Фото: Маја Јаневска-Илиева

-Мојата порака е јасна – вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија – порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.

Фон дер Лајен истакна дека Северна Македонија постигнала значителен напредок во рамките на Планот за раст, што, како што рече, се должи и на ангажманот и подготвеноста на Владата.

-Веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели. Напредокот е навистина импресивен – рече претседателката на Европската комисија.

Таа потсети и на Преспанскиот договор, оценувајќи дека тој бил момент на политичка храброст кога двете земји избрале да свртат нова страница и заеднички да отворат ново поглавје.

Според Фон дер Лајен, договорот ја отворил вратата за членство во НАТО, а Северна Македонија денес е „ценет сојузник“. Таа нагласи дека слично партнерство се гради и во рамките на Европската Унија, особено во областа на безбедноста.

-Вие бевте првата земја во регионот која го потпиша партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористите инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи и вие ѝ помагате на нашата Унија. Ние сме навистина мошне благодарни за тоа – рече Фон дер Лајен.

Таа порача дека Северна Македонија, според неа, е земја која стои на зборот и која има место на масата во Европската Унија.

Фон дер Лајен потсети дека пристапните преговори започнале во 2022 година, а скрининг процесот бил завршен за помалку од една година.

-И сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер – основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик – нагласи таа.

Фон дер Лајен додаде дека Европската Унија верува оти македонската култура и македонскиот јазик можат да ја збогатат Унијата.

-Нашето мото е – различност и обединетост – и ние сме мошне сериозни по тоа прашање – рече претседателката на Европската комисија.

Во однос на Планот за раст, Фон дер Лајен оцени дека Северна Македонија постигнала напредок со усвојувањето на клучните реформи потребни за компаниите да можат да работат на единствениот европски пазар, со што економијата постепено би се приближувала кон економијата на Унијата.

Како конкретни придобивки таа го посочи приклучувањето на земјата кон СЕПА, со што се намалуваат надоместоците за одредени трансакции, како и разговорите за намалување на трошоците за роаминг.

Фон дер Лајен го посочи и новиот центар „Везилка“ како пример за постепената интеграција. Таа рече дека Македонија ќе се приклучи кон новиот центар, односно кон новата антена за вештачка интелигенција, преку која новите компании ќе добијат пристап до европски суперкомпјутер за обучување модели на вештачка интелигенција и развој на нови производи.

-Ова е одличен пример за интеграцијата и тоа е во сржта на нашата визија за проширувањето. Така доаѓам и до мојата трета порака. Се подготвувате, но се подготвуваме и ние, бидејќи проширувањето е секако двонасочен процес – рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека земјите кандидати треба да бидат подготвени за членство, но и Европската Унија треба да биде подготвена да ги пречека новите членки.

Во тој контекст, Фон дер Лајен ја спомена политиката за претпристапување, преку која ЕУ ги разгледува сопствените институции, политики и буџет со цел да утврди што треба да се подобри и промени за Унијата да може да ги пречека земјите кандидати.

-Сакаме да се осигуриме дека нашата Европска Унија е подготвена да стане поголема и да видиме како подобро да го заштитиме она што лежи во сржта на ЕУ, а тоа се демократските вредности и владеењето на правото – истакна Фон дер Лајен.

Таа додаде дека со Мицкоски разговарале и за различни аспекти од економската состојба во Северна Македонија, оценувајќи дека во регионот и Европа се создава нов момент.

-Европа ќе остане покрај вас затоа што ние сакаме да ги внесеме луѓето на Северна Македонија во ЕУ. Ова е нешто за што сме решени – порача претседателката на Европската комисија.