Фото: „Нова Македонија“

Повод: Изјавата на грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас на отворањето на меѓународната конференција „Улогата на Западен Балкан во новата безбедносна архитектура“

Европската Унија (ЕУ) повторно ја покажа својата политичка дволичност кон Западен Балкан. Додека од говорниците во Брисел се испраќаат пораки за европски вредности, добрососедство, регионална соработка и заедничка европска иднина, од Атина доаѓаат предупредувања дека токму Западен Балкан претставува потенцијален извор на безбедносни проблеми и дестабилизација. Изјавата на грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендијас е далеку од само една дипломатска забелешка, таа отвора сериозно прашање каква е вистинската европска политика кон регионот – интеграција или негово трајно држење што подалеку од Унијата.

Соседот се прикажува како безбедносен проблем,
што значи тоа?

Особено е загрижувачки политичкиот речник со кој се опишува Западен Балкан. Наместо регион со шест држави, милиони граѓани, економски потенцијал и легитимни европски аспирации, пред европската јавност се сервира слика за Западен Балкан како геополитички ризик, како историски нестабилно подрачје и потенцијален генератор на конфликти. Дендијас предупредува дека Балканот има тенденција да создава дури и светски војни!
Дали ваквата етикета во пакет со една историска генерализација е конструктивен придонес кон стабилноста или политикантско етикетирање на цели народи и држави? Добрососедството и помошта во евроинтеграциите не се градат со производство на страв од соседот и неосновано заплашување и клеветење на регионот и такви експликации кон другите членки на ЕУ пред меѓународни форуми. Уште помалку со политичко стигматизирање на државите кон кои соседите членки на ЕУ со меѓународен договор се обврзани да помагаат, да мотивираат и да го динамизираат нивниот пат кон ЕУ.

Од авион се препознава лицемерната бриселска
политика на два колосека

Дендијас всушност многу педантно ја открива суштинската противречност на бриселската политика. Од една страна, Брисел бара од земјите од Западен Балкан да бидат добри соседи, да ги надминуваат историските спорови, да градат регионална доверба и да ги усогласуваат своите политики со европските стандарди. Од друга страна, токму некои од земјите членки ги претвораат билатералните несогласувања во механизми за блокирање на нивниот европски пат.
А Македонија е најдрастичниот пример за ваквата европска апсурдност. Од неа се бараа промени на името, уставни измени, политички компромиси и отстапки, со постојано ветување дека европската перспектива ќе биде реална и достижна. Но секое исполнето барање, наместо да ја приближи до членството, отвора нова политичка неизвесност. Така европската интеграција постепено се претвори од процес наводно заснован врз заслуги во процес условен од политичката волја и националните интереси на одделни членки, за сега да заврши како безбедносно жариште и извозник на безбедносни проблеми?!

КОГА ЕВРОПСКИТЕ АЛАТКИ СЕ КОРИСТАТ КАКО ВЕТО
ЗА ПОЛИТИЧКО-ЛУКРАТИВНИ БЕНЕФИТИ

Најголемата иронија е што држави што декларативно се залагаат за европско единство и регионална стабилност истовремено ја користат својата позиција во Унијата за наметнување билатерални условувања. Грција и Бугарија имаат право да ги артикулираат своите национални интереси, но немаат морална основа тие интереси бесконечно да ги претвораат во европски пречки за Македонија. Ако европската интеграција зависи од тоа дали соседот ќе биде задоволен од идентитетот, историјата, јазикот или уставното уредување на една држава, тогаш станува збор за нешто сосема различно од европскиот систем на вредности. Тоа не е добрососедство. Тоа е политичко туторство со европско знаме.

СТРАВОТ ОД ПРОШИРУВАЊЕТО КАКО ПОЛИТИЧКА СТРАТЕГИЈА

Не треба да се занемари ниту поширокиот европски контекст. Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, како што се буџетски ограничувања, економски притисоци, социјално незадоволство, миграциски тензии, проблеми во здравството и образованието, како и сè посилни безбедносни и одбранбени приоритети. Во таква атмосфера, проширувањето реално станува политички непожелна тема за дел од европските елити.
Имено, новите членки значат нови буџетски обврски, поинакви политички тежини, нови гласачки позиции и дополнителни сложености во институционалното одлучување. Но наместо отворено да се соопшти дека Унијата има проблем со сопствениот капацитет и политичка волја за проширување, многу полесно е Западен Балкан да се претставува како регион со безбедносни ризици, нерешени конфликти и непредвидливи политички процеси. Тоа е опасна замена на тезите. Последиците од долгогодишната европска неодлучност се претставуваат како аргумент против европската интеграција. П.Р.


Македонија е константна жртва на европскиот инструментариум за креирање неизвесност

Особено е неприфатливо Македонија, која со децении ја плаќа политичката цена на европските ветувања, повторно да биде ставена во контекст на регионална опасност. Дали Брисел навистина верува дека безбедноста на Европа ќе биде поголема ако Македонија остане надвор од Унијата? Дали европската стабилност се зајакнува со создавање нови линии на политичко разочарување, недоверба и геополитичка ранливост? Ако Западен Балкан е толку важен за европската безбедност, тогаш логичниот одговор е негово побрзо интегрирање, а не негово политичко дистанцирање. Европа не може истовремено да бара од регионот да биде безбедносен партнер, а да го третира како несакан гостин во сопствената политичка куќа. На крајот, вистинскиот безбедносен проблем за Европа можеби не е Западен Балкан, туку европската политика на недоследност кон Западен Балкан. Зашто Унија што постојано зборува за единство, а практикува селективна солидарност, која повикува на добрососедство, а толерира бесконечни билатерални блокади, која ветува интеграција, а произведува нови услови, ризикува сама да ја поткопа својата геополитичка веродостојност. И затоа пораката до Брисел треба да биде што погласна.
Западен Балкан воопшто не е безбедносен проблем што Европа треба да го држи на дистанца. Брисел всушност со своето одолжување и двојни политики го креира проблемот на незадоволство. Балканот е европски простор што Европа треба да го интегрира. А Македонија не бара привилегија, туку навистина бара либерални елити од Брисел да престане европската практика на двојните стандарди! П.Р.