Има нешто навистина фасцинантно во грчката дипломатска способност секогаш да ги препознава безбедносните ризици кај соседите, а многу поретко да ги забележува сопствените придонеси во создавањето регионални тензии. Грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас сега нè предупредува дека Западен Балкан има потенцијал да предизвика дури и светски војни. И не станува збор за мала забелешка туку за мошне драматична квалификација на целиот регион, дадена пред меѓународна публика.
Човек би помислил дека Балканот е некакво буре барут што само чека некој да му фрли кибритче, а Атина е тука да го предупреди светот за катастрофата. Само што, кога веќе се делат лекции за безбедност, стабилност и опасност од војни, можеби не би било лошо грчкиот министер да погледне малку и преку Егејско Море.
Зашто таму, веднаш до грчките острови, се наоѓа Турција, со која Грција со децении има сериозни нерешени спорови за поморските граници, воздушниот простор, континенталниот гребен и военото присуство во Егејот. Двете земји, иако сојузници во НАТО, во јануари 1996 година беа толку блиску до оружен судир за ненаселениот остров Имја, што американската дипломатија мораше итно да интервенира за да спречи ескалација. Тоа не е балканска легенда, туку документирана криза во која воените сили на двете држави беа соочени една со друга.
Ниту Кипар не е безбедносна оаза, туку замрзнат конфликт во кој лесно може да се случи грчко-турска ескалација.
А и денес не недостигаат поводи за нови тензии. Во 2026 година повторно се разгореа несогласувањата околу поморските зони и истражувањата во Егејот, а самиот Дендијас зборуваше за турската воена закана и потребата од посилно грчко одвраќање. Значи, кога станува збор за сопственото соседство, Атина има разбирање за сложеноста на спорните прашања, но кога го гледа Западен Балкан, веднаш ѝ се привидуваат светски војни.
Впрочем, оваа грчка тактика ние најдобро ја чувствуваме од самостојноста до денес. Грција постојано го претставува својот северен сосед како безбедносен проблем. Во текот на повеќедеценискиот спор за името, Атина не се задоволуваше само со дипломатско спротивставување на нашето уставно име, туку во Обединетите нации постојано ги пласираше обвинувањата за наводен иредентизам, територијални претензии и загрозување на грчките интереси, претставувајќи ја независна Македонија како прашање со пошироки безбедносни импликации.
Народски кажано, Грција со години ја кодошеше Македонија пред меѓународните институции, обидувајќи се сопствениот спор за името да го прикаже како прашање на регионалниот мир и безбедност. Во 1994 година дури воведе и трговско ембарго, а во официјалната преписка до ОН ги оправдуваше своите постапки со наводни провокации од Скопје.
Сега истата таа Грција ни објаснува дека Балканот е опасен простор со потенцијал да предизвика светски војни. Кога Македонија бараше рамноправен третман, бевме безбедносен ризик. Кога Грција има проблем со Турција, тоа се сложени билатерални прашања што бараат дијалог и меѓународно разбирање.
Но можеби најголемиот проблем е што ваквиот речник доаѓа од држава членка на Европската Унија, која би требало да биде меѓу најгласните застапници на европската интеграција на регионот, а не да си игра со кибритчињата. Ако Западен Балкан е толку опасен, тогаш логичното прашање е зошто Европа толку долго го остава надвор од своите институции? Или можеби регионот е доволно добар за да служи како тампон-зона, безбедносен партнер и предмет на геополитички анализи, но не и за рамноправно членство? Ја заборави ли Дендијас Солунската агенда?
Тој зборува за опасноста од занемарување на Балканот, но можеби треба да се запраша и дали токму европското занемарување, бескрајните блокади и билатералните условувања за кои Грција беше блескав пример, не придонесуваат за политичката фрустрација во регионот. Не може од една страна да се бара стабилност, а од друга да се одржуваат отворени политички рани.
И уште нешто. Грција не е единствената земја во регионот што има нерешени спорови, но е една од оние што најдобро знаат како да ги претворат тие спорови во меѓународна политичка тема. Затоа, пред да ги предупредува другите дека можат да го запалат светот, можеби не би било лошо прво да се погледне сопствениот двор.
Се разбира Западен Балкан не е невино и непроблематично подрачје, но не е ниту некаква фабрика за светски војни. А ако веќе се бараат примери за тоа колку опасни можат да бидат нерешените соседски спорови, Атина има доволно сопствено искуство за да не мора постојано да им држи лекции на другите.
































