По повеќе од три децении, книгата „Скопскиот атентат“ повторно го отвора прашањето за еден од најсложените безбедносни случаи во независна Македонија – атентатот врз првиот претседател на државата, Киро Глигоров, се вели во најавата за промоцијата на најновата обемна книга на д-р Зоран Доревски во сабота, 3 октомври, во 11 часот во хотелот Холидеј Ин.
Студијата „Скопскиот атентат“ од д–р Зоран Доревски претставува квалитетно изведена монографска анализа на политичкото насилство извршено врз претседателот Киро Глигоров во 1995 година. Таа се заснова врз систематизирани сознанија, податоци и факти што овозможуваат убедлива реконструкција на околностите, актерите и последиците од еден од најзначајните безбедносни настани во современата македонска историја.
Книгата претставува заокружена криминалистичка анализа на сложениот феномен атентат, при што се идентификуваат политичките, безбедносните, регионалните и геостратегиските фактори што директно или индиректно влијаат врз неговото планирање, извршување и расветлување.
… „Смислата на ваквите академски анализи не е да ја заменат судската вистина ниту институционалната одговорност, туку да создадат поширока аналитичка рамка во која расфрланите факти, сведоштва и настани ќе бидат доведени во логична врска и ќе овозможат подлабоко разбирање на сложените историски процеси.“
Проф. д-р Цане Т. Мојаноски
Рецензент
… „Посебната вредност на ова дело е во тоа што атентатот не се разгледува само како поединечно кривично дело, туку како сложен политичко-безбедносен феномен во кој се испреплетуваат криминалистички, геополитички, разузнавачки и општествени фактори. Ваквиот интердисциплинарен пристап на авторот претставува редок пример во современата литература во Југоисточна Европа.“
Академик проф. д-р Неџад Корајлиќ
Рецензент
… „Зоран Доревски, во најдоброто светло на писателите на трилери, се обидува — и во тоа успева — од обидот за убиство на македонскиот претседател Киро Глигоров во 1995 година во Скопје да создаде своевиден документ за тој настан, детално анализирајќи сè: од геополитиката и тајните служби, па сè до последниот форензички детаљ, додавајќи му на сето тоа добра доза детективски наратив“…
м-р Бранислав Јанковиќ – Лагуна – пистел
































