Македонија во изминатиот период го зголемила буџетот за наука, воспоставила нова стратешка рамка и презела чекори за развој на националниот иновациски екосистем, а следен приоритет е поврзувањето со регионалните и глобалните истражувачки мрежи. Ова го истакнала министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на министерскиот состанок на Управувачката платформа за истражување и иновации за Западен Балкан во Брисел.
Како што соопшти Министерството за образование и наука (МОН), Јаневска посочила дека за краток период буџетот за наука е двојно зголемен, подготвени се нови законски решенија и е модернизирана националната истражувачка инфраструктура.
– Формиравме Национален совет за иновации, претприемништво и технолошки развој, кој е одговорен за координација на националните активности и иницијативи, а основавме и посебна Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, која ќе го олесни пристапот до средства и услуги за компаниите, истражувачите и иноваторите – изјавила Јаневска.
Министерката информирала дека во земјава функционираат седум центри за трансфер на технологии, пет технолошки инкубатори и еден приватен научно-технолошки парк.
Во тек е и процесот на основање виртуелен научно-технолошки парк, како и првиот технолошки парк под целосна надлежност на државата.
Јаневска го посочила и проектот „ВЕЗИЛКА“, кој, според неа, претставува прва национална контактна точка во европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција.
Еден од главните предизвици, според министерката, останува намалувањето на одливот на мозоци и создавањето услови младите истражувачи да ја градат својата кариера во земјата.
– Тековен главен фокус е намалување на одливот на мозоци и создавање услови за задржување на младите истражувачи во земјата, каде што се очекува да го реализираат својот личен потенцијал – истакнала Јаневска.
Таа оценила дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици во науката и истражувањето, но имаат и можности за заедничка соработка и рамноправен придонес кон регионалниот развој.
На министерскиот состанок во Брисел, на кој учествуваат министри за образование и наука од регионот, се разговарало за политиките за поддршка на иновациите и за добрите практики во истражувачката дејност.
Во рамки на посетата, според информациите од МОН, Јаневска треба да оствари и билатерална средба со европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева.
































