Никогаш не е докрај разјаснето што, всушност, се подразбира под опсегот слобода или неслобода во медиумите. Едни се на мислење дека слобода и медиуми има премногу, како никогаш досега, други, пак, се на ставот дека владее медиумски мрак. Некои сето тоа го заокружуваат како автоцензура, наводно психолошки проблеми, „експертски“ анализи, дебати, препукувања, малициозности…
Едно е сигурно, со уривањето на професионалноста во македонската медиумска дејност се стесни, дури и се затвори просторот за клучните претпоставки за создавање, негување и градење авторитетна позиција во медиумскиот поглед. Големите новинарски имиња се сѐ поретки. Тие полека исчезнуваат паралелно со растурањето на професионализмот или се преобразуваат во легенди. Постарите и поискусни новинарски пера правовремено ја детектираат новонастаната ситуација и набрзина се престројуваат и позиционираат според сопственото убедување, лево – десно во транзицискиот галиматијас. Некои успеваат, некои дури и капитализираат, но најголемиот дел од новинарскиот еснаф ги живее премрежињата на суровите ветрометини на преминот од систем во неизвесност, во задоцнет идеализам, во заблуди што никако не можат да ги разберат. Единствено утеха им се извештаите на „Фридом хаус“, „Репортери без граници“ и на европските комисии, кои повикуваат на повеќе слобода во медиумите, незлоупотреба, уриет….
Слобода во медиумите не е општа форма – во медиумите има онолку слобода за колку што новинарите сами ќе се изборат, коментираат некои видни новинарски пера. Дали е тоа задоцнета илузија, носталгичен рецидив на Гутенберговиот теоретскиот дискурс, во обид за емоционална и романтична аналогна симулација на претпоставената стварност. Слободата во нив отсекогаш била и останала привид – реалност условена од моќта, интересите на поединци, групи, во која светот на вистинските луѓе и вистинските погледи денес е претворен во виртуелен нов сензибилитет што ни се поттура секојдневно како моќна технологија на свеста, способна во секој погоден момент да го рециклира минатото, да ја рекомпонира сегашноста, да ја преуреди јавната и приватната сфера.
Дали слободни медиуми во вистинска смисла на зборот се возможни? Во услови на силниот технолошки подем и апсолутна медијализација на стварноста имаме претпоставена рамка за слободни медиуми, подвлекуваат либералните мислители. Но сето тоа е само одреден начин на гледање на работите, како што милуваат да се произнесат мудрите филозофи.
Она што му остана на новинарството се единствено јасните правила на игра за да може да ги расчистат конфузиите и етичките проблеми напластени во медиумите во делот на професионалните стандарди. Објективност да се прашаат двете страни, да се додаде плус вредност, да им се отстапи простор на оние што се безгласни…
Но она што повеќе загрижува е сложениот и трнлив пат на авторитетни новинарски пера и брендови, столбови на медиумското битие. Такви сѐ помалку има, нови тешко се создаваат. Сето тоа заедно ја создава грдата слика на дејноста и еснафот што е најпрвин силно поларизиран, а потоа и депрофесионализиран.
Можеби една од причините за неможноста да се изгради авторитетна новинарска позиција во Македонија – и покрај големиот број регистрирани медиумски работници – е однапред изгубената битка со политиката. Нејзиното влијание врз медиумите отсекогаш било доминантно, и тоа не само кај нас туку и на глобално ниво. Медиумски писмени, поновите генерации политичари се движечка и носечката содржина и форма во медиумската дејност. Тие свесно и со одредена цел го анектираат просторот и се главни колумнисти во печатените медиуми, најчести гости во електронските медиуми. На новинарите им е оставен мал тесен појас за себепроизнесување и најчесто им е доделена улогата на модератори, кои често поставуваат и нарачани прашања, понекогаш ситно провоцираат. Сѐ на сѐ епизодисти, статисти, кои брзо согоруваат. Ѕвезди на медиумското небо денес се протагонисти од политичкиот живот, кои во последно време се посјајни и од спортистите, пејачите, уметниците. Големите новинарски имиња се сѐ поретки. Тие полека исчезнуваат паралелно со растурање на професионализмот и големите медиумски системи или се преобразуваат во легенди и стануваат документ на медиумското и историско паметење за идните поколенија.
Станува збор за класична мозочна манипулација. Кога поголемиот дел од публиката е веќе интелектуално осакатена, манипулацијата станува лесна игра. Тогаш на телевизиите им е наједноставно преку турските серии, Рамбо и турбофолкот целосно да завладеат со умот на обичниот граѓанин.
Тоа е реалноста во која одредени медиуми на насловните страници нè „образуваат“ со тоа која какви гаќи носела или каков задник имала. И додека дежурни аналитичари нè уверуваат дека Европа и Америка само што не капитулирале, самопрогласени „историчари“ на полноќ ни предаваат извртена историја.
Слободните медиуми, да видиме што пишуваат, не пишуваат… Западните таканаречени слободни, независни медиуми. Прв пример – Франција воено го напаѓа Мали без никаков консензус, согласност од ЕУ, НАТО, ОН… каде и во кој медиум се видоа жртви, цивилни жртви. Видовме само понекоја срушена куќа и запалено возило и толку. Насекаде читавме, видовме и препрочитавме… Морало да нападнат поради некакви извесни и неизвесни џихадисти и слично, но никаде нема да прочитавме дека нападнале поради ураниумот што се произведува таму и со кој се снабдуваат 90 отсто од француските нуклеарки! Втор пример – причината за воениот напад над Ирак. Се вели, Ирак има нуклеарно оружје мораме да го нападнеме, го нападнаа, срушија, разделија, нафтата му ја експлоатираат, а нуклеарно оружје не е пронајдено! Трет пример – ја нападнаа Либија поради „страшен недемократски режим“ со кој порано сите соработуваа. Ја срушија, разделија, нафтата ја експлоатираат и камерите се изгаснаа…. Египет и Саудиска Арабија – тие можат да прават сѐ, но тие ни требаат, за нив нема да пишуваме итн.
Аљоша Симјановски


































