Европската Унија да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија и да помогне во создавањето услови за одржливо европско решение, во кое договореното ќе биде јасно, а обврските ќе важат за сите, побара денеска премиерот Христијан Мицкоски на средбата во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На заедничката прес-конференција во Владата, Мицкоски истакна дека со претседателката на Европската комисија отворено разговарале и за предизвиците во односите со Бугарија.
-Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување. На денешната средба зборувавме и за тоа дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес, но не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување повторно да не биде отворен за нови билатерални условувања – рече Мицкоски.
Тој додаде дека секое решение, според него, треба да создаде сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања или дополнителни барања.
Мицкоски нагласи дека доколку од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, оправдано е да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи. Како што посочи, целта не е одложување на процесот, туку создавање услови тој да се движи напред на стабилна и одржлива основа.
Премиерот ја потврди стратешката определба на земјата за членство во Европската Унија, посочувајќи дека се исполнуваат обврските и се спроведуваат реформите во владеењето на правото, јавната администрација, деловната клима, дигитализацијата и образованието.
Средбата со фон дер Лајен ја оцени како отворена и содржајна, со фокус на прашањата што директно ја определуваат европската иднина на земјата.
-Присуството на претседателката во регионот и нејзината континуирана посветеност на неговата европска перспектива ги цениме високо. Денешната средба беше отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина. Разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија. Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел – нагласи Мицкоски.
Тој оцени дека е време процесот да добие посилна политичка поддршка од сите европски институции.
-Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш малку и доцниме, но сепак ги завршуваме како земја која сака да стане членка на Европската Унија – рече премиерот.
На средбата било истакнато и дека Европската комисија позитивно ги оценила спроведените реформи, што овозможува понатамошно користење на средствата од Планот за раст и забрзување на економската конвергенција со Унијата.
Мицкоски нагласи дека европскиот пат не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат процесот, туку дека најголемиот дел од работата се одвива во земјата – во институциите, економијата и подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните.
-Продолжуваме со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, подобрувањето на деловната клима, дигитализацијата и реформите во образованието. Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и сакаме оваа динамика да продолжи. Европската комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи, што овозможи натамошно користење средства од Планот за раст – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека е особено важно граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од европската интеграција и пред формалното членство, преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.
-Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Планот за раст е поставен токму врз оваа логика: постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата. Коридорот 8 е добар пример за тоа како европската интеграција изгледа кога од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето. Нашата амбиција е јасна – додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава – истакна премиерот.
































