Фото: ЕПА

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц предупредува дека за десет години светот нема да биде ист

  • Поранешниот австриски канцелар смета дека промените во Франција и Германија се најава за подлабоки политички и општествени
    потреси, а предвидува и нова распределба на силите во американската политика

Европа влегува во период на големи промени, а она што денес изгледа како политичка криза во некои од најголемите европски држави, за една деценија може да добие сосема поинакви размери. Вакво предупредување упати поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, кој смета дека Франција и Германија веќе покажуваат дел од проблемите што ќе ја обликуваат иднината на континентот.
Говорејќи на панел-дискусијата „Ц3 Бизнис ток“ (C3 Business Talk) во Виена, Курц протестите во Франција ги посочи како „пример за тоа како погрешната миграциска политика води кон проблеми“. Според него, голем број млади луѓе се без перспектива, додека благосостојбата што ја уживале нивните родители станува сè потешко одржлива.
Не помалку загрижувачка, според него, е и политичката слика во Германија, каде што „маргиналните политички групи стануваат посилни, додека партиите на центарот остануваат релативно слаби“.
– За десет години ќе живееме во сосема поинаков свет – порача 40-годишниот Курц, сумирајќи ја својата процена за динамиката на глобалните промени.
Тој се осврна и на американската политичка иднина, прогнозирајќи дека државниот секретар Марко Рубио ќе биде кандидат на републиканците за претседател на изборите во 2028 година, додека актуелниот потпретседател Џеј Ди Венс би можел да ја добие номинацијата за втор човек на Белата куќа.
Курц, кој беше австриски канцелар во два мандата, од 2017 до 2019 и од 2020 до 2021 година, ги отфрли и шпекулациите за негово политичко враќање. Иако призна дека секогаш уживал во политичката работа, порача дека „нема желба да се врати во политиката“.
Поранешниот најмлад австриски канцелар ја напушти функцијата во октомври 2021 година, по отворањето истрага за сомневања за корупција, а два месеца подоцна целосно се повлече од политиката. Тој ги негираше обвинувањата.
Неговите оценки доаѓаат во време кога Европа се соочува со растечки политички поларизации, миграциски предизвици и преиспитување на досегашните политички модели. Дали навистина следната деценија ќе донесе поинаква Европа или станува збор за драматична прогноза на поранешен политичар, останува да покаже времето. С.Т.