
Венецуела меѓу природната катастрофа и интересите на големите сили
- Прашањето никогаш не било само „кој владее со Венецуела?“ Прашањето отсекогаш било кој ги контролира нејзините огромни природни богатства?! Имено, Венецуела располага со едни од најголемите докажани резерви на нафта во светот, но поседува и значајни количества природен гас, злато, железна руда, боксит, како и минерали што стануваат сè поважни во современата технолошка индустрија и, се разбира, во геополитиката и геостратегијата, велат нашите соговорници, дипломати од кариера, поентирајќи со тезата дека „геополитиката никогаш не мирува“…
Два силни земјотреса со магнитуди од 7,2 и 7,5 степени неделава го погодија западниот дел на Венецуела, оставајќи зад себе урнати згради, оштетена инфраструктура и неизвесен број жртви, кој, според властите, ќе продолжи да расте во наредните денови. Во Каракас владее вонредна состојба, а меѓународниот аеродром „Симон Боливар“ беше затворен поради сериозни оштетувања.
Жално, но природната катастрофа со земјотресот само ја надгради суровата вистина дека Венецуела одамна живее во состојба на постојан политички, економски и институционален потрес. Земјата беше ранлива и пред тлото да почне да се тресе. Сега, разурнатите улици само даваат уште пореален одраз на една „разурната држава“. Трагедијата не дојде во време на стабилност, туку во момент кога државните институции беа со битно намалена функционалност, економските резерви беа загрозени, а населението веќе со години живее под товарот на инфлација, санкции, политички конфликти и масовно иселување.
Зошто Венецуела е толку важна за САД?
Нашите брифери, дипломати од кариера, во анализата во редакцијата на „Нова Македонија“ отворија еден многу интересен аспект на меѓународната политика, со посебен осврт на случувањата во Венецуела.
– Прашањето никогаш не било само кој владее со Венецуела. Прашањето отсекогаш било кој ги контролира нејзините огромни природни богатства. Да бидеме јасни, Венецуела располага со едни од најголемите докажани резерви на нафта во светот, но поседува и значајни количества природен гас, злато, железна руда, боксит, како и минерали што стануваат сè поважни во современата технолошка индустрија. За Вашингтон, стабилна Венецуела не е проблем. Проблем претставува Венецуела што ги користи своите ресурси за градење политички и економски модели што не се усогласени со американските интереси или која стратешки се потпира на соработка со Русија, Кина и со Иран – велат нашите соговорници, дипломати.
Тие потсетуваат дека „во последните две децении токму тоа било суштината на судирот“.
– Од времето на Хуго Чавез, официјален Каракас настојуваше да води политика на економски суверенитет, национализација на енергетските ресурси и ограничување на влијанието на странските компании врз најпрофитабилниот сектор во државата. Американската политика, пак, беше насочена кон политички притисок, санкции и дипломатска изолација со цел промена на власта или барем промена на нејзината геополитичка ориентација – тврдат нашите соговорници.
Природната катастрофа, за голема жал, може да ја продлабочи зависноста на Венецуела
Историјата покажува дека големите природни катастрофи често отвораат простор за нови политички и економски влијанија.
– На Венецуела ќе ѝ биде потребна огромна финансиска помош за реконструкција на патиштата, болниците, училиштата, енергетската инфраструктура и станбените објекти. Прашањето е кој ќе ја обезбеди таа помош и под кои услови. Доколку државата нема сопствени финансиски капацитети, таа неизбежно станува зависна од меѓународни кредитори, инвеститори и политички партнери. Во такви околности, економската помош честопати станува средство за политичко влијание – тврдат нашите соговорници, при што нагласуваат дека „реконструкцијата на Венецуела нема да биде само инженерски проект туку и геополитичка битка“!
Природниот потрес ќе помине, политичкиот може да трае со години
Венецуела денес не се соочува само со последиците од една природна катастрофа. Таа се соочува со последиците од години економски пад, меѓународни санкции, политичка поларизација, институционална слабост и геополитички судири во кои домашните интереси честопати остануваат во втор план.
– Земјотресите со текот на времето ќе престанат. Урнатините ќе се расчистат. Ќе се обноват патиштата и зградите. Но многу потешко ќе биде да се обноват економијата, довербата во институциите и политичката стабилност. Затоа вистинската реконструкција нема да зависи само од градежната оператива што ќе пристигне во разурнатите градови. Ќе зависи од тоа дали државата ќе успее да изгради политичка стабилност, функционални институции и економија што ќе биде доволно силна да ги издржи и природните, но и геополитичките потреси. Во современиот свет, големите сили ретко, дури и никогаш не ги избираат природните катастрофи за свој сојузник. Но, рака на срце, тие само ги користат новите околности што самите ги создаваат под изговор на виша сила
(вис мајор). Венецуела повторно се наоѓа токму на таа историска раскрсница, односно меѓу хуманитарната трагедија и суровата геополитика – објаснуваат нашите соговорници, дипломати, за една навистина невообичаена тема што се отвори по природната катастрофа што ја зафати Венецуела. Р.С.

































