Мршојадците врз Македонската православна црква повторно во акција (прв дел)

Во македонско-бугарската меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја на дневен ред е Охридската архиепископија. Подзасилен е притисокот на Софија за редефинирање на Охридската како Бугарска црква. А бидејќи Бугарите си придаваат ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија, како и другите окупатори од Балканските војни 1912-1913 година, за волја на вистината: Охридската архиепископија за првпат како бугарско канонско наследство се спомнува во Уставот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија усвоен дури на Шестиот црковно-народен собор одржан на 11 декември 2008 година. Дотогаш Охридска архиепископија во Бугарија НЕМА! Го примаа и Јован Вранишковски како охридски архиепископ, иако знаеја дека е српска инсталација во Македонија, и тоа не им пречеше. Нејсе, толку од „бугарската црковна историја“ – веќе виден фалсификат на Софија…
И бидејќи македонска во државата „Северна…“ остана само уште Македонската православна црква, збеснаа лешинарите и врз неа… Се множат коментарите во некои антимакедонски портали, кои влакно во јајце на митрополитите им бараат, само за да ги дискредитираат – како сето зло во нив да се собрало, та ете месиите ќе ја спасат и Црквата од нејзините епископи, иако црква само на сликички гледаат. Кој им го дал тоа право?
Подзасилено е и фанариотското лоби за трајно решение на името на Македонската православна црква според грчките услови на грко-православниот патријарх на Истанбул, Вартоломеј, кој патем не е ниту вселенски, ниту екуменски, му ја нема империјата за таа титула…
Затоа, поради бугарските врховисти и грчките фанариоти – колаборационистите, не може да останеме незаинтересирани за тоа што ѝ се прави на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и да не реагираме!
По Фрчкоски, сега и Оливер Андонов е влезен во филм на сензација. Демек морал на јавноста да ѝ каже како договорот што го постигнал со Вартоломеј, дедото Петар му го минирал – упропастил. Да заборавиш што значи дипломатија, па и црковна дипломатија, а истовремено да си универзитетски професор и доктор на науки, па уште и да зборуваш дека решението било на дланка, ама – како што вели Оливер Андонов: „…Одело преку Владата, конкретно Мицкоски, оттаму одело во Белград да се праша дали се смее, Белград ја информирал Москва, итно пристигнал одговор: ’Нема шанса да се оди, никако одење‘“ – е крајно неодговорно и далеку од вистината! Некои луѓе се опседнати со Москва и сите одговори ги бараат во „руското влијание“, кое само тие го чувствуваат. Ова е веќе втор ваков излет на Оливер Андонов. Првиот пат следуваше демант од кабинетот на архиепископот на 23 декември 2022 година. Го опоменаа да не се меша таму каде што не му е местото и да не си придава значење што го нема! Но, да продолжиме…
Антимакедонските сили и центри демонтираа сѐ од македонската држава, па им остана уште Македонската православна црква – душата на македонскиот народ – да ја дорасчеречат. И неа да ја обезличат, за да известат – порачката е одработена. Според овие месии, еве, сѐ било готово, ама проруското наспроти прозападното крило во САС на МПЦ-ОА (дефиниции на Фрчкоски) го оневозможило решението. Па, ред се редат, Љубомир Фрчкоски, Оливер Андонов, Марјанчо Николовски… Важи правилото: Ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро организирано.
ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА ЈУСТИНИЈАНА ПРИМА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. Ете, тоа било решението…
За тие со плитка меморија, знаете какво беше своевремено барањето за регистрација на српската црковна инсталација во Македонија на чело со расколникот Јован Вранишковски?
ГРКО-ПРАВОСЛАВНА АРХИЕПИСКОПИЈА НА ПЕЌСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА ВО ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛОВЕНСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
За да ги разберете овие небулози и ликовите што ги туркаат, треба да ја знаете следната историја. Во времето на Отоманската Империја, која била исламска, црквите го носеле името според градот каде што им било седиштето. Пример: Константинополска патријаршија бидејќи седиштето ѝ било во градот Константинопол (денешен Истанбул во Турција), Антиохиска патријаршија бидејќи седиштето ѝ било во градот Антиохија (денешна Сирија), Ерусалимска патријаршија бидејќи седиштето ѝ било во градот Ерусалим (денешен Израел), Александриска патријаршија бидејќи седиштето ѝ било во градот Александрија (денешен Египет)…
По распаѓањето на Отоманската Империја, црквите се нарекле според името на државите каде што им останало седиштето.

Српска православна црква бидејќи седиштето ѝ е во државата Србија, Бугарска православна црква бидејќи седиштето ѝ е во државата Бугарија, Македонска православна црква бидејќи седиштето ѝ е во државата Македонија, Грузиска православна црква бидејќи седиштето ѝ е во државата Грузија, па Руска православна црква бидејќи седиштето ѝ е во државата Русија, Украинска православна црква бидејќи седиштето ѝ е во државата Украина…
По правило, црквите го носат националното име на државата во која им е седиштето или еклисиолошкото – старото црковно име според името на градот каде што им било седиштето пред распаѓањето на Отоманската Империја во која дејствувале. Или и двете имиња заедно. Националното не е етничко име, како што вели Оливер Андонов: Наместо „националното“ ќе биде „просторно“ според името на државата Северна Македонија!
Имајте на ум, дека канонската јурисдикција не подразбира само духовно поглаварство, туку право на сопственост и наследство!
Но Македонската православна црква била македонска и поради името на државата Македонија и поради името на територијата каде што ѝ било седиштето. Не е никаков грев и поради името на народот што во неа се црквувал – македонскиот, затоа што на негова територија била Охридската архиепископија!
Уште кога се предаде името на државата, јасно беше дека Атина ќе типува на промена и на името на Црквата. Демонтажата да биде и територијална и духовна – комплетна.
Македонската православна црква имаше увид во решенија како таа е уредена во други православни цркви. Имено, во основните одредби на Уставот на Руската православна црква пишуваше: „Руската православна црква е помесна православна црква што претставува дел од едната света соборна и апостолска црква. Друго службено име на Руската православна црква е Московска патријаршија“. И тоа не би бил проблем, доколку Грците вистински ја прифаќаат Охридската архиепископија. Да, тие ја признаваат древната Охридска архиепископија, но НЕ Ѝ ГО ПРИЗНАВААТ ПРАВОТО НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА НА КАНОНСКО НАСЛЕДСТВО ВРЗ ДРЕВНАТА ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА. Знаејќи го анимозитетот на Грците кон Македонците и кон Македонија, како и ставот дека „Македонија е грчка“ како основа на државноста на Елада, во пресрет на решавањето на македонското црковно прашање беше за очекување да биде прифатена истата дефиниција и за Македонската православна црква: „Македонската православна црква е помесна православна црква што претставува дел од едната, света, соборна и апостолска црква“. Друго службено име на Македонската православна црква е Охридска архиепископија – патријаршија / Јустинијана Прима. На Архиепископскиот црковно-народен собор одржан на 12 ноември 2009 година во Скопје, во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, едногласно беа прифатени и изгласани амандманите за името на црквата, со што таа официјално стана Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Месииве сметаат дека ја откриле Америка, па велат „Охридска архиепископија Јустинијана Прима Православна Црква во Северна Македонија“ е идеално решение. Со тоа и канонското наследство на МПЦ врз древната Охридска архиепископија и Јустинијана Прима биле решени. Сѐ било договорено со Гркот Вартоломеј во Истанбул, ама еве владиката Петар ја растурил играта.

Демек нема да биде Македонска православна црква, бидејќи тоа било „национално име“, името на православната црква морало да кореспондира со името на државата – новата реалност – Северна Македонија. Сега ви текнува кои се импликациите од импровизациите на шарлатанот Зоран Заев по името и идентитетот?
Вистината, за жал, е многу погорка! ГРЦИТЕ НЕ САКААТ ДА ЧУЈАТ ЗА ИМЕТО ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА! Грците не признаваат канонско наследство на Македонската православна црква врз Охридската архиепископија, уште помалку на Јустинијана Прима. Со Јустинијана Прима, на Грците им паѓа во вода нивната Пентархија, што буквално значи „владеење на петтемина“. Имено, во првите илјада години, целата христијанска Црква била водена заеднички од петте најважни епископски престоли во Римското Царство. Ниту еден патријарх не бил сам над сите – одлуките за најважните прашања се носеле соборно, во заедништво. Тие пет патријаршии по ред на чест биле: 1. Римската – најстариот престол каде што е седиштето на папата во Рим. По големиот раскол во 1054 година, Римската црква се одделува од православното заедништво. 2. Цариградската – во градот Истанбул. По падот на Рим, Истанбул станува политички најважен престол – „Новиот Рим“. 3. Александриска во градот Александрија, како патријаршија на Александрија и на цела Африка, еден од најстарите центри на богословието. 4. Антиохиска во градот Антиохија, како Грко-православна патријаршија на Антиохија и на целиот Исток, во градот Антиохија за првпат учениците биле наречени „христијани“. 5. Ерусалимска во градот Ерусалим, како најпочитувана патријаршија поради светите места, иако најмала по територија и моќ. Грците велат дека овие цркви биле основани од апостоли или таму се одржале вселенски собори и затоа Пентархијата. Инаку, Пентархијата официјално била оформена во законите на цар Јустинијан Први во шестиот век и потврдена со 36-от канон на Шестиот вселенски собор (680-681 година). По 1054 година, по расколот во Црквата, Пентархијата како модел од 4-6 век, престанала да функционира – Рим се одделил и останале четирите источни патријаршии: Цариград, Александрија, Антиохија и Ерусалим. Денес во православието овој принцип живее преку соборноста – ниту една помесна црква не е над другите, сите се еднакви во чест, а се разликуваат само по редоследот во диптихот (списокот на цркви по старост). По расколот во 1054 година во Пентархијата влегува и Кипарската црква, затоа што била основана од апостолите Павле и Варнава, а автокефална е од 431 година – Третиот вселенски собор во Ефес ја признал нејзината независност од Антиохија. Во диптихот, веднаш по патријаршиите стои како прва автокефална архиепископија.

Затоа во грчката свест, особено кај Кипраните, се вели: По четирите патријаршии, петта е Црквата на Кипар. Не како „петта патријаршија“ во строга смисла, туку како петта по чест во древното заедништво – наследничка на местото што некогаш го имал Рим во старата Пентархија. Во овие пет цркви, освен Грк не може друг да биде избран или хиротонисан за архијереј. Доколку Грците го прифатат канонското наследство на Македонската православна црква како Јустинијана Прима – А ТОА НЕМА НИКОГАШ ДА ГО СТОРАТ – покрај со Римската црква (денес Ватикан), „власта“ во православието ќе треба да ја делат и со Македонската православна црква. Тоа не им иде ни на крај памет. Овие нашиве месии, пак, воопшто и не ги интересира тоа, ниту, пак, го разбираат.
И бидејќи грчките цркви не го признаваат канонското наследство на Македонската православна црква врз Охридската архиепископија и Јустинијана Прима, нам ни се обраќаат како Архиепископија на Охрид – на грчки Αρχιεπισκοπή Αχρίδος – Архиепископи’ Ахри’дос, а не како на Охридска архиепископија – на грчки Αρχιεπισκοπή Αχριδών – Архиепископи’ Ахридо’н. Жалосно е што кога грчките епископи ни се обраќаат на грчки со „Архиепископија на Охрид“, грчките фанариоти во Македонија да ја манипулираат јавноста – лажно да преведуваат „Охридска Архиепископија“. Тоа на грчки не е исто. Охридска архиепископија (на грчки – Αρχιεπισκοπή Αχριδών) не е исто со „Архиепископија на Охрид“ (на грчки – Αρχιεπισκοπή Αχρίδος)!

Тодор Петров

(продолжува утре)