Еден хотел, два атентата, едно сеќавање
Веста за неодамнешниот атентат врз претседателот Доналд Трамп во хотелот „Вашингтон Хилтон“ побуди едно необично сеќавање. На истото место пред 45 години (на тротоарот на излезот од хотелот) се случи атентат врз штотуку избраниот претседател Роланд Реган. Седум месеци претходно, на први септември 1980 година, бев пристигнал со семејството во Вашингтон каде што во југословенската амбасада бев назначен за советник за наука и технологија. Мојата сопруга Калиопи беше во поодмината бременост со нашето второ дете.
Во Вашингтон останав четири години. Веќе во првите недели по пристигнувањето од Скопје, по малку неочекувано, почна да ме заплиснува една необична емотивна возбуда. Станував свесен дека еден дел од цената што треба да ја платам за повеќегодишното отсуство од дома, се мирисите од детството – мирисот на шимшировата грмушка во рана пролет, на Водно.
Првото меморирање преку носот – шимширова грмушка
Со мене работите во животот испаднаа така што долго останав заглавен во детството. Заради мирисите. Ми се протегна со децении. Излезе од реалното време и работите се измешаа. Пресудно беше првото искачување на Водно со татко ми, некаде меѓу 1952 и 1954 година. Веројатно била рана пролет.
– Тато, од каде доаѓа овој мирис, никаде не гледам расцутени дрвја – му реков на татко ми додека се качувавме по стрмната патека.
– Не знам – одговори во недоумица – ајде да откриеме.
На падините на Водно има распрснато многубројни колонии од шимширови грмушки. Првото планинарење до врвот на планината не го запаметив по напорот, туку по опојниот мирис што дотогаш го немав почувствувано. До ден-денес не можам да знам дека дошла пролет сѐ додека не почувствувам мирис на шимширова грмушка. Расцутена дива слива, со снежно бели ситни цутови, не ми значи ништо, ако не земам во рацете гранче и не го помирисам („Ех, да имав четче со кое цутот од слива сосе мирис се слика“ – Сатамура Шоха, јапонски поет,1521-1600). Сѐ додека не вдишам длабоко – со порив на жеден во пустина што ги голта последните капки вода што му преостанале – за мене сѐ уште не пристигнала пролет. Не ми е доволно само да ја видам и да ја слушнам или да ја насетам во туѓи очи што желно ја впиваат.
Шимшировата грмушка не цути како овошно стебло, туку разлистува. Слично како даб, бука, врба или некој четинар. Испушта жолтокафеав полен, кој на поминување доколку го поткачиш со рацете или со телото, веднаш се разлева низ воздухот. Мирисот останува долго да лебди, доволно за да го запаметиш.
Тоа беше онаа пресвртна точка кога почнав да меморирам преку носот. Дали тоа важи и за мирисот на мајчиното млеко, за мирисот на мајката воопшто, кога првпат ќе те стават на мајчината дојка, испотена од породилните напрегања, која, иако набабрела, од неа сѐ уште во тој миг не протекло млекото?
Во Вашингтон, со Павле Ј. – шимширова грмушка, вторпат
Во една пригода во паузата за ручек се затекнав со мојот колега од амбасадата, Павле Јевремовиќ, на пат кон еден кинески ресторан. Се наоѓаше на авенијата Висконсин, блиску до амбасадата. Таму одевме често заедно. Имаше добро јадење, а за ручек, цените секогаш се пониски од цените за вечера. Овој пат бевме љубопитни да поминеме покрај хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде што неколку дена пред тоа, на тротоарот пред влезот во хотелот, беше извршен атентат врз претседателот Реган. Сѐ уште не се докажа дали тинејџерот што пукаше сакаше да ѝ го привлече вниманието на глумицата Џоди Фостер, во тоа време и самата тинејџер, и да ѝ покаже колку е вљубен во неа или, пак, сакаше преку одземање човечки живот директно да влезе во историјата. Џон Хинкли Јуниор, атентаторот на Реган, беше пуштен на слобода од менталната институција во која ја издржуваше казната, при крајот на јули 2016 година, по 35 години. Од шесте истрелани куршуми еден заврши во близината на срцето. Беше итно опериран во универзитетската клиничка болница на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ во центарот на Вашингтон. Немаше време да го носат во прочуената Морнаричка болница во Бетезда, која е на десетина километри од местото на атентатот. Во истата клиника три месеци пред атентатот, во декември, беше роден нашиот помлад син Евгение. Претседателот Роланд Реган не само што го преживеа атентатот туку го преживеа и првиот реизбор. Остана на чело на САД осум години, од 1981 до 1989 година.
Кон ресторанот се упативме по уличе по кое претходно немавме поминато. Во еден миг се случи нешто со мене што Павлета многу го вознемири. Се вкопав во место неспособен да направам чекор понатаму.
– Павле, застани те молам, не прашувај ништо, само застани.
Ја подигнав главата нагоре. Ги затворив очите и почнав длабоко да дишам со порив на давеник што бара воздух до кој не може да дојде. Благ мирис на разлистан шимшир се ширеше од некаде.
– Влада, шта то радиш, шта ти је, бре, јебо те – извика Павле изненадено.
– Хоќеш ла да седнемо мало, јеси ли добро човече божји!
Беше изненаден колку и јас, но од сосема друга причина.
Кога се созедов малку од возбудата, почнав да сознавам дека во тој момент не се наоѓам таму кај што сум, со Павле Јевремовиќ, во споредна уличка што под прав агол треба да нѐ однесе на авенијата Висконсин, не многу далеку од центарот на градот. Со душата и со мислите бев веќе преку Атлантикот, дома, во океанот на глетките и мирисите на некоја рано пролетна падинка, на Водно.
Кога конечно ги отворив очите, забележав дека стоиме пред една куќа со високо приземје и кат. Такви мали семејни куќи во почетокот на 1980-тите години сѐ уште можеа да се забележат во малите споредни улички што излегуваат на големите авении и булевари во центарот на Вашингтон, и тоа не само во стариот историски дел на градот, недалеку од центарот – Џорџ Таун – туку и во околината на Дупон Сркл. Од таму, по авенијата Масачусетс се стигнува до Белата куќа, неколку стотина метри подолу.
Зад ниската, речиси срамежливо поставена дрвена ограда, имаше жива ограда од штотуку поткастрен шимшир.
Се почувствував изнемоштен. Немав сила да му објаснувам за Водно, за детството, за мирисот на шимширови грмушки и на расцутена дива слива. А не знам и дали ќе ме разбереше. Она што во тој миг за мене беше извор на голема душевна возбуда, за него беше извор на најголема неволја и мака. Сиротиот, патеше од алергија.
Павле беше многу совесен човек, дипломат од кариера, белградско дете во најдобрата смисла на зборот. Беше личност во која, во убава хармонија, опстојуваат високите стандарди на културната и интелектуалната традиција на српскиот народ. Кај него, тоа беше преточено во дипломатска умешност и способност и беше проткаено со шармантниот шмек на дете израснато на белградскиот асфалт, од центарот на градот. Вистински интелектуалец со душа, кај кого урбаното наследство на улична снаодливост е само погодна алатка на вистински начин да го прочита соговорникот уште при првата дипломатска средба и разговор. Најголемиот и веројатно највреден и најплодотворен дел од политичките дипломатски контакти на југословенската амбасада во тоа време (ако се изземе амбасадорот Будимир Лончар, за чие време и двајцата службуваме во амбасадата) одеше преку Павле – со директори на сектори во Стејт департментот, со високопласирани функционери во Белата куќа и во Конгресот, со конгресмени и сенатори, како и со јавни личности и новинари.
Тој ден во кинескиот ресторан апетитот добро ме послужи. Ја прославив пролетта, задоволен што, покрај сетилото за мирис, си се честев и со сетилото за вкус.
Лично, имав дополнителен мотив за нагласеното колегијално пријателство и дружење со Павле, како со никој друг дипломат од амбасадата. Во ист ден пристигнавме во амбасадата во Вашингтон, секој на својата должност, со редовниот лет на тогашниот ЈАТ (националната авиоагенција – Југословенски авио транспорт) од Белград, на 1 септември, 1980 година, и во ист ден се вративме во земјата, точно по четири години. Освен овој технички факт, сѐ друго меѓу нас двајцата беше различно. Тој беше дипломат од кариера, а јас бев универзитетски професор, доцент, на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во југословенската дипломатија бев дојден директно од универзитетска катедра, ако не се смета фактот што не бев сосема без меѓународно–дипломатско искуство. Како член на Претседателството на Сојузот на Социјалистичката младина на Југославија при крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите, повеќе пати предводев или бев член на југословенски младински делегации во странство – Алжир, Судан, Норвешка, Египет, Германија и Франција, а исто така и за време на двете години, на почетокот на седумдесеттите, како претседател на Младината на Македонија, доста патував и учествував на неколку меѓународни младински конференции. Во еден период, при крајот на седумдесеттите години, ја предводев и Комисијата за меѓународна научна соработка на Републичката заедница за наука.
Но со Павле ме поврзаа уште две работи.
Бевме единствените дипломати во тогашниот состав на амбасадата штo си купивме нови, а не половни (на старо) автомобили, како што правеа најголемиот дел од дипломатите и административно-техничкиот персонал на амбасадата. По третата година од престојот, Павле планираше да го помине годишниот одмор патувајќи со автомобил од Вашингтон до Анкориџ, на Алјаска (поминувајќи ја цела Канада), што и го оствари со целото семејство, во огромниот „олдсмобил“ на „Генерал моторс“. Признавам, го имав прифатено неговиот поглед на работите. Спакувани во малиот „форд ескорт“, со две мали деца од две и пол и пет и пол години, со целосна камп-опрема (половина од патот спиевме во автокампови, како и во мали попатни мотели) летото во 1983 година направивме дваесет и четиридневна кружна обиколка низ Америка – од Атлантикот до Пацификот, и од Големите Езера на север, на границата со Канада, до Мексиканскиот Залив на југ. Какво епско патување беше тоа! Речиси секој ден распакување и пакување со полусонливи деца околу. Најтешко им паѓаше миењето нозе пред да ги сместиме во вреќите за спиење, често пати и по 10 часот навечер). Храброста и одважноста да се преземе вакво патување, наспроти неизвесностите и ризиците од секаков вид, за малку ќе ја пречекореа границата на родителска неодговорност.
Втората работа беше тоа што го познаваше татко ми Боро. Го имаше сретнато неколку години претходно, во Њу Делхи, во југословенската амбасада во Индија, каде што Павле, во тоа време, бил помлад дипломат. Татко ми и професорот Најдан Пашиќ, од Белградскиот универзитет на Факултетот за политички науки, беа на студиски престој и промоција на заедничката Југословенско-индиска публикација за самоуправувањето како општествено-политички систем. Тоа беше колективен труд – студија, на еминентни политиколози, правници, професори и општествени работници од двете земји, меѓу кои и тие двајцата. Некаде во 1982/1983 година, во Вашингтон престојуваше професорот Пашиќ, на покана на Стејт департментот – преку меѓународната програма за истакнати личности од политичкиот, научниот и од општествениот живот. Ја искористив можноста да го поканам дома на вечера. Се имав и лично запознаено со него, за време на одбраната на докторатот на татко ми, на Факултетот за политички науки на Белградскиот универзитет, неколку години пред тоа. Професор Пашиќ му беше ментор на татко ми.
Ми беше мило што го гледам повторно тој истакнат човек. На Калиопи не ѝ требаше многу, како и секогаш во вакви посебни пригоди, да прикаже кулинарска посветеност на граница на извонредност. Така беше и сега. Но овој пат направи грешка, заборавајќи на возраста на професорот. На вечерата се појави убаво облечен, со прекрасна вратоврска, но мораше да вложува речиси натчовечки напори за да ужива во јадењето, а да не се капне. Калиопи имаше одбрано да приготви големи ракчиња во доматен сос (во вашингтонските супермаркети се продаваа под ознаката „giant shrimps from Maine“). Иако лушпата им се отстрануваше со прсти, сепак беше тешко да се избегнат дамки, дури и да не ти се тресат рацете.
– Требаше за професорот да приготвам поедноставен рецепт, ракчиња на пареа, без никаков сос – коментираше отпосле Калиопи, јадосувајќи се, откако забележа дамка на кошулата на подостарениот гостин.
Авторот е универзитетски професор и амбасадор
































