите и Уставот?“
Во периодот кога се носеше Преспанскиот договор се пристапи кон создавање добрососедски односи со Бугарија, како двете држави да беа, ни повеќе ни помалку, во војна. Без разлика што односите беа далеку од непријателски, уште помалку воени, преговорите почнаа. Се формираше и меѓудржавна/владина комисија, чија цел беше утврдување на историските факти, како да е тоа прашање на договарање. Притоа, требало да се следи што и како се пишува во учебниците – особено во Македонија. Од оваа тенденција не се исклучени уметничките и културните дела. На овој план, Бугарија е неприкосновен ревизор/коректор. Ако на почетокот договорот беше прашање/проблем само на Македонија и Бугарија, со францускиот предлог тој се интернационализира и од билатерален спор стана мултиларен. Уставот на Македонија ќе морал да се менува, како услов за почеток на преговорите со ЕУ.

И сеедно што „меѓународната заедница“ тврди дека со ова нема ништо и дека за неа е значајно во Македонија да се уништи корупцијата, како и хаосот во судството, пред некој ден (за Радио Слободна Европа) Габриел Ескобар (заменик на помошник-државниот секретар на САД за Западен Балкан) изјави: „Знаете, ние не бараме опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија“. Меѓутоа, како е можно од опозицијата да не се бара да го поддржува премиерот, а да се бара да ги поддржи неговите ставови? Притоа, неговите ставови се промена на Уставот, чија природа се крие.
Затоа, сè се сведува на циничното барање до опозицијата: „Ние не бараме некого да поддржите, туку само да ги поддржите неговите ставови?“. Ова барање имплицира, меѓу другото, дека може да постои разлика помеѓу ставовите и чувствата на една личност и она за кое таа личност се залага. Можно ли е, поинаку кажано, да постои разлика помеѓу личноста/човекот и ставовите што таа ги застапува? Ако може, тогаш кој е вистинскиот човек, а кои се неговите вистински ставови? Зарем се дојде до отворено промовирање на праксата и живеењето, познати како homo duplex (едно да се тврди/чувствува, а друго да се прави) на кое укажуваше познатиот социолог Емил Диркем?

Автор: Љубомир Цуцуловски