Фото: Пиксабеј

Украина доби 2,9 милијарди евра буџетска поддршка од Европската Унија, наменети за одржување на функционирањето на државната администрација во услови на војната со Русија, објави ДПА.

– Додека Украина се брани од руската агресија, таа продолжува да спроведува сеопфатни реформи – изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека со исплатата ЕУ придонесува за зачувување на финансиската стабилност на Украина и поддржува инвестиции кои треба да придонесат за нејзиното идно закрепнување.

Лидерите на ЕУ минатата година се договорија во текот на 2026 и 2027 година да обезбедат вкупно 90 милијарди евра за поддршка на буџетските и одбранбените потреби на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека, и покрај меѓународната финансиска помош, земјата годинава се соочува со нов финансиски недостиг од 27 милијарди долари. Ова предизвика загриженост во Брисел во однос на понатамошното финансирање на Украина.