- На Македонија не ѝ треба уште една витрина во која успешни поединци ќе си ја полираат сопствената слика пред домашната публика. На Македонија не ѝ треба уште еден годишен собир на луѓе што зборуваат за иднината додека сегашноста интензивно се празни. На Македонија не ѝ треба дијаспорски гламур без економски корен. На Македонија ѝ требаат капитал, работа, производство, извоз, знаење што останува дома и луѓе што нема да заминат. Ако „Македонија 2025“ го прави тоа, нека покаже. Ако не го прави, тогаш нека престане да се крие зад големото име и зад убавите зборови
Има имиња што звучат како програма. Има имиња што звучат како ветување. Има имиња што звучат како државна стратегија, како национален повик, како мост меѓу иселеништвото и татковината. „Македонија 2025“ е токму такво име. Во него има иднина, има бројка, има амбиција, има темел. Самото име како да кажува, почекајте, доаѓа време кога Македонија ќе биде поинаква, посилна, побогата, поврзана со светот, со своите луѓе надвор и со своите можности дома.
Но секое големо име, ако не е придружено со транспарентна сметка, со јасни бројки, со компании, фабрики, инвестиции, работни места и трајни економски резултати, со текот на времето почнува да звучи повеќе како сцена за промоција отколку како стратегија. А „Македонија 2025“, барем според она што јавно може да се најде, повеќе личи на добро уредена сцена за говори, фотографии, панели, награди и „видете колку сме јаки“ отколку на вистинска машинерија што донела крупен капитал во Македонија.
Ова се главните прашања што треба да се постават без страв и без провинциска срамежливост или политичка сензитивност. Барем од некој економски новинар или аналитичар. Не кој зборувал на самитот. Не кој добил плакета. Не кој дошол од Канада, Америка или од Европа да ни објасни како се сака Македонија од удобна дистанца.
Прашањата се едноставни. Набројуваме неколку.
Колку инвестиции донесовте?
Кои компании ги донесовте?
Колку пари влегоа во Македонија поради вас?
Колку луѓе добија работа поради вас?
Ако одговорот на овие прашања не може да се најде јасно, на интернет, јавна презентација, тогаш целата приказна добива друга боја. А ги барав одговорите на сите можни светски и владини медиуми. Не можев да најдам конкретни бројки претворени во долари, во евра, отворени нови фирми или број на вработувања.
Македонската јавност е премногу долго воспитувана да се воодушевува на зборови. Форум, самит, лидерство, дијаспора, визија, конкурентност, поврзување, иднина. Сите тие зборови убаво звучат. Тие се модерни, стерилни, безбедни. Во нив нема кал, нема фабричка хала, нема работник што зема плата, нема семејство што останало во Македонија затоа што некој навистина отворил работни места. Во нив има бизнис-јазик, јазик за новинарите да го препишат и објават, конференциски сали и свечени фотографии. Но државата не се гради со зборови што добро изгледаат на банер. Државата се гради со резултат што може да се изброи.
И затоа почнав да се сомневам и се потрудив да ја склопам некако големата слика за големото ветување наречено „Македонија 2025“. Не како судска пресуда, не како обвинение, туку како јавен и личен впечаток. Кога една организација со толку звучно име, со толку години постоење, со толку самити, со толку говорници и со толку контакти во дијаспората не може пред јавноста да извади прецизна листа на донесени инвестиции, тогаш луѓето имаат право да прашаат дали целата приказна не е повеќе параван за лична промоција на поединци отколку инструмент за национален економски напредок.
Зошто личната промоција во Македонија одамна не се прави само преку политички партии. Таа денес се прави преку невладини организации, преку фондации, преку иницијативи, преку самити, преку „лидерски“ програми, преку платформи со англиски имиња и преку внимателно избрани фотографии на кои секој изгледа загрижен за иднината на државата, а никој не мора да одговара за сегашноста.
Тоа е новиот елитизам. Не оној стар, груб, партиски, балкански, со парола и знаме. Овој е понашминкан, поскап, поелегантен. Се зборува за вредности, за глобални мрежи, за млади лидери, за иновации, за дигитална трансформација, за инвестиции и за дијаспора. Но на крајот, кога ќе се расчисти салата каде што се одржал самитот, останува прашањето што не може да се нашминка: што конкретно доби Македонија?
Ако „Македонија 2025“ навистина била мост, каде се камионите што поминале преку тој мост?
Ако била врата кон капиталот, каде се инвеститорите што влегле низ таа врата?
Ако била глас на дијаспората, каде се делата на таа дијаспора преточени во фабрики, центри, извоз, плати и даноци?
Ако била национална економска мисија, каде е националниот биланс?
Не е доволно да се каже дека биле поддржани бизниси. Не е доволно да се каже дека биле обучени лидери. Не е доволно да се каже дека биле организирани средби. Средба не е инвестиција. Панел не е работно место. Менторство не е фабрика. Презентација не е извоз. Аплауз не е економија.
Македонија има премногу организации што живеат од впечатокот дека нешто прават. Тие произведуваат атмосфера, но не произведуваат резултат. Тие создаваат мрежа на важност околу себе, но не секогаш создаваат вредност за државата. И токму затоа јавната критика не е напад, туку неопходна хигиена. Особено кога станува збор за организација што го носи името Македонија. Тоа име не е приватна визит-карта. Тоа име не смее да биде декор за лична биографија.
Затоа најфер прашање до „Македонија 2025“ би било следново: објавете една едноставна табела. Година по година. Компанија по компанија. Инвеститор по инвеститор. Износ по износ. Работни места по работни места. Покажете што е директно резултат на вашата работа, а што е само поширок контекст во кој сте присуствувале. Разграничите што сте донеле, што сте помогнале, што сте поддржале, а што само сте го поздравиле од говорница.
Ако таа табела постои, јавноста треба да ја види. Ако не постои, тогаш критиката станува уште посилна. Зашто организација што две децении зборува за економски развој, инвестиции, дијаспора и иднина, а не може јасно да покаже сопствен инвестициски биланс, мора да прифати дека јавноста ќе ја гледа со недоверба.
Таму има искрени луѓе. Таму имам и пријатели што лично ги познавам. Сме седеле на маса, сме споделувале идеи, сакаме да ѝ помогнеме на Македонија. Повеќето имаат добри намери. Секако дека имаат корисни програми. Тоа не треба да се исклучи. Но добрата намера не е доволна кога се настапува со големо национално име. Во јавниот живот, особено во сиромашна и иселена земја како Македонија, мора да се мери исходот, а не сликање во свечена сала и делење награди меѓу „своите“.
На Македонија не ѝ треба уште една витрина во која успешни поединци ќе си ја полираат сопствената слика пред домашната публика. На Македонија не ѝ треба уште еден годишен собир на луѓе што зборуваат за иднината додека сегашноста интензивно се празни. На Македонија не ѝ треба дијаспорски гламур без економски корен. На Македонија ѝ требаат капитал, работа, производство, извоз, знаење што останува дома и луѓе што нема да заминат.
Ако „Македонија 2025“ го прави тоа, нека покаже. Ако не го прави, тогаш нека престане да се крие зад големото име и зад убавите зборови. Зашто златната претстава на јавна измама не е секогаш лагата. Понекогаш тоа е маглата. Магла од конференции, магла од фотографии, магла од свечени говори, магла од големи визии без мала, точна и реална сметка.
А Македонија, изморена од ветувања, веќе нема луксуз да аплаудира на магла, на високи штикли и црни чорапи.
Кирил Колемишевски

































