Како ЕУ уште еднаш заталка од патот кон проширувањето
- Повод за оваа анализа е најновата информација од Брисел дека „Европската комисија изготвува планови за да им даде на земјите
кандидатки за ЕУ економски придобивки пред да се приклучат кон Унијата, додека владите бараат начини да го забрзаат проширувањето без да ја спуштат летвата за влез“. Имено, Владата на ЕУ (Европската комисија) подготвува нови начини за „постепена интеграција“, односно наградување на кандидатите со поголем пристап до ЕУ додека спроведуваат реформи (?!). За потсетување, само пред кусо време ретроспективно беше лансиран концептот за „обратно проширување“, кое би им дало политички права на земјите пред да го завршат процесот на пристапување, а веднаш потоа беше лансиран и предлогот на Франција и Германија, кои, пак, конципираа идеја за некакво „поедноставно членство“ за земјите што се соочуваат со долги рокови за пристапување. И сето ова отсликува таква конфузија во Брисел по основа на проширувањето што ги претвора граѓаните на земјите кандидатки за ЕУ, особено во Македонија, во граѓани со висок степен на збунетост
Она што денес се случува со политиката на проширување на Европската Унија повеќе не може да се нарече стратегија. Тоа е лавиринт без излез, во кој ниту Европската комисија, ниту Европскиот совет, ниту најмоќните европски престолнини повеќе не знаат во која насока се движат. Наместо јасна визија, Брисел произведува нови концепти, нови формулации и нови политички конструкции, кои повеќе личат на обид да се прикрие сопствената беспомошност отколку на сериозна политика.
Последниот предлог за „постепена интеграција“, споменат во поднасловот на овој текст, е токму таков пример. Наместо полноправно членство, се нудат делумни економски придобивки. Наместо јасен пат кон Унијата, се нуди долготрајно престојување во некаква политичка чекалница. Наместо предвидливост, кандидатите добиваат уште една фаза од бескрајниот процес. До кога?!
Признанието на Мерц ја откри вистината
Токму пред една недела, во понеделникот, на 22 јуни, ја анализиравме изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека „во минатото погрешно се пристапувало кон интеграцијата на Западен Балкан“ и дека „никој всушност не знаел што понатаму со регионот“. Тоа не беше обична дипломатска забелешка. Тоа беше ретко јавно признание дека европската политика кон проширувањето одамна ја изгубила својата насока.
– Со години европските институции создаваа впечаток дека постојат јасна методологија, јасни критериуми и јасна цел. Денес станува очигледно дека зад тие декларации се криеле несогласувања, импровизации и постојано менување на правилата. Токму затоа денес се предлагаат нови модели, нови фази, нови категории и нови степени на интеграција. Секој нов предлог, всушност, претставува признание дека претходниот не успеал – велат наши соговорници, експерти за политиките на ЕУ за проширување.
Либералните елити во политичка конфузија
Според нашите ценети соговорници, во срцето на оваа криза се наоѓаат европските либерални политички елити, кои со години ја водеа Унијата без јасен одговор на едноставното прашање – што навистина сакаат од проширувањето?
– Дали целта е прием на нови членки? Дали целта е создавање вечна зона на кандидати? Дали целта е геополитичко влијание без преземање вистински обврски? Никој повеќе не го знае одговорот. Така, Европа денес испраќа пораки што меѓусебно се исклучуваат. Од една страна говори за забрзување на проширувањето, а од друга измислува нови чекори, кои практично го продолжуваат процесот. Од една страна ги повикува кандидатите да спроведуваат болни реформи, а од друга постојано ја поместува целната линија. Тоа не е стратегија. Тоа е политичка конфузија – вели еден дипломат, соработник и брифер за прашања од меѓународна политика и дипломатија.
Македонија како најголема жртва на непринципиелноста
Ниту една земја не ги почувствува последиците од оваа недоследност повеќе од Македонија. Во текот на две децении, земјата постојано добиваше нови услови што не беа дел од првичните критериуми за членство. Наместо принципот на еднаквост, Македонија се соочи со исклучоци. Наместо владеење на европските правила, честопати доминираше логиката на билатералните спорови. Во јавноста се создаде впечаток дека критериумите повеќе не се исти за сите, туку зависат од политичката волја на поединечни држави членки. Таквата перцепција сериозно ја наруши довербата во европскиот процес. Особено беа чувствителни дебатите поврзани со идентитетските прашања. Голем дел од македонската јавност ги доживеа барањата што произлегуваа од преговарачката рамка како навлегување во сфери што се однесуваат на националниот идентитет, јазикот и историското наследство. Токму затоа денес сè почесто се слуша оценката дека Брисел дозволил процесот на проширување да биде оптоварен со прашања што не требало да станат дел од европските интеграции. Историјата ќе покаже дали европските институции направиле доволно за да го заштитат кредибилитетот на сопствените принципи.
Политика без доверба нема иднина
Најголемата штета што денес ја трпи Европската Унија не е институционална, туку политичка.
– Кога правилата постојано се менуваат, довербата исчезнува. Кога критериумите не важат еднакво за сите, кредибилитетот се губи. Кога секоја нова криза се решава со нова импровизација, институциите изгледаат несигурно. Оваа нова идеја за таканаречена постепена интеграција можеби ќе донесе одредени економски придобивки за кандидатите, но тешко дека ќе ја врати изгубената доверба. Напротив, постои ризик да создаде впечаток дека Брисел повторно бара начин да го одложи вистинското проширување без отворено да го признае тоа – тврдат нашите соговорници.
Европа мора повторно да избере меѓу принципите и импровизацијата
Проектот на европското проширување некогаш беше симбол на надеж, правичност и предвидливост. Денес сè повеќе наликува на процес во кој правилата се пишуваат во движење, а политичките одлуки зависат од дневните потреби на најмоќните членки.
– Доколку Европската Унија сака повторно да биде фактор на доверба, ќе мора да се врати кон сопствените принципи – еднакви критериуми, јасни правила и предвидлив процес за сите кандидати. Во спротивно, секој нов модел, секоја нова „иновативна“ формула и секое ново политичко пакување ќе бидат само уште едно признание дека Брисел наместо да ја води политиката на проширување, сè почесто талка низ сопствените противречности – заклучуваат на крајот нашите соговорници.
(Утре читајте тема за тоа како наредниот буџет на ЕУ не предвидува скорешно проширување на Унијата)


































