Фото: МИА/Архива

Со вкрстено испитување на сведокот Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во АД „Државна лотарија“, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“. Петковски претходно беше директно испитан од обвинителството, пренесе МИА.

Во текот на вкрстеното испитување, Петковски негираше дека има сознанија за причините поради кои била разрешена поранешната директорка на Државна лотарија, како и дали Перпарим Бајрами бил назначен со цел да ги реализира проектите поврзани со самостојно приредување игри на среќа и формирање нови друштва.

На прашањето дали му е познато дека Бајрами му кажувал оти без одобрение од Артан Груби не носел одлуки или дека за секоја одлука се консултирал со него, Петковски одговори дека не знае.

Тој негираше и дека присуствувал на средба меѓу Бајрами и Груби на бензинска станица во Карпош во текот на 2024 година.

По завршувањето на рочиштето, бранителот на Артан Груби, адвокатот Гоце Ристевски, оцени дека исказот на сведокот оди во прилог на одбраната.

-Денеска сведокот што беше на листата на Обвинителството практично беше прогласен за непријателски сведок. Тоа не можам да го коментирам. Исказот на сведокот во целост ја потврдува тезата на одбраната, а тоа е дека конкретно обвинетиот Артан Груби не преземал никакви противправни дејствија во конкретниот случај. Сведокот потврди што се случувало во рамките на Државна лотарија и дека сè било во согласност со законот – изјави Ристевски.

Петковски претходно денеска сведочеше дека повеќе развојни проекти во АД „Државна лотарија“, меѓу кои формирањето на „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“ и иницијативата за самостојно приредување електронски игри на среќа, биле покренати во мандатот на тогашниот генерален директор Перпарим Бајрами.

И во директното испитување од обвинителството, Петковски изјави дека не може да каже кои биле причините за смената на поранешната директорка Катица Николовска Прнакова, ниту дека има непосредни сознанија за односите меѓу Бајрами и Груби.

Обвинителството, оценувајќи дека поради дадените одговори Петковски повеќе не може да се смета за сведок на странката што го предложила, побара тој да биде вкрстено испитан. Судот го прифати барањето и одлучи постапката да продолжи со вкрстено испитување.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.