Новогодишна распродажба

Секогаш околу Нова година се потсетувам на култниот македонски филм „Среќна Нова 1949“, каде што еден од актерите ја изговара епската реченица (по скопски): „Ех, бе брат, Исток нѐ отпишуе, Запад не нѐ запишуе“. По цели 54 години од таа далечна година, вртејќи кругови во празно, дојдовме на истото дереџе. Од Истокот сме одамна отпишани, но уште толку ќе пројде да бидеме запишани во некој тефтер на Западот. Можеби. Гаранции нема, ниту некој ги барал. Се разбира, ако нѐ држи и меракот дотогаш.
И за да не влеземе во новата година со црни мисли, да се „порадуваме“ на огромните распродажби што ги доживеавме и кои се далеку од завршени. Освен што ни го продадоа името на државата, топтан со идентитетот и такви дребни нешта, допрва нѐ очекуваат распродажби. Сега или никогаш. Земи или остави. Таква е рекламата.
Се продаваат елки, лампиони, балони, петарди, подароци и што не. Сега или никогаш. Земи или остави. Луѓево, веќе доволно испостени, најчесто оставаат.
Се продава за бадијала и нашата историја да може секој да ја пише и брише според желбите и потребите. АСНОМ веќе го продадоа за да не се караме со соседите. Нашето малцинство, исто така. Се продаваат учебници и работни тетратки, се продаваат документи од „строго доверливите“ безбедносни архиви. Се продаваат и слободни места во нашиот селски буквар, кој нагалено го нарекуваме Устав, да може секој да си го допишува. Сега или никогаш. После ќе било доцна.
Се продава земјиште за бадијала, за да никнат 30-катници, каде што ако кивнеш во станот број 1, соседот од станот 12 ти вели: „На здравје, комшија“. Во овој случај распродажбата ги полни џебовите на алчните продавачи, бидејќи таквите станови со „видик“ се бесно скапи. Продавачите ќе ги препознаете по големата загриженост да ги задоволат кутрите сопственици на куќите или земјиштето врз кое се гради и врз чии грбови ќе ни се намножат богаташите. Ама тоа е хумана распродажба. Уште во антиката градовите и сопственоста се третирале како јавно добро со кое не може кој како сака да си игра. Затоа и градовите биле убави и функционални. А денес? Завртете се околу себе и насладувајте се на доградените покриви над секоја зграда, сите во различен стил, и чекајте да се обнови Законот за легализација на дивоградбите. Инаку, таков збор како „дивоградба“ никаде нема.

Освен во нашиов панаѓур. Купете „ексклузивен“ стан, сега или никогаш. За гаражи, ќе се снајдете. Има понекој тротоар. Битно е да има распродажба. Во случајот, се распродава јавниот интерес за зеленило, чист воздух и комфорно живеење.
Се распродаваат хидроцентрали, заедно со водите. Заборавете на Чебрен и Галиште, а и на ТЕЦ Тиквеш. Таа вода ќе ја наводнува Грција, која потоа ќе ни ја диктира цената на енергијата. Во 21 век, кога е најважно да располагате со природни ресурси, особено со вода, направија одлична зделка. Права новогодишна распродажба.
Се продаваат и места во администрацијата, која сега предизборно сместува стотици луѓе. Да не мислите дека е тоа некој подарок. Не, (рас)продажбата е во тек. Врз грбот на непостојната индустрија, врз грбот на малите, семејни фирми, врз грбот на земјоделците, кои мораат самите да си доведат вода или да асфалтираат некое патче. Ама благодарната администрација мора да расте. Од толкаво растење, да му е страв на човека да влезе во некоја болница од јавното здравство, каде што се уриваат таваните, неонките висат, а ходниците и собите ретко се забришуваат. Инсектициди изгледа нема во продажба, а лековите си ги носите оддома. Па, не може баш сѐ да биде на распродажба. Доволно беше што ги распродадоа цитостатиците од онкологија.
Се (рас)продаваат и дипломи од што ќе посакате. Да не зборувам за дипломски и магистерски работи. Преку обичен јавен оглас, ќе ве направат што сакате за ситни пари. На пример, магистер по политички науки. Оттука натаму ќе ви треба само некоја врска за да станете амбасадор. Или дури хемичар. Само не доближувајте се до опрема, но опасноста за тоа е мала. Опрема нема. Науката одамна ни е без цена. Дипломата би ја вброила меѓу поскапите новогодишни подароци. Нашата администрација штедро ќе ве прими. Да не ја заборавите дома и партиската книшка.

Инаку, предизборно, очекувам и масовна распродажба на партиски книшки, на празни ветувања, на лаги, на лажни записници од изборите, кои секако ОБСЕ ќе ги верификува. Заедно со нашите „непристрасни“ НВО-набљудувачи.
Има и работи што не се продаваат, туку ги добивате како бонус што успевате да преживувате овде и сега. На пример ПМ-честички од отровниот воздух. Ги имате колку сакате и без да сакате. Гратис од неодговорната држава. Можете да си порачате, кое сакате количество од сите видови ПМ-честички. Има на лагер постојано. Е, сега, за места на пулмологија, не сум сигурна. Проверете, па порачајте.
Само се надевам дека во Среќна Нова 2024 година ќе се појави шумарот и, како во вицот, ќе ѝ каже на епидемичнава влада: „Доста си игравте политика, ајде сите по дома“. Некои и не баш по дома, туку каде што им е местото. Капацитетите на Идризово се надевам се проширени, а и условите се похумани. Да не мора криминалците да ги пуштаат дома, поради пренатрупаност.
На крајот, на сите ви посакувам убави и весели новогодишни празници и многу, пред сѐ, ментално здравје. Не е лесно, но крајот се гледа!