Разбистрување на процесите на евроинтеграциите?
- Првпат добиваме доста јасна порака од дипломатски претставник на земја членка на ЕУ дека евентуалниот обид вториот протокол да се претвори во дополнителна преговарачка обврска нема да помине без реакција од другите членки
- Изјавите на австрискиот амбасадор Мартин Палмер отвораат простор за надеж дека во европските дипломатски кругови се бара начин Македонија да излезе од ќор-сокакот, но и дека Бугарија можеби нема да може бесконечно да го држи процесот како заложник на билатералните барања
Последните изјави на еврокомесарката Марта Кос, дадени неодамна, дека Европската комисија прави напори за одблокирање на македонскиот евроинтегративен процес, но дека деталите засега не се откриваат во јавноста, упатуваат на тоа дека во Брисел можеби се одвиваат некакви дипломатски процеси. Во тој контекст треба да се набљудува и изјавата на австрискиот амбасадор во земјава Мартин Палмер, кој отвори неколку важни прашања околу толкувањето на договореното со Бугарија и обврските на Македонија во преговорите со ЕУ.
Особено е значајна неговата порака дека вториот протокол меѓу Скопје и Софија, потпишан во јули 2022 година, не е дел од официјалната преговарачка рамка. Уште поважно е предупредувањето дека доколку Бугарија се обиде да го користи овој документ како дополнителен услов или инструмент за блокирање на европскиот пат на Македонија, другите земји членки ќе реагираат и ќе ја потсетат Софија дека протоколот не е дел од преговарачкиот процес.
Клучната дилема што се наметнува сега кај македонската јавност е дали ова конечно значи дека во Европската Унија почнува да се менува односот кон македонско-бугарскиот спор и дали земјите членки стануваат посвесни дека не може секоја билатерална забелешка, секој историски спор и секое различно толкување на минатото да се претвораат во европски услов за една земја кандидат. На официјален Брисел му е кристално јасно дека ако тоа стане практика, тогаш проширувањето на Унијата ризикува да се претвори во бескрајна серија на билатерални уцени, во која секој сосед ќе може да ја држи европската иднина на другиот во заложништво.
За дел од домашните аналитичари изјавата на Палмер не значи дека Брисел веќе има готово решение, ниту дека Софија ќе се откаже од своите досегашни позиции.
– Интересно е што првпат добиваме доста јасна порака од дипломатски претставник на земја членка дека евентуалниот обид вториот протокол да се претвори во дополнителна преговарачка обврска нема да помине без реакција од другите членки. Токму и кај нас во повеќе наврати беше истакнато дека уставните измени можеби и немаше да бидат толкав проблем доколку го немаше вториот протокол. Впрочем, токму тој е оспорен и пред Уставниот суд, така што ако и ЕУ се изјасни дека тој не е дел од преговарачката рамка, тогаш Македонија би можела да направи пробив во евроинтеграциите и да се приклучи на пакетот со Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина бидејќи земјава е целосно подготвена, дури и може да се смета за фронтлидер заедно со Црна Гора. ЕУ со еден таков потег може да ја исправи неправдата што ѝ ја нанесе на земјава кога не го испорача ветеното при промената на името – велат аналитичарите.
Инаку, според австрискиот амбасадор Палмер, Австрија има традиција на дијалог и посредување и би можела да помогне во надминувањето на спорот, доколку за тоа постои согласност од Скопје и Софија.
– Тоа е уште една можност што не треба однапред да се отфрли, особено ако се има предвид дека Македонија веќе предолго се врти во истиот дипломатски круг, без видлив излез. Софија и натаму се обидува да се спротивстави на какво било посредништво, но ако бугарските власти постојано македонската страна ја упатуваат на Брисел, тогаш и тие треба да очекуваат одлуки од Брисел. Еврокомесарката Марта Кос, и покрај најавите за дипломатски напори, продолжува да потсетува дека уставните измени се услов за отворање на првиот преговарачки кластер, што значи дека Брисел не ја трга од маса обврската што Македонија ја презеде во 2022 година, но очигледно се прават напори да се направи разлика меѓу преземените обврски и дополнителните барања што би можеле да се појавуваат во текот на процесот. Можеби токму тука е суштината на она што се случува сега. Македонија не бара привилегии, туку јасни правила и гаранција дека исполнувањето на договореното нема да биде повод за отворање нови услови. А ако навистина постои волја во Брисел да се стави ред во овој процес, тогаш тоа треба да се покаже и во односот кон Софија – истакнуваат аналитичарите со кои се консултиравме.
































