Фото: Пиксабеј

До Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во текот на годинава доставени се 386 барања за решавање спор за услуги што е на исто ниво како и минатата година.

Претплатниците во најголем дел се жалеле на висока сметка, во 69 случаи, како и на квалитетот на услугите за говор и за интернет во мобилната телефонија, за што имало по 32 барања. Следуваат поплаките за услугите преносливост на број и DVB-T со по 26, раскинување на договор 25, интернет на фиксна локација 20, роаминг интернет, 16,…

Од пристигнатите барања, 42 проценти се усвоени, 53 проценти одбиени, по два процента се затворени односно отфрлени, а само еден процент од барањата завршил со спогодба.

Најмногу од барањата се во Скопје, 249, по што следуваат Битола, 30, Куманово, 18, Тетово 14, Прилеп 13…

Од АЕК во изјава за МИА оценуваат дека во текот на 2023 година пазарот на електронски комуникации бележи континуиран раст.

-Од извештаите што ги обработува АЕК на квартално ниво се бележи зголемување на бројот на активни претплатници во мобилната телефонија. Тоа секако повлекува и зголемување во обемот на сообраќај. Расте говорниот сообраќај изразен во минути, а особено обемот на податочен сообраќај. Ова се должи и на зголеменото инвестирање од страна на двата мрежни оператори во Македонија во изградба на нивните 5G мрежи, а за тие да функционираат како што треба секако дека е потребна поддршка и од кабелски мрежи базирани на оптика – појаснуваат од регулаторното тело.

Доказ дека се обезбедуваат квалитетни услуги во државава, наведуваат, се и мерењата кои се спроведуваат, а кои покажуваат постигнување на брзини во просек помеѓу 200 Mbps и скоро 400 Mbps независно од технологијата на територијата на Скопје.

Во следната година фокусот на АЕК ќе биде понатамошен развој на 5G и на мрежите од следнта генерација. Како особено значајно се истакнува и тековното транспонирање на Европскиот електронски комуникациски код во македонската легислатива. На тој начин, укажуваат, целосно ќе се хармонизира македонската регулатива од областа на електронските комуникации со европската.

Заклучно со вториот квартал годинава во државава се регистрирани 1.920.403 претплатници во мобилната телефонија. Во вкупниот број активни претплатници, А1 Македонија учествува со 48,11 проценти, Македонски телеком со 47,13 проценти, Лајка Мобајл со 2,84 проценти, Роби со 1,25 проценти, МТел со 0,57 проценти и Грин мобиле со 0,10 проценти.

Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги во малопродажно ниво Македонски телеком учествува со 50,79 проценти, А1 Македонија со 47,12 проценти, Роби со 0,89, Лајкамобајл со 0,76 проценти, М-ТЕЛ 0,31 процент…

Пристап до интернет преку мобилен во првите два квартала имале 1.489.288 од вкупно 1.920.403 претплатници во мобилната телефонија.

Вкупниот број претплатници на широкопојасен пристап на интернет, пак, заклучно со вториот квартал годинава изнесува 521.918 и е за 3,93 проценти повеќе во однос на вториот квартал лани. Македонски Телеком учествува со 39,67 проценти во вкупниот број, А1 Македонија со 35,45 проценти, Телекабел со 12,32 проценти, Неотел 1,13 проценти….

На крајот на вториот квартал во државава имало 441.205 фиксни линии, со удел од 51,14 проценти на Македонски Телеком, 42,67 на А1 Македонија, 3,81 Роби, 1,84 Неотел…

Во проекцијата на АЕК за 2024 година се планирани приходи во износ од 600.200.000 денари, за 32,57 проценти помалку во однос на вкупно планираните приходи за годината што измина.