-Се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата, за да можеме да дојдеме со патоказ и во Северна Македонија – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
Фон дер Лајен потврди дека со Мицкоски се договориле следната недела да направат прв чекор со цел да се деблокира процесот и да се започне со негово конкретно придвижување.
-Можам да го потврдам она што го кажа премиерот дека се договоривме да имаме еден прв чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и, всушност, да го претвориме во процес, тоа е најважниот дел. Она што ќе се случува следната недела е ревидирањето на целиот тој процес на пристапување – рече таа.
Според Фон дер Лајен, и натаму има работа која треба да се заврши, но оцени дека е импресивно она што Македонија досега го направила.
Таа посочи дека некои земји веќе се длабоко навлезени во пристапниот процес, при што отвораат и затвораат поглавја, што, како што објасни, претставува дел од патоказите во процесот на пристапување.
-Во моментов, кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите коишто се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направен – подвлече Фон дер Лајен.

































