Редакциска опсервација Македонија во геополитичко менгеме меѓу европските интеграции, бугарските условувања и внатрешните агенди за редефинирање на државата
- Во политиката постојат компромиси. Во дипломатијата постојат отстапки. Во меѓународните односи постојат притисоци. Меѓутоа, постојат и граници зад кои компромисот престанува да биде рационална политика, а почнува да наликува на историско самонегирање. Македонија денес повторно се наоѓа токму на таа опасна линија (на огнот)
Во момент кога Европската Унија зборува за нов „прозорец“ за проширување на Западен Балкан, официјално Скопје е исправено пред комплексен геополитички тест. Имено, дали европската перспектива ќе продолжи да се темели врз Копенхашките критериуми и владеењето на правото или ќе стане процес во кој историските интерпретации, идентитетските условувања и билатералните блокади добиваат статус на европски норми? Прашањето повеќе не е само политичко. Тоа е и правно, цивилизациско и историско. А ние сме исправени пред него.
„МОСТ“ КОН СОФИЈА ИЛИ МОСТ КОН НОВИ ОТСТАПКИ?
Лидерот на Вреди, Билал Касами, во интервју за „360 степени“ изјави дека неговата политичка структура сака да биде „мост“ за враќање на комуникацијата меѓу Скопје и Софија, со цел уставните измени да бидат „последното прашање“ на патот кон ЕУ. Во нормални околности, ваквата порака би звучела конструктивно. Но Македонија одамна не функционира во нормални политички околности. Затоа јавноста оправдано прашува: мост кон што? Кон европска интеграција базирана на критериуми и стандарди? Или кон процес во кој една држава кандидат треба да прифати нови идентитетски редефинирања, ревизија на сопствената историја и политичка релативизација на својот јазик и национален континуитет? Бидејќи ако почетната точка на изградбата на „мостот за преговорите“ почнува со тоа кои сме, каков јазик зборуваме и како се нарекуваме, тогаш не станува збор за класичен дипломатски дијалог со посредништво, туку за навлегување во сферата на фундаменталните права на еден народ.
КОГА ТЕРМИНОЛОГИЈАТА СТАНУВА ПОЛИТИКА
И изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, која во Брисел говореше за „северномакедонски партнери“, повторно ја отвори суштинската дилема околу вистинската природа на спорот. Реакцијата на министерот Тимчо Муцунски беше остра и прецизна: „Користењето на терминот ‘северномакедонски’ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци“. Во дипломатијата, термините никогаш не се неутрални. Тие се внимателно избрани политички пораки. Токму затоа македонската јавност сè повеќе добива впечаток дека дел од официјална Софија не го третира македонскиот идентитет како историски континуитет, туку како предмет на дополнително политичко дефинирање. Проблемот е што таквиот пристап повторно и повторно наметнува опасен преседан што веќе станува практика. Доколку Брисел дозволува идентитетските прашања да станат дел од официјалната преговарачка рамка, тогаш утре секоја држава членка би можела да отвора историски и национални спорови како инструмент за блокада. Тоа би значело трансформација на европскиот проект од заедница на вредности во арена на историски ревизионизми со помош на инструментот вето.
ЈУС КОГЕНС И ПРАВОТО НА САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ
Во меѓународното право постојат принципи што не смеат да бидат предмет на политичко пазарење. Тоа се нормите познати како јус когенс, а тоа се императивни правила од кои не е дозволено отстапување. За потсетување, меѓу нив се… правото на самоопределување, забраната на дискриминација, еднаквоста на народите, заштитата на човековото достоинство, принципот на немешање во внатрешниот идентитетски интегритет на државите итн. Токму затоа многу правни експерти предупредуваат дека условувањето на европскиот пат со идентитетски интервенции создава сериозен судир меѓу политиката и меѓународното право.
Да бидеме начисто. Ниту една европска интеграција не смее да подразбира ревизија на националната самосвест, политичко преименување на народ, условување на историскиот континуитет или дипломатски притисок врз јазичниот идентитет. Такви преседани досега не постоеле во европската пракса. Ниту Полска, ниту Чешка, ниту Хрватска, ниту балтичките држави не биле условувани да преговараат за сопствениот идентитет за да станат дел од ЕУ. Македонија, практично, станува првиот случај во кој една земја кандидат треба да докажува што е!?
ОД НАДВОРЕШЕН ПРИТИСОК ДО ВНАТРЕШНА РЕКОНФИГУРАЦИЈА
Но кризата не доаѓа само однадвор. Паралелно со бугарските условувања, во Македонија во албанскиот кампус се отвора пресинг-дебата за „реална автономија на општините“, „проширени ингеренции“, „фискална независност“ и нови форми на регионално организирање. На прв поглед, тоа изгледа како модерна европска децентрализација. Но во етнички чувствителен политички систем, ваквите концепти неизбежно добиваат пошироко значење. Соговорници на оваа тема предупредуваат дека под плаштот на ваквата „европската терминологија“ може постепено да се отвори „процес на редефинирање на унитарниот карактер на државата, трансформација на уставната архитектура и создавање нов модел на политичка конститутивност“. Особено кога паралелно доаѓаат барања за внесување нови државотворни елементи во Уставот (Албанци и Бугари).
Токму тука, според дел од аналитичарите, се создава заедничката точка меѓу надворешниот и внатрешниот притисок со постепена трансформација на македонската држава преку синхронизиран политички процес.
ГЕОПОЛИТИЧКИОТ (БЕРМУДСКИ) ТРИАГОЛНИК ВО КОЈ ВЛЕГУВА ОФИЦИЈАЛНО СКОПЈЕ
Македонија денес реално се наоѓа во класично геополитичко менгеме. Од една страна е силниот притисок од Брисел за „искористување на моментот“. Од друга страна е Софија, која практично го монополизира европскиот пат на Македонија преку билатерални условувања. Но паралелно постои и внатрешен политички фактор што гледа можност за отворање пошироки уставни и системски реформи. Така се создава сложен политички триаголник од европски притисок, бугарски условувања и домашни агенди за ново редефинирање на државата. Во таков контекст, секој политички потег носи сериозни последици. Доколку Македонија прифати сè што се бара, ризикува долгорочна идентитетска ерозија и историска фрустрација. Доколку одбие, ризикува блокади, дипломатски притисоци и пролонгирање на европскиот процес. Но токму затоа пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека „достоинството нема цена“ добива поширока тежина.
ПОТЕШКИОТ ПАТ КАКО ПОЛИТИЧКА СТРАТЕГИЈА
„Пократкиот пат има предизвици кои најчесто се понижувачки. Ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака“, порача премиерот на Самитот 2026 организиран од „Македонија 2025“. Тоа е суштински различна политичка филозофија од досегашниот модел на постојани отстапки во име на европската перспектива. Во суштина, Владата се обидува да испрати порака дека реформите се неопходни, европската интеграција останува стратешка цел, но државата нема да прифати интеграција по цена на сопствено обезличување. Оваа позиција не значи антиевропеизам. Напротив. Тоа е обид европскиот пат да се врати во рамките на принципите врз кои самата Европа тврди дека е изградена достоинство, еднаквост, правна сигурност и почитување на националниот идентитет.
МАКЕДОНИЈА ИМА ОБВРСКА ДА БИДЕ ТРПЕЛИВА, НО НЕ И ДА СЕ САМООДРЕЧЕ
Македонија низ децениите преживеа ембарга, блокади, вета, безбедносни кризи и долги дипломатски притисоци, но секојпат опстојуваше затоа што не се откажа од суштинското чувство за себе. Токму затоа денешниот момент е повеќе од обична политичка криза. Ова е тест дали една мала европска држава може да остане достоинствена во време кога геополитиката често се обидува да го потисне правото. И затоа Македонија мора да биде мудра, рационална и трпелива. Но истовремено и цврста таму каде што се допираат идентитетот, јазикот, историјата и правото на самодефинирање. Бидејќи компромисите се дел од политиката. Но постојат линии по кои ниту една нација не смее да преговара ако сака да остане тоа што е. А Македонците, без оглед на сите дипломатски конструкции, политичките (бермудски) триаголници, геополитичките менгемиња и надворешни интерпретации, остануваат Македонци. Не „северномакедонски народ“! Не привремена политичка категорија. Не историска фуснота. Туку народ со свое име, свој јазик, своја меморија и свое право достоинствено да чекори кон Европа, исправен, а не на колена. П.Р.

































