Фото: РФМ

РАКОМЕТ – СРБИЈА, МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА ВО ЗАЕДНИЧКА КАНДИДАТУРА ЗА ЕП 2034 ЗА МАЖИ

  • Верувам дека сите три федерации со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на ЕХФ, вели претседателот на РФМ, Александар Стефанов

Ракометните федерации на Србија, Македонија и на Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на Европското првенство (ЕП) за мажи во 2034 година. Сите три федерации ја истакнаа својата целосна подготвеност во процесот на кандидатурата и евентуалната организација на ЕП во целост да ги почитуваат правилата и насоките на Европската ракометна федерација (ЕХФ), како и да ги исполнат сите неопходни организациски, инфраструктурни и други услови за одржување на ова ЕП на највисоко ниво.
– За мене претставува посебна чест и задоволство што РФМ прави уште еден значаен чекор напред и што заедно со ракометните федерации на Србија и Словенија учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото ЕП во 2034. Верувам дека сите три федерации со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на ЕХФ и успешно да организираат ЕП на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така. За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на ЕП – вели претседателот на РФМ, Александар Стефанов, информира РФМ.

Оптимист е и претседателот на Ракометниот сојуз на Србија, Божидар Ѓурковиќ.
– Верувам дека сите три федерации имаат организациски капацитети, искуство и човечки ресурси да организираат едно вакво големо натпреварување на највисоко ниво. Нашата кандидатура ја опфаќа целокупната инфраструктура потребна за организација на првенството, од спортски сали, хотели и сите други сегменти неопходни за одржување на едно големо меѓународно натпреварување. Во овој момент е тешко да се зборува за тоа дали ќе има и други кандидатури и каква ќе биде конечната одлука на ЕХФ, но со заеднички сили ќе направиме сѐ за да ја претставиме кандидатура на најдобар можен начин – истакна Ѓурковиќ, пренесе РФМ.
Свој коментар околу оваа кандидатура изнесе и претседателот на Ракометниот сојуз на Словенија, Боро Розман.
– Желбата на ракометните федерации на Словенија, Србија и на Македонија е со заеднички сили да го организираме машкото ЕП во 2034, оти веруваме дека за еден таков проект имаме многу знаење, искуство, квалитетна инфраструктура и, пред сѐ, силна ракометна традиција. Нашата цел е пред ЕХФ да претставиме проект што ќе покаже дека можеме да организираме ЕП на највисоко ниво. Сите три федерации се подготвени да соработуваат, како меѓусебно така и со сите надлежни институции и градови што ќе бидат вклучени во проектот, бидејќи тој далеку ги надминува рамките на спортот и на земјите домаќини и на градовите и им носи многубројни позитивни ефекти. Секако, имаме и високи натпреварувачки цели – нагласи Розман, пренесе РФМ. Г.И.