Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на денешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изразила благодарност за зголемениот интерес и посветеноста на Европската Унија кон регионот, притоа истакнувајќи го нејзиниот придонес во забрзувањето на регионалните евроинтеграциски процеси.
Како што се наведува во соопштението по средбата, Силјановска-Давкова оценила дека Македонија, иако формално не е меѓу земјите од Западен Балкан со најголем напредок, според два клучни елемента – техничката подготвеност и геополитичката усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика – заслужува да биде меѓу нив, а не на споредна патека.
Во тој контекст, претседателката посочила дека причината за отсуството на земјата од групата на најуспешните е во давањето предност на билатералниот спор пред исполнувањето на Копенхашките критериуми.
Силјановска-Давкова изразила уверување дека обезбедувањето еднакви можности за Македонија, какви што имаат Украина и Молдавија, би придонело за зајакнување на институционалната подготвеност, обновување на довербата и мотивацијата за европеизација, како и за забрзување на реформскиот процес.
Таа потсетила и на потребата од одржување политичка Меѓувладина конференција согласно новата методологија и Преговарачката рамка, како и на редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
Според неа, важно е интеграцискиот процес да биде активен и да носи конкретни и видливи резултати за граѓаните.
Фон дер Лајен, како што се наведува во соопштението, истакнала дека местото на Македонија е во Европската Унија и оти Унијата ќе продолжи со поддршката на реформскиот и евроинтеграцискиот пат на земјата. Таа досегашните реформи ги оценила како импресивни.
Претседателката на Европската комисија, исто така, укажала на потребата од деблокирање на напредокот на Македонија кон ЕУ во духот на европските вредности.
Според соопштението, Фон дер Лајен изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интензивен и сестран дијалог и средби меѓу двете страни, кои, како што посочила, треба да започнат што е можно поскоро.

































