Кинескиот претседател Си Џјинпинг изјави дека очекува 2026 година да биде „историска и значајна“ за односите меѓу Кина и САД, на почетокот од средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг.
Како што пренесе Кинеската централна телевизија (ЦЦТВ), Си нагласил дека економските и трговските односи меѓу двете земји се „заемно корисни“ и позитивно го оценил напредокот во соработката со Вашингтон.
Од своја страна, Трамп оценил дека средбата претставува „најголемиот настан“ и изразил уверување дека двете држави ги очекува „светла иднина“ во билатералните односи, пренесе кинеската новинска агенција „Синхуа“.
Кинескиот лидер го пречека Трамп со свечена церемонија пред Големата сала на народот на плоштадот Тјенанмен. Двајцата лидери се ракуваа пред почесната гарда и официјалните делегации, по што следуваше изведба на националните химни придружена со топовски салви.
Во рамки на церемонијата, лидерите извршија смотра на почесните единици, додека деца со кинески и американски знамиња ги поздравија делегациите.
































