Најчестите приговори и одговори

ВИЗИЈА ЗА МОДЕРНО, ОДРЖЛИВО И ПРАВЕДНО ЗДРАВСТВО (5)

Секоја поголема реформа во здравството природно отвора голем број прашања. Тоа е очекувано, бидејќи здравствениот систем директно влијае врз здравјето и сигурноста на секој граѓанин. Затоа реформите треба да се темелат на факти, стручни анализи и на меѓународни искуства, а не на претпоставки или стравови. Во продолжение се неколку од најчестите прашања што се поставуваат кога се зборува за модернизација на здравствениот систем.
Дали ова значи приватизација на здравството? Не.
Здравството не се приватизира доколку државата остане носител на задолжителното здравствено осигурување, ги утврдува правилата, ги акредитира здравствените установи, го контролира квалитетот и ја финансира здравствената заштита.
Разликата е во тоа што пациентот ќе може да ја добие услугата во секоја здравствена установа што ги исполнува пропишаните стандарди и има договор со Фондот за здравствено осигурување.
Државата останува гарант на јавниот интерес. Дали јавните болници ќе бидат загрозени? Не.
Напротив. Јавните болници ќе продолжат да бидат столб на македонското здравство. Тие ќе останат носители на итната медицинска помош, интензивната нега, трансплантацијата, комплексната кардиохирургија, неврохирургијата, најголемиот дел од онкологијата, лекувањето на најтешките пациенти, медицинската едукација и научноистражувачката работа.
Доколку дел од стандардизираните здравствени услуги постепено се изведуваат и во други акредитирани установи, јавните болници ќе можат уште повеќе да се концентрираат на сложените случаи, што претставува нивна најважна општествена улога.
Што ќе се случи со помалите градови?
Реформите не смеат да доведат до намалување на достапноста на здравствената заштита. Напротив. Целта треба да биде секој граѓанин да добие навремена и квалитетна здравствена услуга. Во некои средини тоа ќе значи зајакнување на примарната здравствена заштита. Во други ќе се развиваат дневни болници, дијагностички центри или специјализирани здравствени установи. Најсложените медицински случаи и понатаму ќе се лекуваат во регионалните и националните референтни центри. Тоа е принцип што денес го применуваат речиси сите современи европски здравствени системи.

Дали државата ќе ја изгуби контролата врз здравството? Не.
Всушност, државата треба да има уште посилна регулаторна улога. Нејзина задача е да ги утврдува условите за работа, кадровските стандарди, просторните услови, медицинската опрема, акредитацијата, контролата на инфекциите, безбедноста на пациентите, финансиската дисциплина и следењето на резултатите од лекувањето. Конкуренцијата никогаш не смее да биде на сметка на квалитетот.
Дали приватните здравствени установи ќе ги преземат само профитабилните услуги, а јавните ќе останат со најтешките пациенти?
Ова е едно од најважните прашања. Таков ризик навистина може да постои ако системот не биде добро организиран. Затоа секоја здравствена услуга треба реално да биде вреднувана според нејзината сложеност, ризикот, потребниот кадар, медицинската опрема и реалните трошоци.
Јавните болници треба да останат носители на најсложените здравствени дејности. Но истовремено, стандардизираните медицински услуги треба да можат да ги обезбедуваат сите акредитирани здравствени установи што ги исполнуваат истите законски и професионални критериуми. На тој начин нема да постои поделба меѓу јавниот и приватниот сектор, туку партнерство во интерес на пациентите.
Може ли ваквите реформи да се спроведат прекуноќ? Не.
Здравствениот систем е премногу сложен за нагли промени. Реформите треба да се воведуваат постепено, преку пилот-проекти, внимателни анализи и континуирано следење на резултатите. Секоја нова мерка треба да се оценува според тоа дали навистина ги подобрува квалитетот, достапноста и ефикасноста на здравствената заштита. Само така може да се избегнат несакани последици.

Кој треба да биде единствениот критериум?
На крајот, сите претходни прашања водат кон едно единствено. Во чиј интерес се прават реформите? Тие не треба да бидат во интерес ниту на јавните, ниту на приватните здравствени установи.
Не треба да бидат ниту во интерес на која било професионална група. Единствениот вистински критериум треба да биде интересот на пациентот. Ако пациентот побрзо добива квалитетна, безбедна и современа здравствена услуга, ако листите на чекање се пократки, ако здравствените работници работат во подобри услови и ако јавните средства се користат порационално, тогаш реформите ја постигнале својата цел.
Во последното поглавје ќе биде претставена визијата за македонското здравство во следните десет-петнаесет години – здравство што ќе биде модерно, финансиски одржливо, праведно и целосно насочено кон пациентот.

(продолжува)

Д-р спец. Наум Трпеноски

Авторот е специјалист офталмолог – хирург и магистер по здравствен менаџмент