Фото: Пиксабеј

Грчката полиција од рано утрово спроведува голема акција во регионите околу градовите Кожани и Агринио, насочена кон разбивање на мрежа осомничена за злоупотреба на европски земјоделски субвенции. Во акцијата досега се уапсени 13 лица, кои според истрагата незаконски се стекнале со повеќе од 2,5 милиони евра.

Операцијата ја спроведува Одделот за борба против економски криминал при Дирекцијата за борба против организиран криминал, во рамки на истрага за измама на штета на финансиските интереси на Европската Унија и за давање лажни изјави.

Според информациите од грчката полиција, меѓу уапсените се и управител и вработен во Центар за прием на барања за субвенции, додека истрагата опфаќа вкупно 39 лица.

-Се проценува дека незаконската финансиска корист надминува 2,5 милиони евра, а паралелно се утврдени и даночни прекршоци – соопштија од грчката полиција.

Ова е втора голема полициска акција поврзана со злоупотреба на европски земјоделски фондови во изминатите денови. Минатата седмица, во две одвоени операции спроведени во Солун, Килкис, Сер, Атина и на делови од островот Крит, беа уапсени вкупно 39 лица осомничени дека незаконски прибавиле повеќе од 7 милиони евра преку измами со субвенции.

Грчките власти продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на случајот и утврдување на евентуалната поврзаност меѓу двете криминални мрежи.