Од македонските спортисти, од 8 јануари Ѓорческа ќе игра во квалификациите за тенискиот Австралија опен, а два дена подоцна ракометарите ќе почнат со нов настап на ЕП. Македонските селекции годинава имаат нови меѓународни средби, а поединечно следуваат натпревари за пласман на ЛОИ и на ПОИ, на кои засега пласман обезбеди Наковска-Бикова

СПОРТ ВО 2024 ГОДИНА

По предолимписката година, преполна со многу големи континентални и планетарни шампионати во повеќе поединечни и екипни спортови, и во која Македонија беше домаќин на нов голем настан за сениори, коорганизатор на Европското првенство во одбојка, следува годината во која централен спортски настан се Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во Париз. На програмата се и многу континентални првенства, на пример, пет во фудбал…
Од македонските спортисти, на 8 јануари Лина Ѓорческа ќе ги почне своите втори квалификации за настап на гранслем-турнирот Австралија опен во тенис. Два дена подоцна македонската машка ракометна репрезентација одново ја почнува годината со настап на големо натпреварување, овој пат на Европското првенство (ЕП) во Германија, што ќе биде 16-то учество на црвено-жолтите на големите шампионати, заедно со светските првенства. Македонските селекции во фудбал, кошарка, одбојка, ракомет… ги очекуваат и нови квалификациски дуели, фудбалерите ќе играат во Лигата на нации, одбојкарите во Европската златна лига… Поединечно, пак, македонските спортисти во повеќе спортови ќе настапат во квалификациите за пласман на ЛОИ и на ПОИ, за кои засега настап обезбеди Оливера Наковска-Бикова во стрелаштво.
В година на програмата се и, на пример, континенталните фудбалски првенства во Африка, Азија (во јануари и во февруари), Европа, Јужна Америка и во Океанија (во јуни и во јули), а треба да почне и новата, проширена Лига на шампионите, со 36 клуба. Од некои други екипни спортови, европско првенство ќе има и во ватерполо (од 4 јануари и мажи и жени), годинава се и мечевите за светската титула во шах за мажи, Светското првенство во водни спортови (февруари), атлетскиот мундијал во сала (март), Европското првенство во атлетика (јуни) итн. Н.М.