Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека како прв чекор по нејзиниот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски следната недела ќе побара официјална билатерална средба во Софија.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како Фон дер Лајен го прифатила неговиот предлог Европската Унија да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија, Мицкоски рече дека таа го советувала процесот да започне со директна билатерална средба.
-Па еве, ќе се обидам да бидам конкретен на вашето прашање и ќе излезам од формалниот дипломатски речник. Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причината за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.
Тој на прес-конференцијата нагласи дека со претседателката на Европската комисија отворено разговарале за предизвиците во односите со Бугарија.
-Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување. На денешната средба зборувавме и за тоа дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања – рече Мицкоски.
Тој додаде дека секое решение, како што посочи, мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања или дополнителни барања.
Мицкоски подвлече дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, оправдано е да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи.
Според него, целта не е одложување на процесот, туку создавање услови тој да се движи напред на стабилна и одржлива основа.

































