Фото: МИА

Вкупно 28 питомци од јубилејната 30-та класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ денеска дадоа свечена заклетва, со која го започнуваат патот кон офицерската професија. На свеченоста, министерот за одбрана Владо Мисајловски порача дека најголемата сила на Армијата се обучените, мотивирани и професионални кадри.

– Униформата е чест, заклетвата е обврска, а службата кон татковината е одговорност што се докажува со дела – истакна Мисајловски, обраќајќи им се на питомците, нивните семејства и присутните гости.

Тој нагласи дека заклетвата е првиот чекор кон офицерска кариера во која честа, одговорноста и службата кон државата треба да бидат водечки вредности.

Осврнувајќи се на претстојното одбележување на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, како и на неодамнешното чествување на 11 Октомври – Денот на народното востание, министерот посочи дека историските датуми сведочат за истрајноста на македонскиот народ во борбата за слобода и самостојна држава.

Според него, истите вредности се темел и на офицерската професија, која бара дисциплина, физичка и психолошка подготвеност, знаење и способност за носење одлуки и преземање одговорност.

Мисајловски истакна дека Министерството за одбрана, Генералштабот и Воената академија остануваат посветени на подобрување на условите за образование и обука, како и на модернизацијата на Академијата и Армијата.

– Наша определба е јасна и недвосмислена – посилна, поопремена и поефикасна Армија, целосно подготвена да одговори на современите безбедносни предизвици – порача министерот.

Тој додаде дека вложувањето во човечкиот потенцијал останува врвен приоритет, бидејќи денешните питомци во иднина ќе бидат офицерите што ќе ја водат Армијата.

Мисајловски упати порака и до питомците од Босна и Херцеговина, оценувајќи дека нивното присуство ја потврдува улогата на Воената академија како центар за знаење, меѓународна соработка и градење доверба меѓу идните офицери од партнерските и сојузничките земји.

Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, истакна дека давањето заклетва е многу повеќе од свечен чин и претставува личен завет за служба на татковината и почитување на офицерските вредности.

– Заклетвата не е само свечен чин. Таа е збор на чест, личен завет и ветување дека татковината, должноста и достоинството секогаш ќе бидат пред личниот интерес –  порача Танески.

Тој се осврна и на напредокот во модернизацијата на Армијата, посочувајќи ги набавката на современа опрема, инфраструктурните инвестиции и подобрувањето на статусот на воениот персонал.

Според деканот, развојот на одбранбените капацитети не зависи само од вооружувањето, туку пред сè од луѓето, поради што образованието и создавањето нови генерации офицери имаат особено значење.

Обраќајќи им се на питомците, Танески нагласи дека офицерската професија бара лидерски способности, но и високи морални стандарди.

– Добриот офицер не се препознава само по тоа како командува, туку и по тоа како се однесува кон луѓето што му се доверени. Бидете праведни. Бидете чесни. Почитувајте ги другите. Не плашете се да преземете одговорност – истакна тој.

На свеченоста заклетва дадоа 28 питомци од 30-та класа, а наставата на Воената академија ќе ја следат и шест питомци од Босна и Херцеговина.