Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Бројот на жртви од епидемијата на ебола во Демократска Република Конго се зголеми на 4.018, додека во седум провинции досега се потврдени 8.300 случаи, покажуваат најновите владини податоци.

Епидемијата, предизвикана од сојот Бундибугио на вирусот ебола, стана најголемата и најсмртоносната епидемија на ебола во историјата на Конго, надминувајќи ја епидемијата од 2018 до 2020 година, објавија британските медиуми.

Според достапните податоци, актуелната епидемија е втора по големина во светот, веднаш зад епидемијата што ја зафати Западна Африка од 2014 до 2016 година. Тогаш во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне беа заразени повеќе од 28.600 луѓе, а повеќе од 11.000 починаа.

Конгоанската влада соопшти дека повеќе од 2.000 пациенти досега се опоравиле од болеста.

Владата на Конго и Обединетите нации минатиот месец соопштија дека има знаци на забавување на преносот на вирусот во делови од провинцијата Итури, каде што започна епидемијата.

Сепак, експертите предупредуваат дека вирусот и натаму брзо се шири во источниот дел на земјата, вклучително и во соседната провинција Северен Киву.

Северозападната провинција Јужен Убанги минатиот месец стана седмата провинција во која е прогласена епидемија, откако маж кој пристигнал од источниот дел на земјата починал од вирусот.