Фото: МИА

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за МИА потврдија дека денеска е побарана билатерална средба меѓу министерот Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Средбата би требало да се одржи следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно, на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, информираше дека од неа добил совет да побара официјална билатерална средба со бугарската страна за време на престојот на Муцунски во Софија.

Одговарајќи на новинарско прашање за неговиот предлог Европската Унија да се вклучи во разговорите меѓу Скопје и Софија, Мицкоски рече дека веднаш побарал од министерот за надворешни работи да испрати дипломатска нота и да побара средба со неговата бугарска колешка.

– Ќе се обидам да бидам конкретен на вашето прашање и ќе излезам од формалниот дипломатски речник. Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.

На прес-конференцијата Мицкоски посочи дека со фон дер Лајен отворено разговарале за предизвиците во односите со Бугарија. Според него, доколку од  Македонија се очекуваат одлуки со долгорочни последици, оправдано е да се очекува и јасна европска перспектива за понатамошниот процес.

Како што нагласи, целта не е одложување на евроинтегративниот процес, туку создавање услови тој да продолжи да се движи напред на стабилна и одржлива основа.